Во духот на нашата мисија за поддршка и недискриминација на луѓето кои живеат со ХИВ, на 24 oктомври, „Заедно посилни“ – Скопје и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација организираа консултативен состанок со наслов „ХИВ како основа за дискриминација во Северна Македонија – искуства и предизвици“.
На настанот присуствуваа претставници од Народниот правобранител, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за заштита на личните податоци, Лекарската комора на Македонија и Клиниката за инфективни болести. Присутните анализираа случаи на дискриминација врз основа на ХИВ-статусот кои се случиле во последните неколку години во Македонија, споредувајќи ги со слични случаи од Европа и пошироко за кои постапувал Европскиот суд за човекови права.
Во текот на дискусијата, учесниците имаа шанса да ги анализираат најчестите случаи на повреда на човековите права на луѓето кои живеат со ХИВ, но и предрасудите за ХИВ и искуствата на луѓето кои живеат со ХИВ при процесирањето на случаите. Човековите права, без разлика на здравствениот статус на индивидуите, мора да бидат почитувани од сите физички и правни лица.