За нас

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ е здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ во Северна Македонија. Членовите на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ се лица што живеат со ХИВ, како и нивни блиски поддржувачи. Основано е во 2009 година, како група за поддршка и активизам на заедницата во склоп на асоцијацијата ХЕРА, а како посебна организација е регистрирано во декември 2013 година.

Нашето делување е во насока на зајакнување на луѓето што живеат со ХИВ како рамноправни членови на општеството, за почитување на нивното достоинство и остварување на нивните здравствени и човекови права. Посебно се залагаме за обезбедување континуиран пристап до современа антиретровирусна терапија и сеопфатен третман на ХИВ-инфекцијата и состојби поврзани или неповрзани со ХИВ, а во согласност со најсовремените достигнувања во науката.

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ покрива неколку клучни области во своето работење:

  • Обезбедување поддршка за луѓето кои живеат со ХИВ во Северна Македонија (социјална, психолошка, врсничка и правна помош);
  • Застапување за правата на луѓето кои живеат со ХИВ, особено во пристапот до терапија и сеопфатна здравствена грижа и учество во креирањето на јавните политики за заштита од ХИВ;
  • Организирање едукативни и креативни работилници со членовите на заедницата;
  • Подигнување на јавната свесност за ХИВ, зголемување на опфатот со тестирање и елиминирање на стигмата и дискриминацијата поврзани со ХИВ; и
  • Услуги за тестирање за ХИВ во рамки на заедницата преку CheckPoint-центарот и работа на терен со фокус кон мажите кои имаат секс со мажи.

Под овие цели, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ обединува луѓе различни по пол, возраст, сексуална ориентација, родов идентитет, етничка припадност, верско убедување, социјален и образовен статус и сл.