КОНКУРС за вработување на координатор за комуникации

Рок за пријавување: до 20 септември, 2024 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува конкурс за вработување на определено време за позицијата 

координатор за комуникации 

Позицијата се отвора за период во траење до крајот на 2024 година, со тримесечен пробен период и со можност за продолжување по 31.12.2024.

Опис на работната позиција

Координаторот за комуникации се грижи за редовна комуникација на Здружението за своите активности со јавноста, медиумите и целните групи на нашата мисија, осмислува комуникациски пристапи и пораки, координира процеси на продукција на комуникациски продукти, раководи со веб-сајтот на Здружението и со профилите на социјалните медиуми, раководи со активностите на Здружението за мобилизирање на локални ресурси, организира настани.

Работни задачи

Поконкретно, координаторот за комуникации:

  • раководи со веб-сајтот и службените профили на социјалните медиуми на Здружението – креира, ажурира, оптимизира содржини и пораки; 
  • се грижи за подобрување на видливоста на работата на Здружението на социјалните медиуми и за зголемување на посетеноста на веб-сајтот;
  • координира процеси на продукција на комуникациски продукти од надворешни маркетинг и ПР агенции;
  • осмислува комуникациски пристапи за промоција на ХИВ-тестирањето; 
  • го развива и спроведува планот со активности за одбележување на Светскиот ден на СИДА и подигнување на јавната свесност за ХИВ;
  • ги координира и учествува во активностите на Здружението за мобилизирање на локални ресурси.

Условите на работната позиција подразбираат делумна флексибилност и можат да бидат предмет на договор, со покриени придонеси за здравствено и пензиско осигурување. 

Неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги имаат следниве квалификации: 

  • завршено високо образование;
  • солидни вештини за уредување, развивање содржини и комуникација преку нови и традиционални медиуми;
  • одлични вештини на усна и писмена комуникација на македонски и англиски;
  • познавања или искуство од областа на дигиталните комуникации (особено Twitter, Facebook, Instagram, YouTube и др.); 
  • одлично познавање и сензитивност во врска со прашањата што ги засегаат ЛГБТ луѓето;
  • силна мотивираност за унапредување на здравјето и квалитетот на живот на луѓето засегнати од ХИВ; 
  • апсолутна доверливост и сензитивност за работа со луѓе што живеат со ХИВ и припадници на заедниците засегнати од ХИВ;
  • изградени вештини за логистика и спроведување на административни задачи;
  • организираност и самоиницијативност.

Предности

Следниве дополнителни квалификации ќе се сметаат за предност при изборот на кандидат за работното место (но не се предуслов):

  • работно или волонтерско искуство во областа на комуникациите;
  • вештини за користење програми за графичко уредување;
  • познавања од областа на издавачката дејност и/или процеси на продукција на видео и аудио материјали;
  • познавања на проблематиката поврзана со ХИВ;
  • повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.

Постапка за избор на кандидат/-ка:

Комисијата за избор на кандидат/-ка ќе ги разгледа примените апликации. Ненавремените и нецелосните апликации нема да бидат земени предвид. Комисијата ќе изработи ранг-листа од примените апликации врз основа на степенот на исполнување на квалификациите и критериумите опишани во овој оглас. Со најмногу 5 најдобро рангирани кандидати/-тки ќе биде спроведено интервју и евентуално тестирање. Во зависност од резултатите од тестирањето и интервјуто ќе биде избран кандидат/-ка кому ќе му/ѝ биде понудена работната позиција. Сите кандидати ќебидат известени за резултатите од конкурсот, по електронски пат, најдоцна 10 дена по затворањето на конкурсот.

Потребни документи

Најдоцна до 20 септември, 2024 г., заинтересираните кандидати треба да достават по електронски пат:

  • професионална биографија во која ќе бидат резимирани клучните квалификации што одговараат на барањата на овој повик; и
  • писмо за мотивација (максимум 300 збора) во кое ќе објаснат зошто сакаат да работат на конкретната позиција и во конкретната организација и на кој начин би придонеле за унапредување на работата на Здружението кога би ја добиле работната позиција.

На кандидатите што ќе влезат во потесниот избор може да им биде побаран и контакт за препорака во текот на процесот на избор.

Важно: Особено се охрабруваат да се пријават на конкурсот лица што живеат со ХИВ и припадници на ЛГБТИ заедницата без разлика на ХИВ-статусот. Доверливоста во однос на ХИВ-статусот, доколку се сподели со комисијата за избор, е строго гарантирана, во согласност со Закон, како и со политиките и праксата на Здружението. 

Документите со назнака/предмет на пораката „конкурс координатор за комуникации“ доставeте ги електронски на следнава адреса: [email protected]