Повик за ангажирање консултант: консултант за изработка на анализа за законската рамка на Република Северна Македонија за медицинските податоци

Краен рок за пријавување: 28.3.2024 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање консултант за изработка на анализа за законската рамка на Република Северна Македонија за медицинските податоци и можни законски и подзаконски измени и дополнувања во однос на пристапот до и заштитата на медицинските податоци. Оваа консултантска позиција е овозможена во рамките на националниот проект „Безбедноста на медицинските податоци на пациентите во Северна Македонија и нејзината поврзаност со дискриминацијата“, кој е финансиски поддржан од Stichting Digital Freedom Fund од Амстердам, Холандија. 

1. Контекст

Република Северна Македонија има воспоставено интегриран здравствен информатички систем (во понатамошниот текст: МојТермин), за чија надградба, оптимизација, извршување, регулирање, одржување и контрола е надлежна Управата за електронско здравство. Помеѓу другото, МојТермин ги содржи медицинските податоци на пациентите во државата. Северна Македонија има донесено низа законски и подзаконски акти, кои го регулираат системот и евиденциите од областа на здравствтото кои ги содржи. Во таа насока, Министерството за здравство има донесено посебен подзаконски акт, кој го регулира начинот на пристап, дистрибуција, издавање, користење, чување и заштита на податоците од МојТермин. Овој акт предвидува дека секој лекар има пристап до МојТермин и може да внесува медицински податоци за пациентите, да креира упат и други документи, да ги следи листите на чекање и да ги испечати извештаите, упатите и другите документи од системот. Таквата рамка дозволува широк пристап на здравствените работници од сите профили до медицински податоци, вклучувајќи и податоци кои не се неопходни за одредено медицинско згрижување, што не е во согласност со законската рамка за заштита на лични податоци и може да доведе до дискриминација во случаи на дијагнози кои се високо стигматизирани во општеството, како што е ХИВ-инфекцијата.

Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ досега има регистрирано значителен број случаи на дискриминација на пациенти со ХИВ во рамките на здравствениот систем (како во јавни, така и во приватни здравствени установи) како резултат на откривањето на информацијата за нивниот ХИВ-статус, вклучително и во ситуации кога таа не е релевантна за конкретниот здравствен третман што треба да го добијат. Оттука, како и од консултацијата со надлежни институции како што се Управата за електронско здравство и Агенцијата за заштита на лични податоци, Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ иницира подготовка на анализа на постојната законска рамка за евиденциите во областа на здравството, компаративна анализа на регулативата што ја регулира истата материја во 3 држави од Европската Унија и/или регионот, и предлог-измени и дополнувања на постоечките закони и подзаконски акти за евиденциите од областа на здравството. Изготвувањето на ваква анализа се очекува да придонесе кон отвoрање дијалог за тоа како медицинските податоци се собираат, се обработуваат и користат, како нелегитимниот и непропорционалниот пристап до медицинските податоци може да доведе до дискриминација, потребата од подетална регулација на пристапот до медицинските податоци и можни постоечки законски решенија од други држави за да се намали непропорционалниот пристап до медицинските податоци. 

2. Опис на работните задачи

Од ангажираниот консултант се очекува да ги исполни следниве задачи:

  • Да развие методологија за анализа на важечките законски прописи на Република Северна Македонија, особено од Законот за здравствената заштита, Законот за евиденциите од областа на здравството, Законот за заштита на личните податоци, како и други релевантни подзаконски акти, коишто ја регулираат материјата околу обработката и пристапот до медицинските податоци (2 дена);
  • Да направи анализа на важечките законски одредби во Република Северна Македонија, особено од Законот за здравствената заштита, Законот за евиденциите од областа на здравството, Законот за заштита на личните податоци, како и други релевантни подзаконски акти, коишто ја регулираат материјата околу пристапот до и заштитата на медицинските податоци (5 дена);
  • Да направи споредбена анализа на важечки законски прописи на 3 држави од Европската Унија и/или регионот коишто ја регулираат материјата околу пристапот до и заштитата на медицинските податоци и релевантната пракса од Европскиот суд за човекови права (20 дена);
  • Да изготви предлог-измени и дополнувања на Законот за евиденции од областа на здравството и подзаконските акти за подобро регулирање на пристапот до и заштитата на медицинските податоци, со цел усогласување со меѓународните стандарди и минимизирање на случаи на дискриминација поради непропорционален пристап до медицински податоци (3 дена). 
  • Да ги презентира резултатите од анализите на консултативен состанок со засегнати страни, кој ќе се одржи во октомври 2024 г.

Проценет обем на консултантскиот ангажман: 30 консултантски денови

На повикот може да се јават и повеќе од едно лице, во својство на тим, или правно лице.

Одговoрно лице за спроведување на ангажманот на консултантот ќе биде правниот советник во Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

3. Профил и неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:

  • Одлично познавање на проблематиката на законските прописи за заштита на лични податоци од областа на здравството;
  • Искуство во научно-истражувачка работа во областа на личните податоци, и 
  • Изградени способности за самостојна и тимска стручна работа.

4. Критериуми за избор 

Предност за добивање на ангажманот ќе имаат кандидати со:

  • Искуство во проекти или иницијативи во областа на заштитата на личните податоци и/или здравствениот информатички систем во Република Северна Македонија;
  • Искуство во научно-истражувачка работа, проекти или иницијативи за заштита на лични податоци во други земји;
  • Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.

5. Временска рамка, надомест и други услови

Предвидениот обем на консултантскиот ангажман изнесува 30 (триесет) консултантски дена. Спроведувањето на задачите наведени во точка 2 треба да заврши до 30 ноември 2024 г. 

Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантски услуги, а ќе биде надоместен со бруто износ од 9.219,00 денари за еден консултантски ден.

Во однос на динамиката на испорака, консултантот треба да достави: 

  1. методологија за анализата, во рок од 15 дена од денот на потпишување на договорот (конечната методологија е предмет на договор со и одобрување од страна на нарачателот);
  2. нацрт-анализа на важечките законски одредби во Република Северна Македонија, во рок од 45 дена од денот на потпишување на договорот, односно до крај на месец мај 2024 година;
  3. нацрт-споредбена анализа на важечки законски прописи на 3 држави од Европската Унија и/или регионот за медицинските податоци, во рок од 120 дена од денот на потпишување на договорот, односно до крај на месец јули 2024 година;
  4. предлог-измени  и дополнувања на Законот за евиденции од областа на здравството и подзаконските акти за подобро регулирање на пристапот до и заштитата на медицинските податоци, во рок од 30 дена по доставувањето на нацрт-споредбената анализа, односно до крај на месец август 2024 година.
  5. Конечни верзии на документите од точките 2, 3 и 4 – најдоцна до 30 ноември 2024 г.

Краен рок и потребни документи за пријавување

Најдоцна до 28.3.2024 г., заинтересираните кандидати треба да достават:

  • Изјава за интерес
  • Професионална биографија;
  • Предлог-методологија за анализата, не повеќе од 2 страници.

Документите за пријавување на повикот со назнака „апликација – анализа за законската рамка на Република Северна Македонија за медицинските податоци“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:

[email protected]

Постапка за избор на консултант

Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу двајца најдобро рангирани кандидати може да биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот.