Повик за ангажирање консултанти

Датум на објава: 31.5.2024 г.
Краен рок за пријавување: 7.6.2024 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за група консултантски ангажмани поврзани со унапредување на планирањето и спроведувањето на четири владини здравствени програми преку обезбедување докази и развивање предлози за унапредување на правната рамка. Консултантските ангажмани од овој повик се овозможени во рамките на партнерскиот проект „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“ финансиски поддржан од Програмата Цивика Мобилитас со средства од Швајцарската Влада, и регионалниот проект „Одржливост на сервисите за клучните популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ (#SoS_project 2.0), кој е финансиски поддржан од Глобалниот фонд за борба против СИДА. 

Овој повик за ангажирање консултанти се однесува на следниве консултантски ангажмани:

  1. Анализа на можностите и на постоен предлог за измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита со цел да се регулира улогата на граѓанските организации во нудењето одредени услуги од здравствената заштита (обем на ангажманот: 8 консултантски денови)
  2. Развивање предлог-текст за подзаконски акти што ќе го дорегулира начинот и условите под коишто граѓански организации може да нудат одредени услуги од здравствената заштита (обем на ангажманот: 10 консултантски денови)
  3. Економска анализа на 4 здравствени програми врз основа на претходно изработена детална програмска и финансиска анализа (обем на ангажманот: 14 консултантски денови)
  4. Ревидирање на трошоците за услугите за превенција на ХИВ наменети за клучни засегнати популации со определување на трошок по клиент и утврдување на пакети на услуги финансирани во рамките на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција (обем на ангажманот: 12 консултантски денови)

1. Контекст

Различни категории граѓани уживаат незадоволителна корист од мерките и активностите утврдени со посебните владини програми, кои им се гарантирани со Законот за здравствена заштита. Така, на пример, со скринингот на рак на грлото на матката се опфаќаат околу 28 % од жените од целната група (наспроти опфатот од над 75 % во ЕУ), додека со скрининг за рак на дојка се опфатени едвај 1  % од жените од целната возрасна група (наспроти опфатот од 50 % – 83 % во ЕУ). Опфатот на Ромките со здравствени услуги за време на бременоста е драстично помал во однос на стандардите пропишани со важечки протоколи: помалку од една четвртина од бремените Ромки имале корист од мерките од програмите на Министерството за здравство. Доенечката смртност, која изнесувала 4,5 % во 2021 година на национално ниво, посебно го засега ромското население со стапка од 11,8 %. Северна Македонија има и меѓу најниските стапки на употреба на современа контрацепција во Европа, која изнесува 14 %, а само 8,6 % меѓу Ромките, и опфатот со бесплатните контрацептивни средства со програмата од 2021 бил под 1%. Адолесцентската бременост помеѓу 2016 и 2019 била дури шест пати повисока кај Ромките. 

Во услови на јавно-здравствената и финансиска криза во 2022 година Владата дополнително ги намали буџетите на 7 од вкупно 10 превентивни програми, со што кризата непропорционално негативно го засегна здравјето на ранливите граѓани. Буџетот на Министерството за здравство, од каде што се финансираат здравствените програми, се намали за дури 586 милиони денари и од околу 3% на само 2,1% од буџетот на државата за 2023 г. – наспроти значителниот пораст на вкупните предвидени расходи за истата година. Тоа резултираше со 70% намалување на средствата за редовни гинеколошки прегледи и анализи за бремените жени и за породување за жените без здравствено осигурување, и над 50% намалување на средствата за услугите што граѓански организации ги нудат на повеќе од 10.000 лица во ризик од ХИВ.

Буџетирањето и мерките од здравствените програми главно се потпираат врз историски параметри, наместо врз ажурирани проценки на потребите на ранливите популации и анализа на достапните докази за инвестирање во интервенции што ќе имаат најголемо влијание врз здравјето на луѓето. 

