КОНКУРС за вработување на координатор за комуникации

Рок за пријавување: до 20 септември, 2024 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува конкурс за вработување на определено време за позицијата 

координатор за комуникации 

Позицијата се отвора за период во траење до крајот на 2024 година, со тримесечен пробен период и со можност за продолжување по 31.12.2024.

Опис на работната позиција

Координаторот за комуникации се грижи за редовна комуникација на Здружението за своите активности со јавноста, медиумите и целните групи на нашата мисија, осмислува комуникациски пристапи и пораки, координира процеси на продукција на комуникациски продукти, раководи со веб-сајтот на Здружението и со профилите на социјалните медиуми, раководи со активностите на Здружението за мобилизирање на локални ресурси, организира настани.

Работни задачи

Поконкретно, координаторот за комуникации:

  • раководи со веб-сајтот и службените профили на социјалните медиуми на Здружението – креира, ажурира, оптимизира содржини и пораки; 
  • се грижи за подобрување на видливоста на работата на Здружението на социјалните медиуми и за зголемување на посетеноста на веб-сајтот;
  • координира процеси на продукција на комуникациски продукти од надворешни маркетинг и ПР агенции;
  • осмислува комуникациски пристапи за промоција на ХИВ-тестирањето; 
  • го развива и спроведува планот со активности за одбележување на Светскиот ден на СИДА и подигнување на јавната свесност за ХИВ;
  • ги координира и учествува во активностите на Здружението за мобилизирање на локални ресурси.

Условите на работната позиција подразбираат делумна флексибилност и можат да бидат предмет на договор, со покриени придонеси за здравствено и пензиско осигурување. 

Неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги имаат следниве квалификации: 

  • завршено високо образование;
  • солидни вештини за уредување, развивање содржини и комуникација преку нови и традиционални медиуми;
  • одлични вештини на усна и писмена комуникација на македонски и англиски;
  • познавања или искуство од областа на дигиталните комуникации (особено Twitter, Facebook, Instagram, YouTube и др.); 
  • одлично познавање и сензитивност во врска со прашањата што ги засегаат ЛГБТ луѓето;
  • силна мотивираност за унапредување на здравјето и квалитетот на живот на луѓето засегнати од ХИВ; 
  • апсолутна доверливост и сензитивност за работа со луѓе што живеат со ХИВ и припадници на заедниците засегнати од ХИВ;
  • изградени вештини за логистика и спроведување на административни задачи;
  • организираност и самоиницијативност.

Предности

Следниве дополнителни квалификации ќе се сметаат за предност при изборот на кандидат за работното место (но не се предуслов):

  • работно или волонтерско искуство во областа на комуникациите;
  • вештини за користење програми за графичко уредување;
  • познавања од областа на издавачката дејност и/или процеси на продукција на видео и аудио материјали;
  • познавања на проблематиката поврзана со ХИВ;
  • повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.

Постапка за избор на кандидат/-ка:

Комисијата за избор на кандидат/-ка ќе ги разгледа примените апликации. Ненавремените и нецелосните апликации нема да бидат земени предвид. Комисијата ќе изработи ранг-листа од примените апликации врз основа на степенот на исполнување на квалификациите и критериумите опишани во овој оглас. Со најмногу 5 најдобро рангирани кандидати/-тки ќе биде спроведено интервју и евентуално тестирање. Во зависност од резултатите од тестирањето и интервјуто ќе биде избран кандидат/-ка кому ќе му/ѝ биде понудена работната позиција. Сите кандидати ќебидат известени за резултатите од конкурсот, по електронски пат, најдоцна 10 дена по затворањето на конкурсот.

Потребни документи

Најдоцна до 20 септември, 2024 г., заинтересираните кандидати треба да достават по електронски пат:

  • професионална биографија во која ќе бидат резимирани клучните квалификации што одговараат на барањата на овој повик; и
  • писмо за мотивација (максимум 300 збора) во кое ќе објаснат зошто сакаат да работат на конкретната позиција и во конкретната организација и на кој начин би придонеле за унапредување на работата на Здружението кога би ја добиле работната позиција.

На кандидатите што ќе влезат во потесниот избор може да им биде побаран и контакт за препорака во текот на процесот на избор.

Важно: Особено се охрабруваат да се пријават на конкурсот лица што живеат со ХИВ и припадници на ЛГБТИ заедницата без разлика на ХИВ-статусот. Доверливоста во однос на ХИВ-статусот, доколку се сподели со комисијата за избор, е строго гарантирана, во согласност со Закон, како и со политиките и праксата на Здружението. 

