ВАКЦИНА ЗА ХИВ: МИТ ИЛИ РЕАЛНОСТ?

Кон крајот на 2024 година реномираното научно списание Science го прогласи лекот ленакапавир како 2024 Breakthrough of the Year, т.е. научно откритие на 2024 година.[1] Многу медиуми во Македонија и пошироко во светот, со голема доза на оптимизам пишуваа наслови за новиот „лек за СИДА“ кој во целост би го елиминирал вирусот. Иако оваа информација разбирливо поттикнува возбуда и надеж кај милиони луѓе низ целиот свет, важно е да се разјаснат фактите и да се одржат реални очекувања. Иако ленакапавир се чини дека има голем потенцијал во превенцијата и лекувањето на ХИВ, тој не е ниту вакцина, ниту пак значи целосно искоренување (ерадикација) на ХИВ.

Пред сѐ, за да разбереме зошто ленакапавир не е вакцина, важно е да се објасни што е вакцина во научна смисла на зборот. Вакцините се биолошки препарати дизајнирани да го стимулираат имунолошкиот систем на телото да препознае и да се бори против одредени патогени, како вирусите. На пример, вакцината за грип функционира така што внесува во телото ослабната или неактивна форма на вирусот на грип. Ова изложување го стимулира имунолошкиот систем да произведе антитела кои остануваат во телото и можат брзо да реагираат штом телото дојде во контакт со вистинскиот вирус. Накратко, вакцините се превентивни алатки, наменети за заштита на луѓето кои не се инфицирани.

Што е ленакапавир?

Ленакапавир, од друга страна, е терапевтски лек којшто ја инхибира способноста на ХИВ вирусот да се репродуцира и е ефикасен во намалување на концентрацијата на вирусот во крвта (вирусниот товар) кај веќе инфицирани лица до т.н. недетектабилно ниво. Тој го има истиот ефект како и стандардната антиретровирусна терапија, со таа разлика што наместо секојдневна таблета, се прима како инјекција на секои 6 месеци. Она што е ново е докажаната делотрворност на ленакапавир и во превенцијата на нови инфекции. Неодамна објавените резултати од клиничките испитувања во некои земји, покажуваат одлични резултати, нагласувајќи го големиот потенцијал на овој лек за луѓето кои се изложени на висок ризик од стекнување на инфекција со ХИВ. Ова е особено значајно за региони каде што пристапот до традиционалните методи за превенција и лекување на ХИВ е ограничен.

Брендиран под името Sunlenca / Сунленка, лекот бил одобрен како медицинска терапија од Европската унија во август 2022, а во САД во декември 2022. [2] Тој е достапен во многу држави како дел од предекспозициска профилакса (ПрЕП) за превенција од ХИВ. Во Македонија, ленакапавир сѐ уште не е достапен како дел од терапиите за превенција и лекување.

Важно е да се напомене дека ленакапавир не обезбедува трајна имунолошка заштита како вакцините. Наместо тоа, потребно е редовно администрирање (најчесто два пати годишно) за да остане ефективен. Ова го прави ленакапавир одлична алатка за контрола на ширењето на вирусот, но не и лек за целосно искоренување/ерадикација на ХИВ-инфекцијата.

Иако овие достигнувања се од огромно значење, тие не значат дека сме на чекор до целосна ерадикација на ХИВ. Наместо тоа, светот се движи кон намалување на бројот на нови инфекции и потенцијално елиминирање на трансмисијата со текот на времето. Справувањето со епидемијата на ХИВ продолжува да биде предизвик кој бара глобална соработка, постојано истражување и пристап до медицинска нега за оние на кои им е најпотребна. Ленакапавир е значаен чекор напред, но патот кон целосна победа над ХИВ останува неизвесен.


[1] “2024 Breakthrough of the Year.” www.science.org, December 2024, https://www.science.org/content/article/breakthrough-2024#section_breakthrough. Accessed 19 December 2024.

[2] “Sunlenca.” www.tga.gov.au, 2024, https://www.tga.gov.au/resources/auspmd/sunlenca. Accessed 19 December 2024.