Повик за прибирање понуди: консултант за фацилитирање на процесот на национално стратешко планирање за ХИВ

Краен рок за пријавување: 26.4.2023 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање консултант што ќе го фацилитира процесот на национално стратешко планирање за ХИВ за 4 или 5-годишен период почнувајќи од 2023 г.

Оваа консултантската позиција е овозможена во рамките на регионалниот проект „Одржливост на сервисите за клучните популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ (#SoS_project 2.0), кој е финансиски поддржан од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, а чии активности на ниво на Р. С. Македонија се раководени од Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и се насочени на поддршка на националниот одговор кон ХИВ, во консултација со Националната комисија за ХИВ.

1. Контекст

Република Северна Македонија е земја со ниско ниво на епидемија на ХИВ, при што епидемијата е концентрирана во рамките на клучни засегнати популации. Се проценува дека заклучно со крајот на 2021 година околу 500 лица живееле со ХИВ во Северна Македонија, од коишто 70 % биле свесни за својата инфекција, што е значително пониско од глобалниот просек за истата година, кој изнесува 85 %. Од друга страна, согласно со проценките на национално ниво, 94,5 % од дијагностицираните лица на крајот на 2021 година примале антиретровирусна терапија, а дури 96,2 % од нив имале супримиран вирус во крвта (глобален просек за 2021 г. – 88% и 92% соодветно). 

Земјата досега развила и спровела вкупно три национални стратегии за ХИВ, кои се однесуваа на периодот 2007 до 2021 година. Следната национална стратегија треба да се однесува на период од 4 до 5 години 2022-2026, а ќе биде развиена од мултисекторска работна група формирана од Министерството за здравство, преку консултација на сите заинтересирани страни, вклучувајќи го и граѓанскиот сектор и претставници на луѓето што живеат со ХИВ и на заедниците засегнати од вирусот. Покрај достапните докази и релевантни анализи на национално ниво, новата национална стратегија треба да ги земе предвид и глобалните стратегии, препораки, како и меѓународно преземени обврски на државата во однос на ставањето крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година. 

2. Опис на работните задачи

Од ангажираниот консултант се очекува да ги исполни следниве задачи:

  • Да направи преглед на документи релевантни за националниот одговор кон ХИВ и глобалните политики, стратегии и препораки во однос на одговорот кон епидемијата (2 дена);
  • Да подготви анализа на состојбата за потребите на националното стратешко планирање за ХИВ, која ќе ги опфаќа глобалните и регионалните епидемиолошки трендови, епидемиологијата на ХИВ во Северна Македонија врз основа на достапните докази и состојбата со постојните интервенции за одговор кон ХИВ во земјата (2 дена);
  • Да го фацилитира консултативниот процес за националното стратешко планирање за ХИВ, вклучувајќи консултативни средби, една главна дводневна консултација и електронска комуникација (6);
  • Врз основа на консултативниот процес да подготви прелиминарен и финален нацрт на националната стратегија за ХИВ за период од 4 или 5 години, вклучувајќи и генерална проценка на финансиските импликации (6 дена).

Проценет обем на консултантскиот ангажман: 16 консултантски денови

За својата работа консултантот одговара пред извршниот директор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

3. Профил и неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:

  • Учество во процеси на стратешко планирање во различни области; 
  • Искуство како фацилитатор на процеси на стратешко планирање;
  • Експертиза во подготовка на документи за јавни политики;
  • Солидно познавање на националниот одговор кон ХИВ; 
  • Способности за планирање и организација и навремено исполнување на зададените задачи;
  • Одлично познавање на македонскиот и англискиот јазик.

4. Критериуми за избор 

Предност за добивање на ангажманот ќе имаат кандидати со:

  • Претходно учество или придонес во процеси на национално стратешко планирање за ХИВ;
  • Експертиза и искуство во развивање документи за јавни политики во областа на ХИВ или јавното здравје;
  • Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.

5. Временска рамка, надомест и други услови

Предвидениот обем на консултантскиот ангажман изнесува 16 (шеснаесет) консултантски дена. Спроведувањето на задачите наведени во точка 2 треба да заврши до 30 јуни 2023 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантски услуги, а ќе биде надоместен со бруто износ од 150 американски долари во денарска противвредност за еден консултантски ден.

Краен рок и потребни документи за пријавување

Најдоцна до 26.4.2023 г., заинтересираните кандидати треба да достават:

  • Изјава за интерес во која накратко ќе се осврнат на своите клучни квалификации што одговараат на условите на овој повик; 
  • Професионална биографија, која ќе го прикаже работното искуство релевантно за овој повик (согласно со наведените основни квалификации и критериумите за избор).

Документите за пријавување на повикот со назнака „апликација – нац. стратегија ХИВ“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:

[email protected]

Постапка за избор на консултант

Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу двајца најдобро рангирани кандидати може да биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот.