Конкурс за ангажирање на координатор на имплементациска студија за предекспозициска профилакса за ХИВ во Македонија

Рок за пријавување: до 27 ноември 2020 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува конкурс за ангажирање на координатор на имплементациска студија за предекспозициска профилакса

Ангажманот ќе трае 13 месеци, почнувајќи од 1 декември 2020 г. до крајот на 2021 година.

Имплементациската студија за предекспозициска профилакса (ПрЕП) за ХИВ ќе ја спроведуваат во партнерство Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје во облик на пилот-програма, односно демонстративен проект. Студијата ќе се спроведе со поддршка од регионалниот проект Sustainability of services for key populations in EECA region (#SoS_project), раководен од Алијансата за јавно здравје од Украина, а финансиран од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија. Студијата за ПрЕП е поддржана и од канцеларијата на Светската здравствена организација и Министерството за здравство, како активност комплементарна на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција.

Опис на ангажманот

Координаторот на имплементациската студија за предекспозициска профилакса во Македонија е главно одговорно лице за спроведувањето на студијата во вид на пилот-програма за ПрЕП како партнерска активности на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.

Поконкретно, координаторот на пилот-програмата за ПрЕП:

· Го организира и координира спроведувањето на сите елементи од имплементациската студија и е одговорен за доследно спроведување на протоколот за студијата;

· Го координира тимот на главните истражувачи со поддршка од Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ;

· Се грижи за комуникацијата со управниот одбор за протоколот на студијата;

· Дава поддршка и врши супервизија на ангажираните даватели на услугите во рамките на пилот-програмата (лекари, медицински сестри и советувачи);

· Се грижи за прибирањето, организирањето и обработката на податоците во согласност со протоколот;

· Го координира подготвувањето на главниот извештај од спроведената студија;

· Осмислува и предлага пристапи за развој и прилагодување на имплементациската студија;

· Врши административни задачи поврзани со спроведувањето на студијата;

· Учествува во креирање информативни содржини поврзани со пилот-програмата и со ПрЕП, наменети за јавноста, односно за целните групи на програмата;

· Подготвува извештај за својата работа.

Координаторот на имплементациската студија е одговорен пред извршниот директор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

Ангажманот подразбира вршење на повремени работи и за него ќе биде склучен договор за дело.

Неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат следниве квалификации:

· завршено високо образование во областа на медицината или јавното здравје;

· најмалку 2 години работно искуство во областа на медицината или јавното здравје, односно во истражувачка дејност поврзана со овие области;

· искуство во подготовка на стручни трудови од областа на медицината или јавното здравје;

· теоретско познавање на проблематиката на предекспозициска профилакса;

· претходно познавање и сензитивност во врска со прашањата што ги засегаат клучните популации засегнати од ХИВ;

· изградени вештини за логистика и спроведување на административни задачи;

· силна мотивираност за унапредување на здравјето на луѓето засегнати од ХИВ и справување со епидемијата на ХИВ на национално ниво;

· апсолутна доверливост и сензитивност за работа со припадници на заедници засегнати од ХИВ;

· одлично усно и писмено владеење на англискиот јазик;

· солидно познавање на Microsoft Office.

Предности

За ангажманот предност ќе имаат кандидатите со:

· повисок степен на знаења за конкретната проблематика;

· работно или волонтерско искуство во граѓанскиот сектор;

· динамичност, амбициозност и самоиницијативност;

· повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.

Постапка за избор на кандидат/-ка:

Комисијата за избор на кандидат/-ка ќе ги разгледа примените апликации. Предвид ќе бидат земени само навремените и целосни апликации. Комисијата ќе изработи ранг-листа од примените апликации врз основа на степенот на исполнување на квалификациите и критериумите опишани во овој оглас. Со најмногу 3 најдобро рангирани кандидати/-тки ќе биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од интервјуто и оценката на поднесената апликација ќе биде избран кандидат/-ка кому ќе му/ѝ биде понуден работниот ангажман. Кандидатите ќе бидат известени за резултатите од конкурсот по електронски пат, најдоцна 10 дена по затворањето на конкурсот.

Рок за пријавување и потребни документи

Најдоцна до 27 декември, 2020 г., заинтересираните кандидати треба да достават по електронски пат:

· професионална биографија во која ќе бидат резимирани клучните квалификации што одговараат на барањата на овој повик; и

· писмо за интерес (максимум 300 збора) во кое накратко ќе се осврнат на својата мотивација за конкретниот ангажман и на прашањето на кој начин би придонеле за успешно спроведување на пилот-програмата кога би биле избрани за ангажманот.

На кандидатите што ќе влезат во потесниот избор може да им биде побаран и контакт за препорака во текот на процесот на избор.

Важно: Документите со назнака / предмет на пораката „конкурс_ПрЕП “ треба да се достават електронски на адресата [email protected]