Повик за прибирање понуди: ангажирање консултант за развивање на политика за човечки ресурси

Датум на објавување: 23 април 2022 г.

Краен рок: 30.06.2022 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање за консултантска позиција:

  1. Консултант за развивање на политика за човечки ресурси

Оваа консултантска позиција е овозможена во рамките на поддршката на годишната работна програма на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, која е финансиски поддржана од Европската Унија.

На повикот може да се пријават физички или правни лица.

Контекст

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ е здружение на заедницата на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија. Тоа се води од визијата за општество во кое луѓето што живеат со ХИВ, како и сите други луѓе без разлика на здравствениот статус, се ослободени од стегите на стигмата и дискриминацијата и ги уживаат достигнувањата на науката за унапредување на своето здравје. Ги поддржува луѓето што живеат со ХИВ во остварувањето на нивните права и дејствува за ставање крај на ХИВ и за подобро здравје за сите луѓе, преку обезбедување услуги во заедницата и насочување на јавните политики.

Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје покрива неколку клучни области во своето работење:

  • ПОДДРШКА: Услуги за поддршка – врсничка, психосоцијална и правна – и активности за омоќување на луѓето што живеат со ХИВ во Северна Македонија
  • ХИВ-ТЕСТИРАЊЕ: Услуги за бесплатно тестирање и советување за ХИВ преку пунктот за тестирање во нашите простории во Дебар Маало
  • ПОЛИТИКИ: Застапување за правата на луѓето што живеат со ХИВ, особено во врска со пристапот до квалитетна и современа терапија, и учество во креирањето на јавните политики во врска со ХИВ, јавното здравје и здравствената заштита
  • МОБИЛИЗАЦИЈА : Мобилизација и подигнување на јавната свесност за ХИВ, со цел да се намалат предрасудите, стигмата и дискриминацијата кон луѓето со ХИВ, како и да се зголеми културата на редовно ХИВ-тестирање.

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ обединува луѓе различни по пол, возраст, сексуалната ориентација, родов идентитет, етничка припадност, верско убедување, социјален и образовен статус и сл.

Опис на работните задачи

Ангажираниот консултант за човечки ресурси ќе направи анализа на потребите на здружението и согласно нив ќе развие организациска политика за човечки ресурси. Тој/таа ќе треба да ги исполни следниве задачи:

  • Да направи проценка на потребите на Здружението, врз основа на стратешкиот план 2021-2025 (1-2 страни)
  • Да направи нацрт процедури за регрутација на вработени (1-2 страни)
  • Да подготви насоки/правилник за воведување на нововработените во работните процеси (воведна програма) (1-2 страни)
  • Да предложи инструменти за проценка на ангажираност и евалуација на вработените
  • Да направи постапка за справување при прекршување на работни обврски и прекинување на вработување. (1-2 страни)

За својата работа консултантот одговара пред координаторот на финансиското и административното работење на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

Профил и неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:

  • Диплома за завршено високо образование;
  • Одлично познавање на политиките и пракси во менаџирањето на човечки ресурси;
  • Претходно искуство како консултант за развој на организациски политики на мали или средни невладини организации;
  • Способности за планирање и организација и навремено исполнување на зададените задачи.

Критериуми за избор на консултант

Предност ќе имаат кандидати со:

  • Претходно искуство во креирање на процедури и правилници поврзани со специфичната тема.

Временска рамка, надомест и други услови

Предвидениот обем на консултантскиот ангажман изнесува 5 (пет) консултантски дена во бруто износ од 7.380,00 денари по консултантски ден. Спроведувањето на процесот треба да заврши до 20 мај 2022 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантските услуги со покриен персонален данок на доход.

Краен рок и потребни документи за пријавување

Најдоцна до 03.05.2022 г., заинтересираните кандидати треба да достават:

  • Кратка изјава за интерес (во маил);
  • Професионална биографија, која ќе го прикаже работното искуство релевантно за овој повик.
  • Контакт за препорака.

Документите за пријавување на повикот со назнака „Повик за развивање на политика за човечки ресурси“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:

[email protected]

Во маил-от треба да се наведе за која позиција/и аплицира кандидатот.

Постапка за избор на консултант

Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу тројца најдобро рангирани кандидати ќе биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот. Сите кандидати ќе бидат известени за резултатот од изборот по електронски пат во рок од 7-14 дена по затворањето на повикот.