ПрЕП е наменета за лица кои се наоѓаат или може да се најдат под зголемен ризик од ХИВ инфекција. Ако сметаш дека си под зголемен ризик од ХИВ или ако припаѓаш на заедница или група во која е познато дека стапката на ХИВ е повисока, тогаш би можел да размислиш за земање ПрЕП. Следниве насоки може да бидат од помош да одлучиш.
ПрЕП може да биде опција за тебе, ако е точно најмалку едно од овие нешта:
- не употребуваш кондом при секој сексуален однос и со секој сексуален партнер
- си имал или имаш секс со повеќе од еден сексуален партнер во изминатите 6 месеци
- имаш сексуален партнер кој има други сексуални партнери или е под значителен ризик да добие ХИВ
- имаш незаштитен секс со некој што инјектира дроги или користи заедничка опрема за инјектирање со други лица
- самиот инјектираш дроги или користиш заедничка опрема за инјектирање со други лица
- имаш сексуални односи под дејство на алкохол или рекреативни дроги
- си имал некоја сексуално пренослива инфекција (на пример, гонореа, хламидија, сифилис или херпес) во изминатите 6 месеци
- имаш сексуален партнер кој неодамна дознал дека има некоја сексуално пренослива инфекција, вклучително и ХИВ
- имаш секс со партнер кој е ХИВ-позитивен и не е на антиретровирусна терапија, или прима антиретровирусна терапија, но сè уште нема постигнато целосно потиснување на вирусот во крвта (нема достигнато недетектабилен вирусен товар)
- ти и твојот партнер не го дискутирате прашањето за ХИВ и не си го знаете својот ХИВ статус.
Секој од овие ризици е поголем во средина со поголема стапка на ХИВ-инфекција. Во Македонија, геј и би мажите, како и воопшто мажите што имаат секс со мажи се несразмерно повеќе засегнати од ХИВ во споредба со општата популација. Врз основа на последните истражувања од 2018 година беше проценето дека 1 во 20 лица од оваа популација има ХИВ. Врз основа на искуствата во поширокиот регион, транс-луѓето во Македонија исто така се сметаат за популација изложена на висок ризик од ХИВ-инфекцијата.
Во рамките на ПрЕП-пилотот на лицата заинтересирани да користат ПрЕП ќе им биде направена стандардизирана проценка, со која ќе се провери дали ПрЕП е соодветно решение за нив. Прочитај повеќе овде.