Центарот за ХИВ е посебен дел од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби кој нуди услуги за лекување, здравствена грижа и поддршка за луѓето што живеат со ХИВ, како и услуги за тестирање и советување за ХИВ за сите заинтересирани. Тој е познат по пријателскиот однос кон клиентите, професионалноста и доверливоста.
Центарот негува соработка со граѓанските организации што работат на полето на поддршката и превенцијата во врска со ХИВ. Популарно е познат и како Советувалиште за ХИВ.
За лицата што живеат со ХИВ
Во рамките на Центарот можете да добиете услуги за дијагностика, лекување и здравствени прегледи во врска со ХИВ-инфекцијата, како и психосоцијална поддршка. Медицинските услуги се покриени од посебната амбуланта за ХИВ во состав на Центарот.
Преку Центарот може да бидете поврзани и со други лица со ХИВ обучени како врснички советувачи, кои ќе ви помогнат да добиете одговори на најразлични прашања што произлегуваат од живеењето со ХИВ. Исто така, може да бидете поврзани и со други услуги на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје или со услугите на други здруженија или институции.
Сите здравствени и психосоцијални услуги се бесплатни за лицата со здравствено осигурување. Центарот обезбедува поддршка за регулирање на здравственото осигурување за оние што од кои и да е причини не се покриени со активно осигурување.
Што може да очекувате?
– Првиот преглед и консултации се вршат без закажување (секој работен ден од 7:30–14:00 часот)
– Медицински третман и следење од страна на лекар специјалист (со претходно закажување преку „Мој термин“ од страна на матичниот лекар, секој работен ден од 7:30–14:00 часот). Доколку имате проблем со наоѓање на матичен лекар којшто е упатен и сензитивен во однос на пациенти со ХИВ-инфекција, не колебајте се да ни се обратите за помош
– Подигнување на антиретровирусната терапија, која е целосно бесплатна (без партиципација) – секој работен ден од 7:30–14:00 часот
– Психосоцијално советување – советување со психолог и/или социјален работник кои ќе ви помогне вам или на вашите блиски да разговарате за проблемите и полесно да се справите со нив – секој работен ден од 7:30–14:30 часот, а секој вторник до 17:00 часот
– Поддршка за лица во социјален ризик обезбедена од Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ: покривање патни трошоци за преглед и подигнување терапија и помош во прехранбени и хигиенски производи
– Поврзување со услугите за поддршка на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ: врсничко советување, групи за поддршка, обуки и работилници, волонтерски ангажман и др.
– Дневна болница за евентуални краткотрајни интервенции – во работен ден од 7:30–14.00
Бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ
Какви услуги може да добиете кај нас?
– Бесплатно и доверливо тестирање секој работен ден од 7:30–13:00 часот
– Советување пред и по ХИВ-тестот
– Советување и консултации за сексуално преносливи инфекции (СПИ) – секој работен ден од 7:30–14:00 часот
– Упатување до други сервиси и здравствени институции што третираат ХИВ, хепатит Б и Ц, сексуално преносливи инфекции
– Подигнување бесплатни кондоми и лубриканти
Не е потребно претходно закажување.
Не се потребни документи за идентификација (здравствена легитимација, упати или лична карта).
Тестирањето се изведува анонимно под шифра.
Како да не контактирате?
Центар за советување и тестирање за ХИВ
Во склоп на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби
ул.Водњанска бр.17 – Скопје
(посебен влез помеѓу влезот на Амбулантата и службениот влез на Клиниката, преку тревникот)
Тел. 078 619 185
Што ако ми е потребна потврда за ХИВ-статусот со мое име и презиме?
Центарот не издава потврда за вашиот ХИВ-статус (направениот тест е само за ваше информирање). Во случај да ви е потребна потврда со вашиот ХИВ-статус за виза или некој друг документ каде што мора да биде наведено вашето име и презиме, можете да се обратите во Амбулантата на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Здравствените услуги се вршат со здравствена легитимација и упат и се наплаќа партиципација. За издавање на потврда на англиски јазик се плаќа приватно.