Реакција: „Може ли инфицираните да живеат нормално без да бидат обележани?“

Здружението Заедно посилни остро реагира на веста на zenit.mk со наслов „X 30 години живее со СИДА вирусот“. Објавата е школски пример за тоа како вест може да биде полна со лаги, спротивна на стандардите на новинарството, сензационалистичка, без трошка на истражувачко новинарство, неетичка, целосно бесчувствителна и понижувачка за новинарската професија. Напомена: Сите информации коишто може да доведат до идентификација на лицето, како и фотографиите, се редактирани од страна на Здружението поради заштита на приватноста, која е флагрантно прекршена од страна на медиумот.

Имено, на 3-ти февруари 2024 година, порталот zenit.mk објавил вест со наслов „X 30 години живее со СИДА вирусот“ која содржи фотографии од лице што живее со ХИВ, направени на гробот на сопругата и децата, и негови лични податоци и покрај експлицитната забрана да го снимаат и да пишуваат за него.  

Лажни вести

Медиумот, во својата објава, наведува дека лицето е првото лице заразено со ХИВ вирусот во Македонија. Таквата информација е неточна. Доколку медиумот сакал да напише вест за првиот дијагностициран случај на ХИВ-инфекција, што содржи точни информации, можел да ги консултира извештаите на Институтот за јавно здравје, каде што е наведено дека првиот случај на ХИВ-инфекција е регистриран во 1987 година. До 1994 година, веќе имало потврдено 12 случаи на ХИВ-инфекција во Македонија. Од друга страна, медиумот изјавува лицето „ги заразил двете деца и сопругата“. Таквата информација е класична дезинформација, бидејќи не се знае со сигурност кој кому му пренел вирус во односот меѓу сопружниците. Освен тоа, речиси е невозможно тој да им го пренел вирусот ХИВ директно на своите деца; по секоја веројатност тие биле инфицирани при самото раѓање од својата мајка.

Флагрантно кршење на стандардите на новинарството

Еден од основните принципи на новинарството е почитување на приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес, и почит кон личната болка и жалост. Во својата вест, медиумот го наведува името на лицето и неговото семејство, нивните години на раѓање, годините на смрт на неговото најблиско семејство поради ХИВ, местото на живеење, локацијата на неговото живеалиште и (претпоставениот) начин на пренос на ХИВ. Дополнително, медиумот продолжува со информации за тоа што лицето морало да прави во минатото за да се прехрани и да се стопли. Сите овие информации се флагрантно, сериозно и противзаконско задирање во правото на приватен и семеен живот. Сите детали, вклучувајќи ги имињата на лицето и неговото најблиско семејство, нивните години на раѓање и смрт, местото на живеење и локацијата на нивното претходно живеалиште, не служат на јавниот интерес и претставуваат повреда на човековото право на приватност. Дополнително, известувањето за начинот на преживување на лицето во минатото е невкусно, деградирачко и одраз на тоа како медиуми може да наштетат во напорите на системот и граѓанскиот сектор за обезбедување на достоинствен живот на луѓето што живеат со ХИВ. Уште повеќе, во самата вест, медиумот наведува дека лицето изрично побарало да не го снимаат и да не пишуваат за него. Самото продолжување со известување, и покрај тоа што новинарите забележале дека снимањето и темата претставува извор на вознемиреност и болка на лицето, е одвратно и понижувачко. Од друга страна, фактот што лицето е фотографирано додека го посетува гробот на својата сопруга и децата е пример за малограѓаштина, медиумско лешинарство и знак на немање новинарски интегритет. 

Би сакале да потенцираме дека неовластено снимање и фотографирање  е основа за кривична одговорност според Кривичниот законик, а споделување на лични податоци без основ е прекршување на Законот за заштита на лични податоци и основа за постапка пред Агенцијата за заштита на лични податоци.

Сензационализам пополнет со дезинформации и незнаење

Медиумот нотира дека лицето уште е живо и во општа добра здравствена состојба, иако било дијагностицирано со ХИВ пред триесетина години. Во таа насока, медиумот констатира дека тој со децении живее без да покажува знаци на болест, запрашувајќи дали лицето „пркоси на медицината“, „ја демантира науката“ или има „ген за долг живот“. Дополнително, медиумот поставува прашања за тоа дали лицето прима антиретровирусна терапија и дали на лицето му се нарушени човековите права. Доколку медиумот направил истражување за темата, не би имало потреба за поставување на прашања и сензационалистичко известување. Современата терапија за ХИВ, која е достапна во Северна Македонија, обезбедува: луѓето што живеат со ХИВ да имаат одличен квалитет на живот, да бидат во добра општа здравствена состојба, да бидат работоспособни, да живеат онолку долго колку и луѓето со негативен ХИВ-статус и да не можат да го пренесат вирусот на друго лице. Таквите важни информации кои придонесуваат за сузбивање на митовите и предрасудите за ХИВ не нашле свој простор во веста, иако основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината, етичките вредности и професионалните стандарди при пренесувањето на информациите. Луѓето што живеат со ХИВ вообичаено немаат некакви специфични знаци на болест, а самата дискусија за видливи знаци на ХИВ покажува дека медиумот сѐ уште функционира со информации од 80-тите години на минатиот век. Додека порталот Зенит прашува „Може ли инфицираните да живеат нормално без да бидат обележани?“, самиот го дава и одговорот: тоа не е можно, бидејќи има луѓе и медиуми како порталот Зенит коишто ќе ве обележат, дури и ако експлицитно им кажете дека не сакате да бидете снимани и да пишуваат за вас. Самиот медиум грубо му го крши правото на приватност преку јавно објавување на медицински податоци и известување кое го понижува човековото достоинство и личноста.

Несоодветна терминологија

Терминологија што ја користи порталот, како „СИДА вирусот“, „заразен од СИДА“ и „носител на ХИВ-вирусот“ се термини одамно напуштени поради тоа што се стигматизирачки, а некои од нив и сосема неточни. Согласно насоките за терминологија на UNAIDS од 2015 година, соодветните термини се „ХИВ-вирусот“ и „лице што живее со ХИВ“. Јазикот користен во самата вест дополнително докажува за тоа колку време е посветено на пишување на веста и истражувањето позади неа. 

Здружението Заедно посилни бара повлекување на веста и јавно извинување за начинот на известување за ХИВ од zenit.mk. Воедно, Здружението бара медиумското известување за темата да биде согласно стандардите на новинарството, со почитување на човековите права и слободи, вклучувајќи го и правото на приватен и семеен живот, и известувањето да биде базирано на научни докази и во насока на едукација и на општото добро.