Краен рок за пријавување: 26.12.2022 г.
Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање консултант за анализа на цените на антиретровирусните лекови во Северна Македонија, развивање предлог за стратешки пристапи за намалување на цените на клучни антиретровирусни лекови и развивање Водич за планирање и спроведување на набавките на антиретровирусни лекови од страна на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.
Оваа консултантската позиција е овозможена во рамките на регионалниот проект „Одржливост на услугите за клучните популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ (СоС 2.0).
1. Контекст
Обезбедувањето на антиретровирусни лекови за пациентите со ХИВ во Македонија е отежнато поради низа причини, меѓу кои се вбројуваат релативно големиот број неопходни лекови наспроти релативно малиот број пациенти, фактот дека дел од лековите не се регистрирани, големата разлика во цената меѓу различни тераписки режими, па сè до отсуството на соодветно менаџирање и буџетирање од страна на Министерството за здравство. Како организација на пациентите со ХИВ-инфекција во Северна Македонија, Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје континуирано ги следи процесите на обезбедување на лековите за ХИВ, вклучувајќи го аспектот на планирање, спроведување на јавните набавки и испораката на лековите. Во рамките на својата стратегија за периодот 2021-2025, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ предвидува да делува во насока на подобрување на механизмот за обезбедување на терапијата за ХИВ и во таа смисла планира да обезбеди техничка поддршка за Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и за Министерството за здравство во делот на подобро планирање и соодветно стратегизирање што ќе осигури континуирана достапност на квалитетни лекови, а воедно и ќе ги рационализира трошоците за здравствениот систем. Консултантската позиција од овој повик одговара на потребата од техничка и стручна поддршка за остварување на оваа намера.
2. Опис на работните задачи
Од ангажираниот консултант се очекува да ги исполни следниве задачи:
1. Да направи анализа на цените на антиретровирусните лекови во употреба во Северна Македонија и согласно со упатствата на Светската здравствена организација;
2. Да развие предлог за стратешки пристапи за намалување на цените на клучни антиретровирусни лекови во Македонија;
3. Да развие предлог-упатство за планирање и спроведување на набавките на антиретровирусни лекови од страна на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.
Упатството од точката 3 треба да одговори на следниве услови:
– Да ги покрива сите чекори во процесот на обезбедување на антиретровирусни лекови, вклучувајќи ја проценката на потребите и пресметката на залихите на неопходни лекови за една до две следни години, проценка на трошоците, навремената и соодветна комуникација меѓу Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и Министерството за здравство во однос на проценетите неопходни финансиски средства и спроведувањето на годишните набавки на антиретровирусни лекови, сè до испораката на набавените лекови до Клиниката за инфективни болести;
– Во насока на претходното, поконкретно да содржи насоки за начинот на предвидување на потребите, како и насоки за процесот на побарување соодветен буџет за лекови од Министерството за здравство и насоки за спроведувањето на јавната набавка;
– Да се потпира врз досегашното искуство и алатки за планирање на Клиниката за инфективни болести и да предложи подобрувања на алатките.
Проценетиот обем на консултантскиот ангажман изнесува 12 консултантски денови.
За својата работа консултантот одговара пред извршниот директор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.
3. Профил и неопходни квалификации
Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:
– Релевантна универзитетска диплома во некоја од областите: здравствена економија, здравствени политики, јавно здравје, фармација, медицина или сродно;
– Познавања од областа на јавните набавки во здравството, односно јавни набавки на лекови;
– Способности за планирање и организација и навремено исполнување на зададените задачи;
– Изградена способност за тимска работа;
– Одлично познавање на македонскиот и англискиот јазик.
4. Критериуми за избор
Предност за добивање на ангажманот ќе имаат кандидати со:
– Работно искуство во областа на здравствените политики и политиките поврзани со
обезбедувањето лекови во Република Северна Македонија;
– Претходно искуство во слични процеси поврзани со темите за пристап до лекови и политики за лекови;
– Повисок степен на релевантно искуство.
5. Временска рамка, надомест и други услови
Предвидениот обем на консултантскиот ангажман изнесува 12 (дванаесет) консултантски дена. Спроведувањето на задачите наведени во точка 2 треба да заврши до 20 јануари 2023 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантски услуги, а ќе биде надоместен со бруто износ од 9.119,00 денари за еден консултантски ден.
6. Краен рок и потребни документи за пријавување
Најдоцна до 26.12.2022 г., заинтересираните кандидати треба да достават:
– Изјава за интерес – преку e-mail;
– Професионална биографија која ќе го прикаже работното искуство релевантно за овој повик.
Документите за пријавување на повикот со назнака „апликација – упатство за АРВ лекови“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:
7. Постапка за избор на консултант
Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу двајца најдобро рангирани кандидати може да биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот.