Краен рок за пријавување: 28.10.2024
Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање консултант за изработка на предлог-текст за национално упатство за давање на услуги за ХИВ-тестирање во Северна Македонија, во согласност со меѓународните пракси и препораките на релевантни организации.
Овој консултантски ангажман е овозможен во рамките на регионалниот проект „Одржливост на услугите за клучните засегнати популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ (СоС 2.0), а е дел од работната програма на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ за 2024 година, која е поддржана од Европската Унија.
1. Контекст
ХИВ-тестот е единствен начин на кој може да се открие ХИВ-инфекцијата во човековиот организам. Потврдувањето на инфекцијата, пак, се врши преку комбинација на одредени тестови за ХИВ во согласност со утврдени алгоритми. ХИВ-тестирањето претставува клучна интервенција во стратегиите за ставање крај на епидемијата на ХИВ на светско ниво, како и во Македонија, имајќи го предвид приоритетот да се дијагностицираат што поголем број лица што се инфицирани со вирусот, а не се свесни за тоа.
ХИВ-тестирањето во Македонија е достапно во различни форми и се нуди во различни институции и организации, вклучувајќи го и граѓанскиот сектор. Во Република Северна Македонија досега не постои национално упатство што го регулира начинот на којшто се нудат услугите за ХИВ-тестирање и дијагностика на ХИВ, иако постои Водич за доброволно советување и тестирање (ДСТ) кој го утврдува начинот на нудење на услугите за ДСТ што се даваат во рамките на граѓанскиот сектор и во некои здравствени установи. Во 2022 година, за прв пат во Македонија беше воведена опцијата за самотестирање за ХИВ врз основа на нарачување преку интернет. Сепак, светските искуства од последните десетина години, одразени и во официјалните препораки на релевантни меѓународни организации, упатуваат на нови успешни пристапи во нудењето на ХИВ-тестирањето, како во здравствениот сектор, така и на ниво на заедницата, вклучувајќи и сè поголемо демедикализирање на оваа услуга, со цел да се овозможи што поголема покриеност на клучните засегнати популации.
Врз основа на нацрт-Националната стратегија за ХИВ до 2030 година и приоритетите определени од Националната комисија за ХИВ во последните неколку години, Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје има намера да го поддржи развивањето на предлог-текст за национално упатство за давање на услуги за ХИВ-тестирање во Северна Македонија, во согласност со меѓународните пракси и препораките на релевантни организации – со цел да служи за подобрување на квалитетот, видот и достапноста на услугите за ХИВ-тестирање. Развиениот предлог-текст ќе биде разгледуван од Националната комисија за ХИВ и други релевантни чинители, по што се очекува ажурирана верзија од упатството да биде и формално усвоена од Министерството за здравство.
2. Опис на работните задачи
Од ангажираниот консултант се очекува да ги исполни следниве задачи:
- Да ги анализира релевантните светски препораки во однос на ХИВ-тестирањето, особено упатствата на Светската здравствена организација и на Европскиот центар за превенција и контрола на болестите;
- Да ги истражи и категоризира видовите услуги, односно начините на коишто се нуди ХИВ-тестирањето во Република Северна Македонија;
- Да спроведе консултации со организации и институции што нудат ХИВ-тестирање во земјата;
- Да изготви предлог-текст за национално упатство за спроведување на услуги за ХИВ-тестирање во Северна Македонија, во согласност со препораките на Светската здравствена организација и на Европскиот центар за превенција и контрола на болестите кое понатаму би било разгледувано од Националната комисија за ХИВ.
Одговoрно лице за спроведување на ангажманот на консултантот ќе биде програмскиот координатор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.
3. Профил и неопходни квалификации
Кандидатите треба да ги исполнуваат следниве основни квалификации:
- Повеќе од 5 години искуство во областа на јавно-здравствени и здравствени политики;
- Искуство во истражувачка работа во областа на ХИВ;
- Одлично познавање на спецификите на епидемијата на ХИВ во Северна Македонија и на националниот одговор кон ХИВ;
- Докажани аналитички вештини;
- Професионално користење со англискиот јазик;
- Способности за планирање и организација со цел навремено исполнување на зададените задачи.
4. Критериуми за избор
Предност за добивање на ангажманот ќе имаат кандидати со:
- Претходно учество во развивање на официјализирани (т.е. усвоени) национални упатства, стандардни оперативни процедури, протоколи или други документи од оваа категорија (да се наведат во пријавата за конкурсот)
- Познавање на моментално достапните услуги за ХИВ-тестирање;
- Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.
5. Временска рамка, надомест и други услови
Предвидениот обем на консултантскиот ангажман изнесува 18 (осумнаесет) консултантски дена. Спроведувањето на задачите наведени во точка 2 треба да заврши до 10 декември 2024 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантски услуги, а ќе биде надоместен со бруто износ од 150 американски долари во денарска противвредност за еден консултантски ден.
Во однос на динамиката на испорака, консултантот треба да достави прва верзија на предлог текст на национално упатство за спроведување на услугите за ХИВ-тестирање во Република Северна Македонија, најдоцна до 30 ноември, 2024 г. и конечна верзија до 10 декември, 2024 г.
6. Краен рок и потребни документи за пријавување
Најдоцна до 28.10.2024 г., заинтересираните кандидати треба да достават:
- Изјава за интерес;
- Професионална биографија (на македонски или англиски јазик).
Документите за пријавување на повикот со назнака „апликација – упатство за ХИВ-тестирање“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:
Постапка за избор на консултант
Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу двајца најдобро рангирани кандидати може да биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот.