Повик за ангажирање консултант: консултант за развивање на упатство за следење на процесите поврзани со јавна набавка на антиретровирусни лекови за лекување на ХИВ

Краен рок за пријавување: 22.9.2023 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање консултант за развивање предлог-текст за упатство и методологија за следење на процесите поврзани со јавната набавка на антиретровирусни лекови за лекување на ХИВ.

Оваа консултантска позиција е овозможена во рамките на регионалниот проект „Одржливост на сервисите за клучните популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ (#SoS_project 2.0), кој е финансиски поддржан од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, а чии активности на ниво на Р. С. Македонија се раководени од Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и се насочени на поддршка на националниот одговор кон ХИВ, во консултација со Националната комисија за ХИВ. Активноста е дел од годишната работна програма на Здружението, која е поддржана од Европската Унија.

1. Контекст

Република Северна Македонија е земја со ниско ниво на епидемија на ХИВ, при што епидемијата е концентрирана во рамките на клучни засегнати популации. Се проценува дека заклучно со крајот на 2021 година околу 500 лица живееле со ХИВ во Северна Македонија, од коишто 70 % биле свесни за својата инфекција, што е значително пониско од глобалниот просек за истата година, кој изнесува 85 %. Од друга страна, согласно со проценките на национално ниво, 94,5 % од дијагностицираните лица на крајот на 2021 година примале антиретровирусна терапија, а дури 96,2 % од нив имале супримиран вирус во крвта (глобален просек за 2021 г. – 88% и 92% соодветно). 

Лекувањето на ХИВ-инфекцијата го спроведува исклучиво Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, следејќи ги релевантните меѓународни препораки на Европското клиничко здружение за СИДА и на Светската здравствена организација. Средствата за лекување на ХИВ-инфекцијата се обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија, а се распределуваат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција. Програмата се усвојува секоја година од страна на Владата на Република Северна Македонија, по предлог на Министерството за здравство.  Повикот за јавна набавка на антиретровирусната терапија е меѓународен, се објавува во странско гласило и е од отворен тип. Поради комплексноста на сите процеси кои се поврзани со набавката на антиретровирусни лекови и важноста на навремена набавка на терапија за лекување на ХИВ, Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје повеќе години наназад ги следи сите фази од постапката за набавка и презема активности со цел да влијае за ефикасно и навремено обезбедување на лековите за пациентите со ХИВ. Во таа насока, Здружението има потреба од изготвување на упатство за потребите за следењето и застапувањето во процесите коишто влијаат врз обезбедувањето на антиретровирусните лекови. Изготвувањето на вакво внатрешно упатство се очекува да придонесе за подобро разбирање за сите процеси кои влијаат врз набавката на антиретровирусните лекови и сите чинители кои се вклучени во спроведување на таквите процеси, сконцентирано застапување за алоцирање на средства коишто одговараат на реалните потреби на Програмата за ХИВ, поуспешно следење на процесите кои влијаат врз набавката на антиретровирусните лекови и подобрување на механизмите на застапување за пристапот до лекови на лицата што живеат со ХИВ. Изготвениот предлог-текст на упатството ќе биде развиен врз основа на анализа на важечките законски прописи во Република Северна Македонија и релевантните внатрешни процедури на Клиниката за инфективни болести и Министерството за здравство, кои ја регулираат материјата околу процесите кои влијаат врз набавката на антиретровирусни лекови. 

2. Опис на работните задачи

Од ангажираниот консултант се очекува да ги исполни следниве задачи:

  • Да направи анализа на важечките законски прописи на Република Северна Македонија, особено оние од областа на националниот буџет, јавните набавки и здравствените програми на Владата на Република Северна Македонија (2 дена);
  • Да предложи структура за упатство за следење на и застапување во процесите кои влијаат врз набавката на антиретровирусните лекови за лекување на ХИВ;
  • Да спроведе консултации со заинтересирани страни кои може да имаат придонес кон структурата и содржината на упатството;
  • Да изготви предлог-текст на упатството за следење на и застапување во процесите кои влијаат врз набавката на антиретровирусни лекови за лекување на ХИВ. 

Проценет обем на консултантскиот ангажман: 4 консултантски денови

Одговoрно лице за спроведување на ангажманот на консултантот ќе биде асистентот за застапување на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

3. Профил и неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:

  • Одлично познавање на проблематиката на јавните набавки, здравствените програми, особено Програмата за ХИВ, и легислативниот процес на донесување на националниот буџет на Република Северна Македонија;
  • Искуство во научно-истражувачка работа во областа на јавните набавки, лекови и медицински помагала, финансии на национални институции или буџетски политики;
  • Изградени способности за индивидуална стручна работа.

4. Критериуми за избор 

Предност за добивање на ангажманот ќе имаат кандидати со:

  • Искуство во подготовка на внатрешни акти на граѓански организации или релевантни документи за застапување во областа на здравствената заштита и/или јавните набавки;
  • Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.

5. Временска рамка, надомест и други услови

Предвидениот обем на консултантскиот ангажман изнесува 4 (четири) консултантски дена. Спроведувањето на задачите наведени во точка 2 треба да заврши до 31 октомври 2023 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантски услуги, а ќе биде надоместен со бруто износ од 150 американски долари во денарска противвредност за еден консултантски ден.

Краен рок и потребни документи за пријавување

Најдоцна до 22.9.2023 г., заинтересираните кандидати треба да достават:

  • Изјава за интерес
  • Професионална биографија.

Документите за пријавување на повикот со назнака „апликација – упатство процеси за набавка на АРТ“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:

[email protected]

Постапка за избор на консултант

Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу двајца најдобро рангирани кандидати може да биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот.