Повик за ангажирање консултант за спроведување на проценка на потребите на лицата што живеат со ХИВ во Македонија

Продолжен рок за пријавување: 12 август 2022 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за ангажирање за консултантска позиција:

Главен истражувач за спроведување на проценка на потребите на лицата што живеат со ХИВ во Македонија

Оваа консултантска позиција е предвидена со годишната работна програма на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, која е финансиски поддржана од Европската Унија.

На повикот може да се пријават физички или правни лица.

Контекст

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ е здружение на заедницата на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија. Тоа се води од визијата за општество во кое луѓето што живеат со ХИВ, како и сите други луѓе без разлика на здравствениот статус, се ослободени од стегите на стигмата и дискриминацијата и ги уживаат достигнувањата на науката за унапредување на своето здравје. Ги поддржува луѓето што живеат со ХИВ во остварувањето на нивните права и дејствува за ставање крај на ХИВ и за подобро здравје за сите луѓе, преку обезбедување услуги во заедницата и насочување на јавните политики.

Во таа смисла, Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ нуди услуги за врсничка, психосоцијална и правна поддршка, обуки за тераписка писменост и за други аспекти на квалитетот на живот на луѓето со ХИВ. Воедно, Здружението се застапува за остварување на нивните права, особено во делот на здравствената и социјалната заштита, како и заштитата од дискриминација во општеството. Во рамките на својата организациска стратегија за периодот 2021-2025, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, меѓу другото, планира да го подобри квалитетот на своите услуги за поддршка во согласност со потребите на својата целна група, како и да придонесе за подобрување на механизмот за обезбедување антиретровирусни лекови и за поефикасни механизми за заштита од дискриминација. Во исто време, Здружението има намера да ја прилагоди својата стратегија врз основа на проценка на потреби на луѓето со ХИВ.

Цел на истражувањето

Истражувањето има цел да ги процени потребите на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија, што потоа ќе биде искористено како за приспособување на услугите за поддршка што ги нуди Здружението, така и во активностите за застапување за подобрување на политиките и услугите за луѓето со ХИВ на национално ниво. Во рамките на проценката на потребите ќе бидат проценети и трендовите на искусена стигма и дискриминација, со што ќе се обезбеди дополнителна база на податоци за потребата од преземање на активности за сензитивизација на институции од релевантни сектори, како и на здравствени работници.

Специфични цели на истражувањето:

– Да се направи проценка на потребите на лицата што живеат со ХИВ во Република Северна Македонија поврзани со здравствените и социјалните услуги и останати услуги за поддршка;

– Да се измери нивото на стигма и дискриминација кон лицата што живеат со ХИВ во различни сфери од општественото живеење, како и нивото на автостигма;

– Да се идентификуваат главните предизвици со кои се соочуваат лицата со ХИВ при обелоденување на статусот во пристапот до здравствени услуги, пристапот до социјална и правна поддршка и заштита, како и на работното место;

– Да се процени нивото на стигма и дискриминација кон мажи кои имаат секс со мажи кои живеат со ХИВ, вклучувајќи го и нивото на авто-стигма;

– Да се измерат промените во трендот на стигмата и дискриминација во споредба со проценката на потребите на лицата со ХИВ направена во 2014 година;

– Да се измери степенот на информираност на лицата со ХИВ во Македонија за нивните права, националните и меѓународни политики и инструменти кои ги засегаат лицата со ХИВ и да се измери степенот на нивното користење и спроведување во практика;

– Да се идентификуваат и проценат родовите пристапи на националниот одговор кон ХИВ во однос на жените кои живеат со ХИВ.

Работни задачи

Ангажираниот консултант/ка ќе треба да ги исполни следниве задачи:

– да подготови и развие истражувачка методологија, во која ќе вклучи и адаптација

– да го обучи и да го координира истражувачкиот тим;

– да изготви формулари за доверливост за сите учесници во истражувачкиот процес во согласност со Водичот за корисници на моделот Стигма-индекс;

– да направи анализа на квантитативните и квалитативните податоци од истражувањето;

– да изготви завршен наративен извештај од студијата, вклучувајќи и заклучоци и препораки кои ќе се темелат на наодите од истражувањето, a ќе вклучи и евентуални графички прикази, табели или илустрации.

За својата работа консултантот одговара пред програмскиот координатор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

Профил и неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:

– Релевантна универзитетска диплома;

– Минимум 5 годишно искуство како методолог и како главен истражувач во квалитативни и квантитативни истражувања;

– Искуство како истражувач во областа на здравството, социјалната политика, социологијата, психологијата, јавното здравје или други сродни дисциплини, или во доменот на правата на пациентите или маргинализираните групи;

– Општи познавања во врска со ХИВ и СИДА, соодветни на современата состојба на знаење во врска со оваа област, и општо познавање на правната рамка за спречување и заштита од дискриминација во Република Северна Македонија;

– Претходно искуство од работа на анализи релевантни за конкретниот ангажман;

– Докажани аналитички вештини;

– Професионално ниво на познавање на Microsoft Office Excel;

– Искуство во обработка и статистички пресметки во соодветен софтвер (SPSS, STATA или соодветно);

– Способности за планирање и организација и навремено исполнување на зададените задачи;

– Изградени способности за тимска стручна работа;

– Одлично познавање на англиски јазик.

Критериуми за избор на консултант

Предност ќе имаат кандидатите со:

– Претходно искуство во изработка на слични истражувања во областа на здравството

– Искуство или познавања од областа на човековите права или правата на пациентите

– Искуство во работа со пациенти или маргинализирани групи

– Соодветна мотивација за конкретниот ангажман

– Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации

Временска рамка, надомест и други услови

Предвидениот обем на консултантскиот ангажман изнесува 12 (дванаесет) консултантски дена во вкупен бруто износ од 88.500,00 денари. Спроведувањето на процесот треба да заврши до 31.10.2022 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантските услуги со покриен персонален данок на доход.

Краен рок и потребни документи за пријавување

Најдоцна до 10.8.2022 г., заинтересираните кандидати треба да ги достават по електронски пат следниве документи:

– професионална биографија со резиме на клучните квалификации релевантни за овој повик и осврт на претходното искуство од работа на релевантни анализи, наведени со наслов, датум, времетраење и краток опис на ангажманот);

– писмо (300-600 збора) во кое ќе се осврнат на пристапот што би го презеле како методолог и истражувач во овој вид на истражување и ќе се осврнат на личната мотивација за конкретниот ангажман;

– контакт за препорака: име и презиме, адреса, телефон и електронска пошта од раководно лице на една од институциите/организациите за коишто работеле претходно

Документите за пријавување на повикот со назнака „Повик за консултант – Стигма-индекс“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:

[email protected]

Во маил-от треба да се наведе за која позиција/и аплицира кандидатот.

Постапка за избор на консултант

Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу тројца најдобро рангирани кандидати ќе биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот. Сите кандидати ќе бидат известени за резултатот од изборот по електронски пат во рок од 7-14 дена по затворањето на повикот.