Заштитата на личните податоци во електронските здравствени системи: европски искуства и примена во Северна Македонија

На 14. февруари 2025 г. на иницијатива на Здружението „Заедно посилни“, а во соработка со Управата за електронско здравство се одржа широк консултативен состанок на тема „Заштитата на личните податоци во електронските здравствени системи: европски искуства и примена во Северна Македонија“.

На состанокот беше разгледана регулативата на Северна Македонија во однос на медицинските податоци, преку споредба со неколку земји членки на ЕУ. Главната цел беше составување на конкретни препораки за унапредување на законодавството и хармонизирање со европските стандарди кои се однесуваат на заштитата на личните податоци, особено посебните категории на личните податоци.

Беа презентирани две анализи, изработени од проф. д-р Кристина Мишева и проф. д-р Марија Амповска: (1) анализа на правната рамка на Република Северна Македонија во однос на пристапот и дигитализацијата на медицинските податоци, како и (2) споредбена анализа на регулативата за медицинските податоци во три земји членки на ЕУ, со конкретни препораки за тоа кој вид законски решенија од земјите предмет на анализата би можело да се имплементираат во Северна Македонија.

Низ дискусијата на состанокот беа идентификувани насоки за унапредување и дополнителна правна регулација на електронскиот здравствен информатички систем во смисла на тоа да се обезбеди ограничен пристап до медицинските податоци во согласност со конкретната потреба за давање на здравствена услуга (почитување на начелото на минимална обработка на податоците).

Од друга страна, дел од дискусијата, како и заклучоците се осврнаа потребата Република Северна Македонија што побргу да премине кон целосно дигитализирана евиденција во здравството, да се развие целосна интероперабилност меѓу давателите на здравствени услуги во и надвор од мрежата на здравствени установи. Тоа значително би го забрзало носењето на важните одлуки за здравјето на пациентите и би заштедило време и финансиски средства на пациентите и на Фондот за здравствено осигурување, подобрувајќи го нивото на квалитет на здравствената заштита за македонските граѓани.

Дополнително, на состанокот стана збор и за потребата од регулатива што ќе овозможи ефикасна секундарна употреба на медицинските податоци, што има огромен потенцијал за истражување и анализа, како и за подобрување на здравствените политики врз основа на докази и за подобрување на здравјето на населението.