Во рамките на партнерскиот проект „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“ финансиски поддржан од Програмата Цивика Мобилитас со средства од Швајцарската Влада, здруженијата ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, ЕСЕ – Еднаквост, солидарност и еманципација на жените, Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари и Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје ќе спроведат детални анализи на 4 здравствени програми: (1) Програма за активна здравствена заштита на мајки и деца, (2) Програма за заштита на населението од ХИВ-инфекција, (3) Програма за рана детекција и скрининг на малигни заболувања и (4) Програма за партиципација при користењето на здравствена заштита. Овие анализи ќе обезбедат дел од доказите и аргументацијата за соодветно планирање и финансирање на интервенциите од наведените програми. Дополнителна техничка поддршка ќе биде потребна за разработување и изложување на главните економски аргументи за инвестирање во избрани интервенции.

Во рамките на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција повеќе години наназад е воспоставена пракса на т.н. социјални договори, односно механизам преку којшто Министерството за здравство ангажира граѓански организации со соодветни квалификации и искуства за спроведување на дел од мерките и активностите предвидени со оваа програма. Тие опфаќаат првенствено специфични услуги за превенција на ХИВ и други крвно и сексуално преносливи инфекции, наменети за популациите изложени на поголем ризик, како и услуги од областа на сексуалното и репродуктивно здравје, вклучувајќи и дијагноза и третман на сексуално преносливи инфекции. Овие услуги се даваат на ниво на засегнатите заедници и претставуваат услуги со т.н. „низок праг“, односно настојуваат да ги отстранат можните пречки што би им отежнале на маргинализирани и ранливи индивидуи да ги искористат. Услугите за ХИВ-превенција и за сексуално и репродуктивно здравје во рамките на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција годишно ги користат околу 10.000 лица од популациите на лица што инјектираат дроги, мажи што имаат сексуални односи со мажи, сексуални работници и млади. За еден дел од овие лица во зголемен ризик, овие услуги претставуваат и единствен пристап до здравствена заштита.

Опишаната пракса беше воспоставена во периодот 2005 до 2016 година, а од 2017 година натаму функционира во рамките на финансирањето што се издвојува во Програмата за ХИВ од Буџетот на Република Северна Македонија. Постои историја на дискусии за законодавно решение коешто соодветно ќе ја регулира оваа пракса, како во делот на условите под коишто граѓански организации можат да даваат одредени услуги од здравствената заштита, така и во делот на начинот на финансирање на овие активности преку владините здравствени програми. Регулирањето би резултирало и со проширување на можностите за идно искористување на капацитетите на граѓанскиот сектор за спроведување мерки за заштита на здравјето на населението и во други области, освен во превенцијата на ХИВ и на други крвно и сексуално преносливи инфекции. Од друга страна, непостоењето на соодветна правна рамка претставува закана за одржливоста и ефективноста на постојните мерки.  

Во насока на претходното, во периодот од 2018 до 2021 година Министерството за здравство спроведе повеќе консултации со експерти и со граѓанскиот сектор, како резултат на што изготви предлог-текст за измени и дополнување на Законот за здравствена заштита. Овој предлог беше усвоен од Владата кон крајот на 2021 година и влезе во собраниска процедура заедно со други предлог-измени во други делови. За жал, поширокиот пакет измени од тој период беше повлечен, па оттаму и делот што се однесуваше на улогата на граѓанските организации не беше разгледан од Собранието. 

Изготвувањето анализа на можностите и на постојниот предлог за измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита со цел да се регулира улогата на граѓанските организации во нудењето одредени услуги од здравствената заштита се очекува да придонесе за подобрување на постојниот предлог или изготвување на нов предлог за измени и дополнувања. Дополнително, во соработка со стручна работна група, формирана во координација со Министерството за здравство, се очекува да бидат развиени соодветни нацрт-подзаконски акти со кои ќе се институционализира давањето одредени здравствени услуги од страна на граѓански организации и ќе се предвидат критериуми и стандарди за давање на определените здравствени услуги.

Праксата на социјални договори меѓу Министерството за здравство и граѓанските организации во рамките на Програмата за ХИВ има потреба од унапредување и од аспект на соодветно финансирање врз основа на проценка на трошоците за споменатите услуги, како и дефинирање на пакети на услуги за различните целни групи што се финансираат во рамките на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција. 

