Светски ден на СИДА 2024

На први декември, 2024, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ го одбележа Светскиот ден на СИДА и воедно прослави својот 15 роденден на пригоден настан и аукција.

Според СЗО Светскиот ден на свесноста за СИДА се одбележува веќе 36 години, па така и оваа година ЗАЕДНО ПОСИЛНИ организираше добротворна забава под слоганот „ХИВ не ме прави помалку човек“. Македонија заедно со сите држави на Обединетите нации имаат за цел ставање крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година. За жал, стигмата и дискриминацијата се сè уште дел од животите на лицата што живеат со ХИВ и затоа нашето здружение продолжува да се бори за намалување на стигмата и дискриминацијата во Македонија.

Со таа цел, нашето здружение на 1 декември, 2024 организираше добротворна аукција во МАККА Бар со почеток во 20 часот, и ноќна добротворна забава на 7 декември. Настанот беше еднакво отворен за поддржувачите и соработниците на здружението, како и за пошироката јавност. Оваа година, во соработка со Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, под менторство на професор Гордана Вренцоска, 18 студенти дизајнираа 20 предлог решенија за постери. Дизајните беа изложени за време на настанот како дел од донаторските активности. Покрај постерите, неколку предмети со студентските дизајни беа исто така дел од базарот.

Катерина Синадиновска беше модератор на настанот и водител на аукцијата, додека Соња Исмаил беше ди-џеј на вечерта. Во друштво на поддржувачи, членови на здружението, студенти и пријатели, Андреј Сених и Румена Ѓердовска Којчески се обратија кон публиката, осврнувајќи се на успесите од минатото и предизвиците на иднината. Професор Вренцоска се заблагодари на студентите за завршената работа и ја издвои соработката со ЗАЕДНО ПОСИЛНИ како одлична. Благодарници за студентите, донаторите и основачите на здружението беа доделени во текот на настанот.

Како признание за исклучително залагање во грижата за луѓето што живеат со ХИВ беа доделени и благодарници на д-р Ивана Панчевска, д-р Наташа Хаџи Николова Алпачинова, д-р Вјолца Алији и д-р Фанка Гилевски и д-р Илир Османи од Систина Офталмологија Скопје.

Вториот дел од вечерта беше посветен на аукција на 8 од најдобрите студентски дизајни. Преку интеракција со публиката сите парчиња беа успешно продадени низ забавен процес на лицитација. Дизајните врамени во квадратни рамки беа лицитирани како слики кои можат да се постават во приватен или професионален простор. Сите парчиња носат превентивни пораки за ХИВ инспирирани од овогодинешниот слоган: „ХИВ не ме прави помалку човек“. 

Од аукцијата, продажната изложба и дополнителните донациите беа собрани 101.020 денари. Средствата од овој фонд Здружението ќе ги користи во текот на 2025 г. за на приближно 20 лица со ХИВ во исклучително тешка материјална положба, да им укаже помош во основни прехранбени и хигиенски производи во текот на целата година, како и за покривање на патни трошоци до Скопје за итни медицински потреби, редовен пристап до терапија и лекување на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Организацијата на настанот беше во склоп на Деновите за донирање на КОНЕКТ, а беше и поддржана од Алкалоид Конс, ЗЕГИН, Европски универзитет, New Moment и MAKКА БАР.