Форум на заедниците

Во март 2025 г. беше оддржан форум со три заедници: сексуални работници, луѓето што користат дрога и мажите што имаат секс со мажи. Преку неколку часовна работа и дискусија со учесниците, беа донесени неколку значајни заклучоци и препораки.

Форум на заедницата – сексуални работнички

Матичниот лекар не е како ХОПС, тука можам да си ги кажам сите проблеми и да добијам совет. Не знам што би правела и каде би отишла ако ги нема овие луѓе во Центарот.
– сексуална работничка

На форумот учествуваа три жени, сексуални работнички, кои редовно користат разни услуги од Здружението ХОПС – Опции за здрав живот, вклучувајќи тестирање за ХИВ и други инфекции, бесплатни кондоми и лубриканти, психосоцијална и правна помош, како и придружба до институции. Иако сите имаат здравствено осигурување, услугите на ХОПС ги користат секојдневно, некои и повеќе од 10 години, поради сензитивноста и посветеноста на вработените во ХОПС. Сепак, во неколку наврати здружението не можело да обезбеди основни потреби како храна, облека и хигиенски пакети поради кратење на средствата од страна на Владата.

Учесничките изјавуваат дека услугите не ги бараат во јавни установи, туку во други слични здруженија, поради недостиг на разбирање и соодветен третман во институциите. Изразија загриженост што немаат пристап до гинеколог и побараа подобрување на услугите. Дополнително, беше изразена загриженост за постапувањето на метадонските центри, кои по позитивен тест за ХИВ или хепатит Ц не даваат советување.

Форум на заедницата – луѓето што користат дроги

ХОПС ако не беше, ќе ми ја исекоа ногата.
корисничка на дрога

На форумот учествуваа пет лица (тројца мажи и две жени) на возраст од 36 до 53 години. Освен еден учесник кој работи хонорарно, сите имаат здравствено осигурување. Учесниците редовно користат различни услуги од ХОПС – Опции за здрав живот, вклучувајќи тестирања за ХИВ и СПИ, бесплатни кондоми, сетови за инјектирање, психосоцијална поддршка, гинеколошки и општи здравствени прегледи. Услугите ги користат два до три пати неделно и не ги бараат во јавно-здравствени установи поради лоши искуства со стигма и неквалитетна грижа. Изразија незадоволство што во одреден период немало шприцеви и игли.

Истакнаа дека без услугите на здруженијата би се зголемил ризикот од заразни болести и дека работилниците организирани од ХОПС имаат позитивен ефект врз нивното ментално здравје. Некои изразија незадоволство од квалитетот на метадонот, што доведува до продажба на терапијата и зголемена употреба на кокаин. Учесниците предложија зголемено присуство на лекари во центрите, подобри сетови за инјектирање (на пр. микроланс игли), и можност сетовите да се подигаат од аптеки со посебни картички.

Форум на заедниците – мажи што имаат секс со мажи

Доколку не постојат здруженија, никогаш не би се тестирал во ЈЗУ. Исклучиво само по потреба, никако за скрининг.
– учесник, 42 години

На форумот учествуваа седум мажи на возраст од 24 до 42 години, од кои сите освен еден имаат здравствено осигурување. Учесниците редовно користат услуги од граѓански здруженија како тестирање за ХИВ и СПИ, бесплатни кондоми, психосоцијална поддршка, прегледи од лекари и групна поддршка. Повеќето не бараат овие услуги во јавни здравствени установи поради недоверба во доверливоста, анонимноста и стравот од осуда. Забележани се случаи на јавна стигматизација при тестирање во ЈЗУ, како и недостаток на информации и чувствителност кај здравствените работници.

Според учесниците, услугите на здруженијата се поквалитетни и попристапни, особено поради личниот пристап, информираноста и советувањето. Во случаите кога услугите не биле достапни, здруженијата ги упатувале до други организации. Како главни препораките беа издвоени: повеќе онлајн информации за превенција; брошури и ажурирани веб-страници; поголема промоција на услуги преку социјални мрежи и настани; вклучување на наставници во едукација за ХИВ и СПИ; подобри типови на тестови (молекуларни наместо брзи); како и поголема чувствителност и доверливост во јавните здравствени установи. Учесниците нагласија дека доколку здруженијата не би постоеле, тие би се соочиле со повисоки трошоци и недостиг од скрининг, што би ги оставило изложени на здравствените ризици.

Оваа активноста е во рамки на проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“, поддржан од Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Civica Mobilitas а партнерски го спроведуваат ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружение ЕСЕ , Заедно посилни и Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари.