ЗАЕДНО ПОСИЛНИ со кампања за Светскиот ден на СИДА – „Важно е да се открие навреме“

Скопје, 27 ноември 2020 – Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје, како организација на самите лица засегнати од овој вирус, и оваа година организира активности за подигнување на свесноста за ХИВ-инфекцијата.

За оваа цел, годинава ги промовираме следниве елементи на кампањата:

1. Краток видео-спот со четиринаесет јавни и влијателни личности, кои ги пренесуваат најважните пораки за ХИВ, што секој човек треба да ги знае во денешно време.

– „Со ХИВ можеш да живееш еднакво долго и квалитетно, како и без ХИВ. Важно е да дознаеш што порано и редовно да примаш терапија“, „Кога луѓето со ХИВ редовно ја примаат терапијата, вирусот станува недетектабилен и не може да се пренесе на друго лице преку сексуален однос, „ХИВ-позитивна мајка може да роди ХИВ-негативно бебе“ – се дел од пораките што се пренесуваат во видео-спотот и во кампањата на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ.

Видеото може да го погледнете тука.

2. Едукативна стрип-приказна за искуството на едно младо лице во дознавањето на својот ХИВ-позитивен статус. Оваа стрип-приказна е развиена од млади луѓе коишто самите живеат со ХИВ и се членови на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и ги отсликува дилемите, стравовите и соочувањето со нив на главниот јунак пред да направи тест и по дознавањето на својот статус. Таа, исто така, го илустрира и достапниот систем за поддршка на луѓето со ХИВ во рамките на институциите и на ниво на заедницата. Печатената верзија на стрипот ќе биде дистрибуирана бесплатно преку повеќе организации и локали, а може да се подигне од просториите на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ во Дебар Маало. Електронското издание ќе биде промовирано преку социјалните медиуми и ќе може да се преземе од сајтот на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ.

Стрипот може да го погледнете тука.

3. Недела на ХИВ-тестирање во ЗАЕДНО ПОСИЛНИ. Здружението се приклучува на Европската недела на тестирањето и нуди секојдневни услуги за бесплатно и анонимно тестирање од 16:00 до 20:00 часот во периодот од 25-30 ноември 2020 г. Секој заинтересиран ќе може да го провери својот ХИВ-статус за време од 30-тина минути, а за тоа не се потребни документи за лична идентификација. Посетителите, исто така, може да добијат сеопфатни и современи информации во врска со заштитата од ХИВ, односно живеењето со овој вирус и неговото лекување, како и други информации во врска со сексуалното здравје.  

4. Отворен ден за одбележување на Светскиот ден на СИДА на 1 декември во “Short bus”, каде што може да се дружиме, да го добиете првото издание на стрипот „Дени на тест“. Исто така ќе може да направите ХИВ-тест бесплатно и анонимно, и најважно од сè – да ја да дадете вашата поддршка на луѓето што живеат со ХИВ.

Овие активности се овозможени со поддршка од Министерството за здравство – Програма за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2020 г., Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА и програмата Цивика Мобилитас. Оваа година со своја поддршка во активностите на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ се придружи и Ротари клубот „Скопје – Камен мост“.

Се гледаме во Short bus на први декември.