Назив на стручната активност:
„ХИВ-инфекцијата денес – дијагностика, лекување, професионален ризик и профилакса“
Датум и место на одржување: 17-19 март 2023 г., Mia’s favorite хотел, Маврово
ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби ќе спроведе дводневна работилница наменета за доктори по стоматологија на тема „ХИВ-инфекцијата денес – дијагностика, лекување, професионален ризик и профилакса“. Цел на работилницата е да се споделат современи и ажурирани сознанија на науката во врска со ХИВ-инфекцијата од гледна точка на потребите на докторите по стоматологија, вклучувајќи го и ризикот од професионална експозиција, превенцијата и профилаксата. Оваа стручна активност ќе се организира со техничка и логистичка поддршка од Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје. Финансиски е поддржана од Европската Унија преку оперативен грант на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ за 2023 година.
Поаѓајќи од наодите од последните и актуелни истражувања и анализи за епидемиолошкиот контекст на ХИВ-инфекцијата во Република Северна Македонија, работилницата ќе опфати најнови сознанија во однос на патофизиологијата, лекувањето и следењето на ХИВ-инфекцијата, како и биомедицинската превенција, односно профилаксата на ХИВ.Посебен акцент ќе биде ставен и врз професионалниот ризик од изложување на вирусот кај стоматолозите, како и достапноста на и пристапот до постекспозициска профилакса како вид на итна помош по експозиција. На работилницата ќе бидат претставени и новите национални упатства за постекспозициска и предекспозициска профилакса. Еден дел од работилницата ќе биде посветен и на социјалните аспекти на ХИВ, кои имаат силно влијание врз пристапот до здравствената заштита, вклучително и споделувањето на сопствениот ХИВ-статус од страна на пациентите со своите матични стоматолози.
Очекувани резултати
Учесниците на работилницата:
- ќе добијат слика за актуелните епидемиолошки трендови на ХИВ во С. Македонија и за аспектите важни за докторите по стоматологија;
- ќе се запознаат со препораките за превенција од трансмисија на ХИВ-инфекцијата кај стоматолошкиот персонал и пациентите при стоматолошки интервенции;
- ќе стекнат познавања за професионалните ризици и за пристапот до постекспозициска профилакса во случај на експозиција на вирусот;
- ќе стекнат ажурирани информации во врска со дијагностицирањето и третирањето на ХИВ-инфекцијата, обрнувајќи внимание и на социјалните детерминанти, како и на улогата на матичните стоматолози.
Предавачи на работилницата:
- д-р Билјана Петреска, специјалист инфектолог при ЈЗУ Универзитетска Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје;
- Проф. д-р Марија Стевановиќ, Стоматолошки факултет – Скопје, со искуство во работа со пациенти со ХИВ-инфекција;
- Румена Ѓердовска – Којчески, социјален работник во Советувалиштето за ХИВ при Универзитетска Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, Скопје;
- Андреј Сених, извршен директор на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.
Услови за учество
За учеството не се плаќа котизација, а трошоците за престој од две ноќевања 18 и 19 март 2022 (полн пансион) ќе бидат покриени во целост. Трошоците за превоз ќе бидат покриени во согласност со правилата на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје. Очекуваното пристигнување на учесниците е во петок, 18 март, до 20:00 часот.
Од кандидатите што ќе бидат избрани за учество се очекува да ја следат целата дводневна работилница.
Бројот на учесници е ограничен. Заинтересираните ќе имаат предност според редоследот на пријавување, при што особено ќе биде земена предвид и соодветната застапеност на учесници од различни региони низ државата.
Пријавување Заинтересираните лица може да се пријават преку електронска пошта на [email protected] или на телефон 078 35 55 91, најдоцна до 10 март 2023 г.