Новости

ПОВИК за ангажирање консултант за статистичка обработка, анализа и интерпретација на клиничките и бихејвиоралните податоци добиени преку пилот студија за предекспозициска профилакса.

Скопје, 07 декември, 2021

Рок за пријавување: до 15 декември 2021 г.

Контекст

Имајќи го предвид непостоењето на каква било формална услуга за предекспозициска профилакса (ПрЕП) за ХИВ во Северна Македонија, Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје, во соработка со нашиот партнер Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, во јануари 2021 започна со имплементација на пилот-студија за воведување на ПрЕП во Северна Македонија со назив „Воведување на предекспозициска профилакса (ПрЕП) за ХИВ во Северна Македонија: демонстрациски проект за утврдување на изводливоста и прифатливоста на обезбедувањето на ПрЕП како дел од зајакнувањето на услугите за сексуално здравје“ (понатаму: пилот-студијата), која ќе обезбеди основи за подобро да се разбере на кој начин здравствениот систем би можел да ја интегрира ПрЕП во постојните услуги и да поттикне пристап до мошне потребните интервенции за да се преобратат актуелните растечки трендови на инциденцата на ХИВ во земјата. Пилот-студијата е дел од регионалниот проект „Одржливост на сервисите за клучните популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ (#SoS_project), раководен од Алијансата за јавно здравје од Украина со финансиска поддршка од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, чии активности на ниво на С. Македонија се спроведуваат од Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

Резултатите од пилот студијата за воведување на ПрЕП во Северна Македонија за 2021 ќе обезбедат соодветни докази за воведување на ПрЕП како редовна услуга од пакетот за сеопфатно сексуално здравје, подобрување на превентивните политики за ХИВ во Северна Македонија, како и подобро согледување на актуелните состојби со ХИВ и сексуално преносливите инфекции во рамки на популациите засегнати од ХИВ.

Овој повик за консултант се објавува со цел да се ангажира експерт кој ќе помогне во статистичката обработка и интерпретација на податоците собрани од тековната студија.

Консултантска позиција

Овој повик се однесува на следнава позиција:

Консултант за статистичка обработка, анализа и интерпретација на клиничките и бихејвиоралните податоци добиени преку пилот-студија за предекспозициска профилакса

 

Опис на работните задачи

Консултантот за статистичка обработка и анализа на клиничките и бихејвиоралните податоци треба да ги изврши следниве задачи, неопходни за евалуација и изготвување финален извештај и публикации од пилот-студијата:

  • Да примени соодветни статистички операции од дескриптивната и аналитичката статистика со цел обработка на податоците дефинирани со примарните и секундарните цели и примарните и секундарните одредници во протоколот на студијата, односно:
    • Дистрибуцијата на карактеристиките на двете интервенциски групи да ја спореди со χ-квадрат тест за категориски податоци и студентов t-тест или тест на збир од рангови за континуирани податоци,
    • Да ја истражи поврзаноста меѓу изборот на интервенциската стратегија и потенцијалните детерминанти со униваријантна и мултиваријантна анализа на логистичка регресија,
    • Мултиваријантното градење на модел да го изврши преку употреба на етапна обратна процедура, вклучувајќи ги сите променливи со униваријантна p-вредност помала од 0,10,
    • Да примени соодветни униваријанти и мултиваријантни статистички методи (Poisson, логистичка регресија), коригирани за повторни мерења кај поединци за да се истражат промените низ времето и поврзаните детерминанти,
    • Временските трендови и детерминанти да ги истражи преку униваријантни и мултиваријантни регресиони анализи;
  • Да изработи табеларни и графички прикази на податоците од студијата;
  • Да изготви детална интерпретација на сите податоци добиени преку статистичката анализа, соодветна за публикација;
  • Да подготви финален извештај во вид на комплетен приказ на резултатите од студијата и нивна соодветна интерпретација.

Консултантот има обврска при изготвувањето на анализите да ги следи насоките на истражувачкиот тим на пилот студијата.

 

Обем на ангажманот и временска рамка

Ангажманот на консултантот треба да се спроведе во периодот од 20 декември 2021 г. до 15 јануари 2022 г.

За извршување на ангажманот од консултантската позиција предвидени се 7 консултантски денови.

Надомест и други услови

По завршувањето на задачите соодветни за консултантскиот ангажман на консултантот ќе му биде исплатен бруто надомест од 150 долари во денарска противвредност за еден консултантски ден.

Профил и неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните основни квалификации:

  • Универзитетска диплома
    • Одлично познавање на компјутерските програми Excel и SPSS или STATA или еквивалентни програми
    • Не помалку од 3 години искуство во научна или стручна работа со примена на статистичка обработка на податоци
    • Претходно искуство од работа на анализи релевантни за конкретниот ангажман
    • Одлично познавање на англискиот јазик

Критериуми за избор

Изборот ќе се спроведе врз основа на нивото на исполнување на неопходните квалификации за овој повик, како и следниве критериуми за предност:

  • Универзитетска диплома од областа на медицината или медицинските науки или јавното здравје;
  • Искуство во областа на јавното здравје, медицината или статистика во здравствениот сектор.

