Добротворна забава #ЗаедноПосилни

Во петокот, 29 ноември 2019 година, во „ShortBus“ се одржа добротворниот настан #ЗаедноПосилни во склоп на активностите за одбележување на Светскиот ден на СИДА, 1 декември. Диџеите Соња Исмаил, Ивана Драгшиќ и Вера Вендета на гостите им приредија фантастична забава која траеше до доцна во ноќта, а модератори на настанот беа ТВ водителите Марко и Цеце.

Воедно, годинава „Заедно посилни“ слави јубилеј – 10 години од основањето. На настанот исто така се прибираа донации за фондот за поддршка на луѓе што живеат со ХИВ во неповолна социјална положба. Не изостанаа ниту благодарници за оние кои изминатата година дадоа исклучителен придонес и поддршка за каузата.

Ви пренесуваме преку фотографиите на Соња Ставрова дел од прекрасната атмосфера на настанот. За да го погледнете албумот, кликнете овде.

Здружението „Заедно посилни“ години наназад традиционално организира добротворен настан овој период од годината, на кој се прибираат донации за фондот за поддршка на луѓе што живеат со ХИВ во неповолна социјална положба. Преку овој солидарен фонд на „Заедно посилни“ повеќе години континуирано се обезбедува скромна помош за овие лица и тоа: патни трошоци за редовна контрола и подигнување на терапија од Клиниката за инфективни болести во Скопје; вредносни ваучери за основни прехранбени и хигиенски производи на месечно ниво; и еднократна помош за лица во исклучително висок социјален ризик.

Поддршката, и од граѓанските организации кои работат во оваа област и од институциите и од самите граѓани, е клучна во остварувањето на зацртаните цели, а тоа се: нулта толеранција на дискриминацијата, да се зголеми бројот на лица со ХИВ кои примаат терапија и да се намали бројот на нови инфекции кај возрасните. Само преку демонстрирањето обединет фронт и со заеднички напори можеме да ставиме крај на епидемијата на ХИВ и да придонесеме за нормализација на ХИВ притоа креирајќи овозможувачко и инклузивно опкружување за сите. Затоа, оваа година, кампањата не случајно е насловена #ЗаедноПосилни.

Во рамките на кампањата, во соработка со платформата „Види Вака“, беше изработен информативен и едукативен видео-спот, кој можете да го погледнете со клик овде.

Овогодишната кампања „Заедно посилни“ ја организира со поддршка на Министерството за здравство на Република Северна Македонија, Фондот за население при Обединетите нации, Евроазиската коалиција за машко здравје од Естонија и Фондацијата Отворено општество – Македонија.