Документите со назнака/предмет на пораката „конкурс координатор за комуникации“ доставeте ги електронски на следнава адреса: [email protected]

Едукативна програма за млади: ХИВ и сексуалното здравје

Дали сакаш да се информираш повеќе во врска со твоето сексуално здравје и да стекнеш вештини што ќе ти помогнат да се заштитиш и подобро да се грижиш за себе? 

Едукативната програма на „Заедно посилни“ е наменета за геј и би мажи помеѓу 18 и 29 години и ќе се одвива во два дела во април (види подолу). Таа покрива повеќе теми и нуди теоретски и практични информации поврзани со разбирањето, превенцијата и менаџирањето на ХИВ-инфекцијата, другите сексуално преносливи инфекции, како и пошироките аспекти на сексуалното здравје. 

Оваа едукативна програма има цел да ги поткова младите геј и би мажи со ресурсите што им се потребни за да можат да носат информирани одлуки поврзани со своето сексуално здравје и да придонесат за добросостојбата во своите заедници преку споделување точни и релевантни информации за важни, но занемарени прашања. 

Преглед на програмата

1. Контекст на ХИВ-инфекцијата во Северна Македонија: Добиј значајни увиди поврзани со трендовите на ХИВ кај геј и би мажите во Македонија, со цел подобро да разбереш во која мера си засегнат од ова здравствено прашање. 

2.  Основи на ХИВ: Добиј или утврди ги знаењата за начините на пренос на ХИВ, сите современи алатки за превенција, тестирањето и дијагностиката.

3. ПреП и ПЕП: Запознај се подлабоко со пред- и постекспозициската профилакса како ефективни и современи алатки за превенција на ХИВ-инфекцијата. Дознај како функционираат, како можат да те заштитат и како да добиеш пристап до нив во Македонија.

4. Што треба да знам за ХИВ денес?: Биди во тек со современите начини за лекување и менаџирање на ХИВ-инфекцијата во светот и кај нас, ефикасноста на терапијата, терапијата како превенција и достапноста на современи лекови за ХИВ во Македонија.

4. Живеење со ХИВ: Дознај што значи да се живее со ХИВ денес и со какви реални предизвици се соочуваат луѓето што живеат вирусот – бидејќи од овој проблем може да бидат засегнати и твои пријатели или партнери. .

5. Сексуално преносливи инфекции: Снабди се со најважните знаења за најчестите сексуално преносливи инфекции, како да се заштитиш од нив, како да ги препознаеш и каде можеш да се обратиш за тестирање, совет или лекување – без чувство на срам или страв од осуда.

7. Психолошки аспекти на сексуалното здравје: Истражи ја поврзаноста на сексуалното и менталното здравје и дознај повеќе за начините за грижа на сексуалното здравје преку грижата за менталното и емоционалното здравје.

8. Chemsex: Дознај повеќе за користењето на дроги пред или за време на сексуалните односи. Добиј современи и точни информации за ризиците поврзани со оваа пракса. 

9. Дискриминација – како да се препознае и каде да се побара помош?: Добиј увиди за дискриминацијата поврзана со ХИВ и сексуалната ориентација, како да ја препознаеш и каде да се обратиш за помош.

10. Достапноста на услугите за ХИВ и сексуално преносливите инфекции: Дознај повеќе за достапноста на бесплатните и доверливи услуги за ХИВ-тестирање и тестирање за други сексуално преносливи инфекции во Македонија.

Кога ќе се одвива програмата?

Двете едукативни сесии ќе се случат за време на два викенда: на 13-ти и 14-ти април (прв дел) и на 27-ми и 28-ми април (втор дел) и вклучуваат по едно ноќевање во хотел надвор од Скопје.

– Прв дел: 13-ти и 14-ти април
– Втор дел: 27-ми и 28-ми април

Каде ќе се одвива програмата?

Двата дела од програмата ќе се одвиваат во два различни градови во Македонија. Информациите поврзани со точните локации ќе бидат објавени дополнително.

Колку чини учеството?

Учеството во оваа програма е целосно бесплатно.

Сакаш да учествуваш?

Не ја испуштај можноста и пријави се за учество до 25-ти март на линкот.

Од избраните учесници се очекува да учествуваат и во двата дела од едукативната програма, односно на 13-14 април и на 27-28 април. 

За повеќе информации и прашања, обратете се на [email protected]

Биди дел од нашата едукативна програма и пријави се уште денес.