Краен рок и потребни документи за пријавување

За пријавување на повикот заинтересираните кандидати треба да ја достават својата професионална биографија, во која особено ќе ги истакнат потребните квалификации за избор и релевантното научно и стручно искуство, на следната е-маил адреса: [email protected] со назнака „ПрЕП-МКД_статистичка анализа“.

Пријавата може да вклучи публикувани материјали и/или друга претходна стручна работа на кандидатот релевантна за овој конкретен повик (во форма на линк или прилог).

Контакт лице за овој повик е Виктор Симеоновски, проектен координатор за ПрЕП во ЗАЕДНО ПОСИЛНИ: е-маил адреса: [email protected].

Краен рок за пријавување на повикот е 15 декември, 2021 г.

Повик за ангажирање консултант за изработка на кодекс на однесување и процедура за заштита при повредување на кодексот

Датум на објавување: 30 септември 2021 г.
Краен рок: 7 октомври 2021 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање консултант за развивање на кодекс на однесување и процедура за заштита при повредување на кодексот.  Кодексот, како внатрешна организациска политика ќе ги содржи основните вредности и правила на добро однесување во организацијата, во сите аспекти на нејзината работа. Кодексот ќе се однесува на членовите, вработените, давателите на услуги и волонтерите кои се вклучени во различни сегменти на работата на Здружението. Целта е со него да се осигури добра деловна комуникација, подобрени услови на работење и добар организациски имиџ.

Развивањето на Кодексот на однесување е овозможено во рамките на институционалниот грант од програмата Цивика Мобилитас.

Опис на ангажманот

Ангажираниот консултант ќе треба да ги исполни следниве задачи:

  • Да осмисли и фацилитира еден до три консултативни состанок со назначена работна група;
  • Врз основа на спроведениот консултативен процес да понуди препораки и насоки за развивање на Кодексот, што треба да обезбедат добра внатрешна и надворешна комуникација, доверба и интегритет во секојдневната работа во согласност со водечките принципи на Здружението;
  • Да достави предлог-документ во форма на внатрешна организациска политика со јасно изложување на дефинираните вредности и стандарди за успешна комуникација, правилно постапување со информации, одржување на доверливоста и интерна постапка за справување при прекршување на кодексот; Документот треба да биде концизен и не треба да биде подолг од 5 страници во Word со фонт Calibri и големина 12.
  • Да подготви финална верзија на Кодексот на однесување.

За својата работа консултантот одговара пред извршниот директор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

Профил и неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:

  • Диплома за завршено високо образование;
  • Искуство во спроведување на слични процеси во областа на организацискиот развој;
  • Способности за планирање и организација и навремено исполнување на зададените задачи;
  • Изградена способност за тимска работа;
  • Одлично познавање на македонскиот и англискиот јазик.

Критериуми за избор

Предност ќе имаат кандидати со:

  • Искуство во развивање организациски политики со сродна тематика и во сродни организации;  
  • Соодветна лична мотивација за конкретниот ангажман;
  • Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.

Временска рамка, надомест и други услови

Процесот на развивање на кодексот на добри практики и подготовката на финалниот документ треба да заврши до 31 октомври 2021 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантските услуги со покриен персонален данок на доход. Предвидениот надомест за овој ангажаман е во бруто износ од 27.500,00 денари.

Консултативните состаноци ќе се одвиваат он-лајн преку платформата ZOOM.

Краен рок и потребни документи за пријавување

Најдоцна до 7.10.2021 г., заинтересираните кандидати треба да достават:

  • Писмо за интерес (до 250 збора) во кое накратко ќе го образложат предложениот пристап што би го примениле и ќе се осврнат на личната мотивација за овој ангажман;
  • Професионална биографија, која ќе го прикаже работното искуство релевантно за овој повик.
  • Контакт за препорака од одговорно лице од граѓанска организација за која консултантот спровел релевантен процес од областа на развивање организациски политики или од областа на организацискиот развој: име и презиме, телефон и електронска пошта.

Документите за пријавување на повикот со назнака „Повик за консултант – кодекс на однесување“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:

[email protected]

Постапка за избор на консултант

Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу тројца најдобро рангирани кандидати ќе биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот. Сите кандидати ќе бидат известени за резултатот од изборот по електронски пат во рок од 7 дена по затворањето на повикот.

ПОВИК за ангажирање консултант за развивање на комуникациска стратегија и протокол за комуникација

Датум на објавување: 18 август 2021 г.
Краен рок: 25 август 2021 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за ангажирање консултант за развивање на комуникациска стратегија и протокол за комуникација на Здружението.

ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ

ПОВИК за ангажирање консултант за развивање веб-содржини за политиките за достапност на лекови во Северна Македонија

Датум на објавување: 21 мај 2021 г.
Краен рок: 28 мај 2021 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за ангажирање консултант за развивање веб-содржини во врска со политиките за достапност на лекови во Северна Македонија наменети за веб-страната на Здружението.Целта на оваа активност е да се развие сегментот на веб-страната на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ којшто се однесува на пристапот до лекови во Република Северна Македонија воопшто, со информации и осврти на актуелните политики за лекови, кој треба да служи уникатен ресурс од оваа област за пациентите воопшто и за граѓанскиот сектор.  

ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