2. Опис на работните задачи и рокови за спроведување

2.1. Позиција 1: Анализа на можностите и на постоен предлог за измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита со цел да се регулира улогата на граѓанските организации во нудењето одредени услуги од здравствената заштита

(Проект: „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“, Цивика Мобилитас)

Проценет обем на ангажманот: 8 консултантски денови

Опис на задачите:

  • Да направи анализа на претходно подготвени предлог-измени и дополнувања на Законот за здравствената заштита што ја регулираат улогата на граѓанските организации како даватели на одредени услуги од здравствената заштита;
  • Да ги анализира важечките законски прописи на Република Северна Македонија, особено од Законот за здравствената заштита, како и други релевантните законски прописи коишто ја регулираат материјата околу давањето здравствени услуги во контекст на улогата на граѓанските организации како даватели на одредени услуги од здравствената заштита;
  • Да спроведе консултации со граѓански организации што имаат искуство во нудење одредени услуги од здравствената заштита, со релевантни експерти од Министерството за здравство, како и со работна група за консултација во Министерството за здравство, доколку таква биде формирана;
  • Да разработи предлог решение за законско регулирање на улогата на граѓанските организации како даватели на одредени здравствени услуги, земајќи ги предвид согледувањата од анализата, спроведените консултации и заклучоците од работната група.

Очекувани продукти:

  • Разработено предлог-решение за законско регулирање на улогата на граѓанските организации како даватели на одредени здравствени услуги и извештај од анализите со образложување и аргументирање на предложеното решение;

Рок за испорака: 31 јули 2024 г.

2.2. Позиција 2: Развивање предлог-текст за подзаконски акти што ќе го дорегулира начинот и условите под коишто граѓански организации може да нудат одредени услуги од здравствената заштита

(Проект: „Одржливост на сервисите за клучните популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ (#SoS_project 2.0), финансиски поддржан од Глобалниот фонд за борба против СИДА)

Проценет обем на ангажманот: 10 консултантски денови

Опис на задачите:

  • Да спроведе консултации со граѓански организации што имаат искуство во нудење одредени услуги од здравствената заштита, со релевантни експерти од Министерството за здравство, како и со работна група за консултација во Министерството за здравство, доколку таква биде формирана;
  • Врз  основа на предлог-решението и анализата од Позицијата 1. од овој повик, како и врз основа на спроведените консултации да изготви предлог-текст за подзаконски акт или акти што ќе го дорегулираат начинот и условите под коишто граѓански организации може да нудат одредени услуги од здравствената заштита;
  • Да учествува на средбите на работна група за консултација во Министерството за здравство, доколку таква биде формирана.

Очекувани продукти:

  • предлог-текст за подзаконски акт или акти што ќе го дорегулираат начинот и условите под коишто граѓански организации може да нудат одредени услуги од здравствената заштита

Рок за испорака: 15 септември 2024 г.

2.3. Позиција 3: Економска анализа на 4 здравствени програми врз основа на претходно изработена детална програмска и финансиска анализа

(Проект: „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“, Цивика Мобилитас)

Проценет обем на ангажманот: 14 консултантски денови

Опис на задачите:

  • Да обезбеди техничка поддршка за анализирање и артикулирање на главните економски аргументи за инвестирање во избрани интервенции во четири здравствени програми врз основа на претходно изготвени детални програмски и финансиски анализи;
  • Да понуди техничка поддршка за презентирање на главните економски аргументи за инвестирање во избрани интервенции во четири здравствени програми на начин соодветен за релевантните донесувачи на одлуки; 
  • Да учествува во консултативни средби на работна група во Министерството за здравство поврзани со овој ангажман

Очекувани продукти:

  • Извештај од економската анализа на 4 здравствени програми; 
  • Нацрт за 4 кратки документ за јавни политики наменети за донесувачи на одлуки со изложување на главните економски аргументи за инвестирање во избрани интервенции во четири здравствени програми; обем: за секоја програма посебно – максимум до 2 страни текст и 1 до 3 графика. 

Рок за испорака: 31 август 2024 г.

