КОНКУРС за вработување на асистент за комуникации

Продолжен рок за пријавување: 12 јули 2022

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува конкурс за вработување на определено време за позицијата

асистент за комуникации

Позицијата се отвора за период во траење до крајот на 2022 година, со тримесечен пробен период и планирано продолжување по 31.12.2022.

Опис на работната позиција

Асистентот за комуникации во координација со извршниот директор и програмскиот координатор се грижи за редовна комуникација на Здружението за своите активности со јавноста, медиумите и целните групи на нашата мисија, осмислува комуникациски пристапи и пораки, координира процеси на продукција на комуникациски продукти, ги ажурира веб-сајтот и профилите на социјалните медиуми на Здружението, ги спроведува активностите за волонтери на Здружението, организира настани и работилници.

Работни задачи

Поконкретно, асистентот за комуникации:

  • се грижи за редовната комуникација на Здружението за своите активности со јавноста, медиумите и целните групи на мисијата на Здружението;
  • осмислува комуникациски пристапи, пораки и содржини;
  • внесува содржини и го ажурира веб-сајтот и службените профили на социјалните медиуми на Здружението;
  • координира процеси на продукција на комуникациски продукти од надворешни извршители;
  • учествува во осмислувањето на насочена кампања за ХИВ-тестирање;
  • ја спроведува програмата за волонтери и организира врснички обуки на млади од геј/би заедницата;
  • го развива и спроведува планот со активности за одбележување на Светскиот ден на СИДА и подигнување на јавната свесност за ХИВ.

Работно време

Работната позиција подразбира полно осумчасовно работно време, од понеделник до петок, од 8:30/9:00 до 16:30/17:00 ч, со покриени придонеси за здравствено и пензиско осигурување.

Неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги имаат следниве квалификации:

  • завршено високо образование или да се во последната година од додипломски студии;
  • солидни вештини за уредување, развивање содржини и комуникација преку нови и традиционални медиуми;
  • одлични вештини на усна и писмена комуникација;
  • одлично познавање на стандардниот македонски јазик и напредно користење со англиски јазик;
  • познавања или искуство од областа на дигиталните комуникации (особено Twitter, Facebook, Instagram, YouTube и др.);
  • одлично познавање и сензитивност во врска со прашањата што ги засегаат ЛГБТ луѓето;
  • апсолутна доверливост и сензитивност за работа со луѓе што живеат со ХИВ и припадници на заедниците засегнати од ХИВ;
  • силна мотивираност за унапредување на здравјето и квалитетот на живот на луѓето засегнати од ХИВ;
  • мотивираност за работа со млади;
  • одговорност и запазување на рокови;
  • изградени вештини за логистика и спроведување на административни задачи.

Предности

Следниве дополнителни квалификации ќе се сметаат за предност при изборот на кандидат за работното место:

  • работно искуство во новинарство или во комуникации или односи со јавноста;
  • работно или волонтерско искуство во граѓанскиот сектор;
  • 2 години пракса во работа со комуникации и медиуми или во медиуми;
  • образование во некоја од следниве области: филологија, комуникациски студии, психологија, хуманистички науки, медицина или други сродни професии;
  • вештини за користење програми за графичко уредување;
  • познавања од областа на издавачката дејност и/или процеси на продукција на видео и аудио материјали;
  • познавања на проблематиката поврзана со ХИВ;
  • планирање, организираност и самоиницијативност;
  • одлично познавање на албански јазик (само напредно познавање на албански ќе се смета за предност);
  • повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.

Постапка за избор на кандидат/-ка:

Комисијата за избор на кандидат/-ка ќе ги разгледа примените апликации. Ненавремените и нецелосните апликации нема да бидат земени предвид. Комисијата ќе изработи ранг-листа од примените апликации врз основа на степенот на исполнување на квалификациите и критериумите опишани во овој оглас. Со најмногу 5 најдобро рангирани кандидати/-тки ќе биде спроведено интервју и евентуално тестирање. Во зависност од резултатите од тестирањето и интервјуто ќе биде избран кандидат/-ка кому ќе му/ѝ биде понудена работната позиција. Сите кандидати ќе бидат известени за резултатите од конкурсот, по електронски пат, најдоцна 10 дена по затворањето на конкурсот.

Потребни документи

Најдоцна до 12 јули, 2022 г., заинтересираните кандидати треба да достават по електронски пат:

  • професионална биографија во која ќе бидат резимирани клучните квалификации што одговараат на барањата на овој повик; и
  • писмо за мотивација (максимум 300 збора) во кое ќе објаснат зошто сакаат да работат на конкретната позиција и во конкретната организација и на кој начин би придонеле за унапредување на работата на Здружението кога би ја добиле работната позиција.

На кандидатите што ќе влезат во потесниот избор може да им биде побаран и контакт за препорака во текот на процесот на избор.

Важно: Особено се охрабруваат да се пријават на конкурсот лица што живеат со ХИВ и припадници на ЛГБТИ заедницата без разлика на ХИВ-статусот. Доверливоста во однос на ХИВ-статусот, доколку се сподели со комисијата за избор, е строго гарантирана, во согласност со Закон, како и со политиките и праксата на Здружението.

Документите со назнака/предмет на пораката „конкурс асистент за комуникации“ доставeте ги електронски на следнава адреса: [email protected]