📢 Здружението за здравствени политики и права ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје остро реагира на емисијата AGNESA SHOW на порталот a1on.mk, емитувана на 20.5.2026 година, со гостинот Иван Исцелител.
⚠️ Имено, при гостувањето водителката му поставува прашање на гостинот дали помогнал на некој којшто бил тежок случај и немал решение, притоа барајќи медицински доказ, на што гостинот одговара дека излечил пациент со ХИВ/СИДА, и ги покажува медицинските документи, притоа нагласувајќи дека тоа е со дозвола на пациентот. Гостинот посочува дека досега со наука ниту еден пациент не се излекувал од ХИВ, и дека тој „спасил“ 85 пациенти досега. Дополнително, гостинот додава дека постои терапија која го стабилизира вирусот, ама дека сите пациенти порано или покасно умираат. Таквата изјава е класичен пример за тоа како една изјава од само две минути може да биде полна со многу лаги, спротивна на стандардите на новинарството, и директно да штети на јавното здравје.
🧬 Лек за ХИВ
❌ Гостинот тврди дека ниту еден пациент досега не бил излекуван од ХИВ. Таквото тврдење е лажно. Досега седум пациенти во светот се излекувани од ХИВ, преку трансплантација на матични клетки, потребно за лекување на други дијагнози. Таквото достигнување е значајно за изнаоѓање на лек од ХИВ, и потребни се дополнителни истражувања за трајно излекување на инфекцијата. Посочениот метод – пресадување на матични клетки, не се препорачува за лекување на ХИВ-инфекцијата.
💊 Терапија за ХИВ
❌ Гостинот тврди дека постои терапија која го стабилизира вирусот, ама дека сите пациенти порано или покасно умираат. Таквото тврдење е лажно. Антиретровирусната терапија (АРТ) го спречува размножувањето на ХИВ вирусот во телото, со што го заштитува имунолошкиот систем и спречува прогресија на инфекцијата во СИДА. Современата терапија за ХИВ, која е достапна во Македонија, обезбедува: луѓето што живеат со ХИВ да имаат одличен квалитет на живот, да бидат во добра општа здравствена состојба, да бидат работоспособни, да живеат онолку долго колку и луѓето со негативен ХИВ-статус и да не можат да го пренесат вирусот на друго лице. Таквите важни информации кои придонесуваат за сузбивање на митовите и предрасудите за ХИВ не нашле свој простор во емисијата, иако основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината, етичките вредности и професионалните стандарди при пренесувањето на информациите.
📍 Апел
🩺 Апелираме до граѓаните дека доколку добијат позитивен резултат од ХИВ-тест, треба да се упатат на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје за потврда на таквиот резултат, поставување на дијагноза и понатамошно лекување. Досега, антиретровирусната терапија е единствената терапија за ХИВ којашто дава резултати.
📰 Апелираме до медиумите медиумското известување за темата да биде согласно стандардите на новинарството, со почитување на човековите права и слободи, и да внимаваат кога обработуваат теми со лица коишто немаат никаква експертиза на темата и го користат медиумскиот простор за ширење на лажни информации.
⚖️ На крај, ги потсетуваме самопрогласените здравствени експерти дека надрилекарството е казниво согласно член 209 од Кривичниот законик.