2.4. Позиција 4: Ревидирање на трошоците за услугите за превенција на ХИВ наменети за клучни засегнати популации со определување на трошок по клиент и утврдување на пакети на услуги финансирани во рамките на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција 

(Проект: „Одржливост на сервисите за клучните популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ (#SoS_project 2.0), финансиски поддржан од Глобалниот фонд за борба против СИДА)

Проценет обем на ангажманот: 12 консултантски денови

Опис на задачите:

  • Да прибере податоци за трошоците за услугите за превенција на ХИВ и за сексуално и репродуктивно здравје што се нудат за припадници на клучни засегнати популации од страна на граѓански организации во рамките на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција;
  • Да утврди ревидиран трошок за услуги по клиент користејќи зададена алатка за пресметка;
  • Да развие предлог за дефинирани пакети на услуги што се финансираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во сооднос со обемот на опфатени лица од целните популации. 

Очекувани продукти:

  • Пополнети обрасци во Excel со ревидиран трошок за услуги за превенција на ХИВ по клиент соодветно на целната група;
  • Разработен предлог за дефинирани пакети на услуги што се финансираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во сооднос со обемот на опфатени лица од целните популации. 

Рок за испорака: 30 септември 2024 г.

Одговoрно лице за спроведување на ангажманот на консултантите од позициите 1 и 2 од овој повик ќе биде координаторот за застапување и политики во Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје, додека за позициите 3 и 4  извршниот директор на Здружението.

3. Профил и неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:

За позициите 1 и 2:

  • Одлично познавање на проблематиката на законските прописи во областа на здравствената заштита;
  • Одлично познавање на здравствениот систем во Република Северна Македонија;
  • Искуство во креирање политики во областа на здравствената заштита;
  • Завршено високо образование во областа на правото.

За позициите 3 и 4:

  • Експертиза и искуство во областа на здравствената економика;
  • Одлично познавање на здравствениот систем во Република Северна Македонија;
  • Искуство во изработка на финансиски или економски анализи во областа на здравствената заштита;
  • Искуство во креирање политики во областа на здравствената заштита;

4. Критериуми за избор 

Предност за добивање на ангажманот ќе имаат кандидати со:

За позициите 1 и 2:

  • Искуство во изготвување на конкретни законски решенија или подзаконски акти во областа на здравствената заштита;
  • Искуство во раководење на проекти или иницијативи што вклучувале тимска работа;
  • Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.

За позициите 3 и 4:

  • Претходни анализи релевантни за потребите на ангажманите од овој повик;
  • Искуство во раководење на проекти или иницијативи што вклучувале тимска работа;
  • Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.

5. Надомест и други услови

Ангажманите предвидуваат потпишување договор за консултантски услуги, а ќе бидат надоместени според следнава шема:

Позиција 1, со обем 8 консултантски денови: бруто износ од 9.225,оо денари за еден консултантски ден

Позиција 2, со обем 10 консултантски денови: бруто износ од 9.090,oo денари за еден консултантски ден

Позиција 3, со обем 14 консултантски денови: бруто износ од 9.225,оо денари за еден консултантски ден

Позиција 4, со 12 консултантски денови: бруто износ од 9.090,oo денари за еден консултантски ден

На овој повик ќе се прифатат за разгледување пријави што се однесуваат на секоја од четирите позиции посебно, како и пријави што се однесуваат на 2, 3 или на сите позиции истовремено. Пријавите може да бидат од физички и од правни лица. Физички лица може да настапат како тим со заедничка пријава.

6. Краен рок и потребни документи за пријавување

Најдоцна до 7.6.2024 г., заинтересираните кандидати треба да достават:

  • Писмо за интерес (до 1 страна) во кое ќе ги прецизираат позициите од овој повик за коишто се пријавуваат, ќе ги резимираат своите клучни квалификации во однос на соодветната позиција/позиции и накратко ќе се осврнат на пристапот што би го презеле во спроведувањето на ангажманот
  • Професионална биографија, со листа на досегашни публикации и/или релевантни претходни ангажмани.

Доколку кандидати настапуваат како тим, потребно е да поднесат само едно писмо за интерес и индивидуални професионални биографии за секој член на тимот.

Документите за пријавување на повикот со назнака „Пријава за консултантски ангажман“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:

[email protected]

Постапка за избор на консултантКомисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу двајца најдобро рангирани кандидати може да биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран кандидатот кому ќе му биде доделен ангажманот.