Повик за ангажирање консултант

Kонсултант за поддршка во изработка на измени на подзаконски акт што го регулира пристапот до електронските медицински податоци на пациентите во Северна Македонија

Краен рок за пријавување: 11.6.2025 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање консултант за поддршка во изработката на измени на подзаконски акт коишто го регулира пристапот до електронските медицински податоци на пациентите во Северна Македонија. Оваа консултантска позиција е овозможена во рамките на проектот “Reporting Digital Rights and Freedoms”, координиран од Balkan Investigative Reporting Network Kosovo, а финансиран од Европската унија.

1. Контекст

Република Северна Македонија има воспоставено интегриран здравствен информатички систем (во понатамошниот текст: МојТермин), за чија надградба, оптимизација, извршување, регулирање, одржување и контрола е надлежна Управата за електронско здравство. Помеѓу другото, МојТермин ги содржи медицинските податоци на пациентите во државата. Северна Македонија има донесено низа законски и подзаконски акти коишто го регулираат системот и евиденциите од областа на здравството што ги содржи. Во таа насока, Министерството за здравство има донесено посебен подзаконски акт што го регулира начинот на пристап, дистрибуција, издавање, користење, чување и заштита на податоците од МојТермин.

Овој акт предвидува дека секој лекар има пристап до МојТермин и може да внесува медицински податоци за пациентите, да креира упат и други документи, да ги следи листите на чекање и да ги испечати извештаите, упатите и другите документи од системот. Таквата рамка дозволува широк пристап на здравствените работници од сите профили до медицински податоци, вклучувајќи и податоци кои не се неопходни за одредено медицинско згрижување, што не е во согласност со законската рамка за заштита на лични податоци. Широкото обелоденување на медицинските податоци, особено кога не постои потреба за нивна обработка, може да доведе до злоупотреба на чувствителни податоци, повреда на приватноста на пациентите, односно граѓаните, а документирани се и случаи на дискриминација врз основа на здравствена состојба при дијагнози кои се високо стигматизирани во општеството, како што е, на пример, ХИВ-инфекцијата.

Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ досега има регистрирано значителен број случаи на дискриминација на пациенти со ХИВ во рамките на здравствениот систем (како во јавни, така и во приватни здравствени установи) како резултат на откривањето на информацијата за нивниот ХИВ-статус, вклучително и во ситуации кога таа не е релевантна за конкретниот здравствен третман што треба да го добијат. Во 2024 г. Здружението иницираше и спроведе две анализи; едната се однесуваше на позитивното законодавство за медицинските податоци на Северна Македонија и предизвиците од неговата примена, додека втората е компаративна анализа на законодавството за медицинските податоци на три земји-членки на ЕУ, со препораки за инкорпорирање на компатибилни решенија во Северна Македонија.

Врз основа на спроведените анализи и заклучоците од консултативниот состанок од 14 февруари 2025 г., а во консултација со Министерството за здравство, Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ го поддржува процесот на измени и надополнувања на Правилникот за начинот на пристап, дистрибуција, издавање, користење, чување и заштита на податоците од интегрираниот здравствен информатички систем, преку работна група чиишто членови се номинирани од надлежните институции за конкретната област. Измените ќе се однесуваат на предвидување различни нивоа на пристап на здравствени работници до електронските медицински податоци на пациентите, базирано на принципот на пропорционалност, а имајќи предвид медицината базирана на докази.

2. Опис на работните задачи

Од ангажираниот консултант се очекува да ги исполни следниве задачи:

  • Да направи преглед на документите (закони, подзаконски акти, анализи) релевантни за пристапот до медицински податоци од страна на здравствените работници (2 дена);
  • Да ги фасилитира состаноците и работата на работната група, вклучувајќи и 6 (шест) состаноци на работната група (4 дена);
  • Да изготви предлог-измени и дополнувања на Правилникот за начинот на пристап, дистрибуција, издавање, користење, чување и заштита на податоците од интегрираниот здравствен информатички систем, со цел усогласување со меѓународните стандарди и минимизирање на непропорционален пристап до медицински податоци (6 дена).

Проценет обем на консултантскиот ангажман: 12 консултантски денови

На повикот може да се јават и повеќе од едно лице, во својство на тим, или правно лице.

Одговoрно лице за спроведување на ангажманот на консултантот ќе биде правниот советник во Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

3. Профил и неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:

  • Одлично познавање на проблематиката на законските прописи за заштита на лични податоци;
  • Искуство во научно-истражувачка работа во областа на личните податоци, и
  • Изградени способности за самостојна и тимска стручна работа.

4. Критериуми за избор

Предност за добивање на ангажманот ќе имаат кандидати со:

  • Искуство во проекти или иницијативи во областа на заштитата на личните податоци од областа на здравството и/или учество во работни групи за измени и надополнувања на закони и подзаконски акти на Република Северна Македонија со цел хармонизација со законодавството на ЕУ;
  • Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.

5. Временска рамка, надомест и други услови

Предвидениот обем на консултантскиот ангажман изнесува 12 (дванаесет) консултантски дена. Спроведувањето на задачите наведени во точка 2 треба да заврши до 30 септември 2025 г.

Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантски услуги, а ќе биде надоместен со бруто износ од 9.219,00 денари за еден консултантски ден.

Во однос на динамиката на испорака, консултантот треба:

  1. Да ги фасилитира состаноците на работната група, во периодот јуни – септември; и
  2. Да достави нацрт-измени на Правилникот за начинот на пристап, дистрибуција, издавање, користење, чување и заштита на податоците од интегрираниот здравствен информатички систем, до 30-ти септември 2025 г.

Краен рок и потребни документи за пријавување

Најдоцна до 11.6.2025 г., заинтересираните кандидати треба да достават:

  • Изјава за интерес;
  • Професионална биографија.

Доколку кандидатот е правно лице, документите треба да се однесуваат за физичкото лице коешто ќе ги извршува работните задачи.

Документите за пријавување на повикот со назнака „апликација – изработка на измени на подзаконски акт коишто го регулира пристапот до електронските медицински податоци “ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:

[email protected]

Постапка за избор на консултант

Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу двајца најдобро рангирани кандидати може да биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот.