Повик за ангажирање консултант за развивање предлог-текст за национално упатство за лекување на ХИВ-инфекцијата

Краен рок за пријавување: 30.5.2023 г. 

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање консултант за развивање предлог-текст за национално упатство за лекување на ХИВ-инфекцијата. 

Оваа консултантска позиција е овозможена во рамките на регионалниот проект „Одржливост на сервисите за клучните популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ (#SoS_project 2.0), кој е финансиски поддржан од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, а чии активности на ниво на Р. С. Македонија се раководени од Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и се насочени на поддршка на националниот одговор кон ХИВ, во консултација со Националната комисија за ХИВ. 

1. Контекст 

Република Северна Македонија е земја со ниско ниво на епидемија на ХИВ, при што епидемијата е концентрирана во рамките на клучни засегнати популации. Се проценува дека заклучно со крајот на 2021 година околу 500 лица живееле со ХИВ во Северна Македонија, од коишто 70 % биле свесни за својата инфекција, што е значително пониско од глобалниот просек за истата година, кој изнесува 85 %. Од друга страна, согласно со проценките на национално ниво, 94,5 % од дијагностицираните лица на крајот на 2021 година примале антиретровирусна терапија, а дури 96,2 % од нив имале супримиран вирус во крвта (глобален просек за 2021 г. – 88% и 92% соодветно).  

Лекувањето на ХИВ-инфекцијата го спроведува исклучиво Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, следејќи ги релевантните меѓународни препораки на Европското клиничко здружение за СИДА и на Светската здравствена организација. Последните упатства за практикување медицина базирана на докази во Република Северна Македонија датираат од 2015 година и не се во согласност со препораките на Светската здравствена организација – што ги прави застарени и нерелевантни. Во последните 5 години во просек се дијагностицираат околу 44 случаи годишно, а на крајот на минатата година на Клиниката за инфективни болести се лекувале околу 370 пациенти со ХИВ. Глобалните цели за одговорот кон ХИВ до 2025 година, предвидуваат 95% од проценетиот број на лица инфицирани со ХИВ да бидат дијагностицирани, а најмалку 95% од дијагностицираните да бидат поставени на терапија. Постигнувањето на овие цели претпоставува зголемен број на лица што се дијагностицираат годишно и нивно неодложно поставување на терапија. Усвојувањето на ново, ревидирано и ажурирано национално упатство ќе има повеќекратни придобивки, меѓу кои: успешно лекување на пациентите и постигнување долгорочна супресија на вирусот, квалитетна и современа здравствена грижа, полесно справување со зголемен број на пациенти на терапија во рамките на постојните капацитети на здравствениот систем, како и полесно приоритизирање и менаџирање на процесите за обезбедување антиретровирусни и други лекови неопходни во третманот на пациентите со ХИВ. Изготвениот предлог-текст на упатството ќе биде развиен низ консултативен процес со експерти од клиничката пракса и психосоцијалната грижа и поддршка за пациентите со ХИВ, како и со претставници на самите пациенти, а ќе биде предложен на разгледување од Националната комисија за ХИВ и усвојување од страна на министерот за здравство. 

2. Опис на работните задачи 

Од ангажираниот консултант се очекува да ги исполни следниве задачи: 

  • Да направи преглед на релевантни упатства за лекување на ХИВ-инфекцијата и тоа – најновите верзии на упатствата за лекување на ХИВ на Европското клиничко здружение за СИДА (European AIDS Clinical Society), на Светската здравствена организација и најмалку две национални упатства од земји од регионот, а евентуално и упатства од други земји (2 дена); 
  • Да предложи структура за сеопфатно национално упатство за лекување на ХИВ-инфекцијата и методолошки пристап за неговата изработка; 
  • Да спроведе консултативен процес за структурата и содржината на упатството со група од лица стручни за проблематиката на ХИВ, односно опортунистички инфекции, други коинфекции и коморбидитети, како и најмалку двајца претставници на пациентите со ХИВ; 
  • Да изготви предлог-текст на ново сеопфатно национално упатство за лекување на ХИВ-инфекцијата кое ќе биде предложено за разгледување од Националната комисија за ХИВ и министерот за здравство. 

Проценет обем на консултантскиот ангажман: 16 консултантски денови 

Одговoрно лице за спроведување на ангажманот на консултантот ќе биде извршниот директор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје. 

3. Профил и неопходни квалификации 

Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации

  • Одлично познавање на проблематиката на ХИВ-инфекцијата од медицински (инфектолошки) и епидемиолошки аспект и познавање на спецификите на епидемијата на ХИВ во Македонија; 
  • Клиничко искуство во лекување на пациенти со ХИВ-инфекција; 
  • Искуство во научно-истражувачка работа во областа на медицината, јавното здравје или националниот одговор на ХИВ; 
  • Изградени способности за тимска стручна работа. 

4. Критериуми за избор  

Предност за добивање на ангажманот ќе имаат кандидати со: 

  • Искуство во подготовка на релевантни документи за јавни политики во областа на здравствената заштита или јавното здравје; 
  • Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации. 

5. Временска рамка, надомест и други услови 

Предвидениот обем на консултантскиот ангажман изнесува 16 (шеснаесет) консултантски дена. Спроведувањето на задачите наведени во точка 2 треба да заврши до 31 јули 2023 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантски услуги, а ќе биде надоместен со бруто износ од 150 американски долари во денарска противвредност за еден консултантски ден. 

Краен рок и потребни документи за пријавување 

Најдоцна до 30.5.2023 г., заинтересираните кандидати треба да достават: 

  • Изјава за интерес;  
  • Професионална биографија

Документите за пријавување на повикот со назнака „апликација – упатство ХИВ“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса: 

[email protected] 

Постапка за избор на консултант 

Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу двајца најдобро рангирани кандидати може да биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот.