Краен рок за пријавување: 14.12.2023 г.
Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање консултанти за развивање предлог за ревидирани алгоритми за поставување дијагноза на ХИВ во Северна Македонија.
Овој консултантски ангажман е овозможен во рамките на регионалниот проект „Одржливост на услугите за клучните засегнати популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ (СоС 2.0), а е дел од работната програма на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ за 2023 година, која е поддржана од Европската Унија.
1. Контекст
Северна Македонија е земја со релативно ниско ниво на епидемија на ХИВ која е сконцентрирана во клучните засегнати популации, а првенствено во популацијата на мажи што имаат секс со мажи. Во последните 5 години во просек се дијагностицираат 45 случаи годишно. Критериумите за дефинирање на случаи на ХИВ, односно поставување конечна дијагноза, последен пат биле ревидирани во 2011 година. Во 2019 година Светската здравствена организација издаде препораки за напуштање на употребата на технологиите Western blot и линиски имунотестови во алгоритмите за поставување дијагноза и нивна замена со поедноставни типови на тестови, употребени во соодветни комбинации, со цел да обезбедат точна дијагностика за помал трошок, пократко време и заштеда на човечки ресурси. Врз основа на мисијата на Светската здравствена организација посветена на системите и стратегиите за превенција на ХИВ, вклучувајќи и подобрени теренски интервенции за мажите што имаат секс со мажи во Република Северна Македонија од 2018 г. Националната комисија за ХИВ, исто така, препорача поедноставување на алгоритмите за потврдување на случаи на ХИВ-инфекција. Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје, како организација на пациентите со ХИВ-инфекција во Северна Македонија дејствува за ставање крај на ХИВ преку обезбедување услуги во заедницата и насочување на јавните политики. Во тие рамки ЗАЕДНО ПОСИЛНИ има намера да обезбеди техничка поддршка за изготвување нови предлог-критериуми за поставување дијагноза на ХИВ, врз основа на консултација со релевантни чинители на национално ниво, на препораките на Светската здравствена организација и на други релевантни меѓународни извори. Оваа техничката поддршка е овозможена во рамките на регионалниот проект „Одржливост на услугите за клучните засегнати популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“, раководен од Алијансата за јавно здравје од Киев, Украина и Регионалната мрежа на заедниците за борба против ХИВ и туберкулоза во Југоисточна Европа, финансиски поддржана од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.
2. Опис на работните задачи
Од ангажираните консултанти се очекува да ги исполни следниве задачи:
- Да подготват краток извештај (4-6 страници) што ќе вклучи:
- осврт на актуелните официјални национални документи во кои се регулираат процедурите за дијагностицирање на ХИВ-инфекција,
- осврт на досегашната пракса во примената на лабораториски тестови за поставување дијагноза на ХИВ во референтните институции во Република Северна Македонија (т.е. Институтот за јавно здравје и Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби),
- преглед на најновите препораки на Светската здравствена организација во однос на алгоритмите за поставување дијагноза на ХИВ, во споредба со препораките од барем уште еден меѓународно релевантен извор (на пример CDC, ECDC или национални упатства од Велика Британија, Франција, Германија или Швајцарија);
- Да подготват и образложат предлог за ревидиран алгоритам/постапка за дијагностика на ХИВ, кој ќе ги земе предвид препораките на Светската здравствена организација, особено во насока на зголемување на исплатливоста и поедноставување на процедурите од аспект на време и човечки ресурси, а кој би можел да биде применлив во Северна Македонија;
- Да подготват предлог текст на правилник (или друг релевантен документ), кој ќе ја пропишува постапката за поставување дијагноза на ХИВ-инфекција (според примерот на постојната официјална процедура/правилник/уредба).
Во рамките на својот ангажман консултантите имаат обврска по потреба да остварат консултација и со други релевантни стручни лица на национално ниво од клиничката и/или лабораториската пракса, а предлогот да го изложат пред Националната комисија за ХИВ и да ги земат предвид нејзините насоки при формулирањето на конечниот предлог од точка 2.
Проценетиот обем на консултантскиот ангажман изнесува 10 консултантски денови.
За својата работа консултантот одговара пред извршниот директор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.
3. Профил и неопходни квалификации
Кандидатите треба да ги исполнуваат следниве основни квалификации:
- Релевантна универзитетска диплома на најмалку магистерско ниво или специјализација во некоја од областите: медицина, клиничка биохемија, лабораториска дијагностика или сродно;
- Работно искуство во областа на лабораториската дијагностика;
- Способности за планирање и организација и навремено исполнување на зададените задачи;
- Изградена способност за тимска работа;
- Одлично познавање на македонскиот и англискиот јазик.
4. Критериуми за избор
Предност за добивање на ангажманот ќе имаат кандидати со:
- Повисок степен на релевантно искуство;
- Претходно искуство во слични процеси.
5. Временска рамка, надомест и други услови
Предвидениот обем на консултантскиот ангажман изнесува 10 (десет) консултантски денови. Спроведувањето на задачите наведени во точка 2 треба да заврши до 29 декември, 2023 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантски услуги, а ќе биде надоместен со бруто износ од 150 долари во денарска противвредност за еден консултантски ден.
6. Краен рок и потребни документи за пријавување
Најдоцна до 14.12.2023 г., заинтересираните кандидати треба да достават:
- Професионална биографија
Документите за пријавување на повикот со назнака „апликација – дијагностика на ХИВ“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:
7. Постапка за избор на консултант
Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу двајца најдобро рангирани кандидати може да биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот.