Eдукативна програма за млади на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје – ПОВИК ЗА УЧЕСТВО

Ако си млад геј или би маж, на возраст помеѓу 19 и 27 години,

ако си мотивиран да придонесеш за подобар квалитет на живот во својата заедница,

ако си заинтересиран за најновите, научно поткрепени и релевантни информации за сексуалното здравје на геј и би мажите, влучувајќи теми како: недетектабилно – непреносливо, ПрЕП, ПЕП, chemsex и многу други,

ПРИЈАВИ СЕ ЗА УЧЕСТВО во едукативната програма на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

—–

Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за заинтересирани учесници во едукативна програма која е осмислена специјално за млади од заедницата на геј и би мажи.

Цел на оваа едукативна програма е група млади геј и би мажи, кои се мотивирани да бидат активни во својата заедница, да стекнат најнови, со докази поткрепени и релевантни познавања за различни аспекти поврзани со сексуалното здравје, вклучувајќи и ХИВ, како и вештини што ќе им помогнат да делуваат во своите заедници за поголема свесноста за ХИВ како проблем, подобра грижа за сексуалното здравје и уживање во побезбедна и исполнувачка сексуалност.

Програмата, исто така, настојува да ги поттикне младите да се ангажираат како активисти во областа на ХИВ и сексуалното здравје, во рамките на својата заедница или пошироко.

Кој може да се пријави?

Оваа иницијатива е наменета за млади лица на возраст помеѓу 19 и 27 години што се идентификуваат како геј и би мажи, кои изразуваат соодветна мотивација за учество во програмата и за активирање во рамките на својата заедница. При селекцијата ќе се внимава на разнородноста на учесниците во однос на етничката припадност, географската поврзаност и разликите по други основи.

Еднакво се охрабруваат за едукативната програма да се пријават млади лица со ХИВ-позитивен, како и со ХИВ-негативен статус.

Сите трошоци за обуката ќе бидат покриени од ЗАЕДНО ПОСИЛНИ.

Програма

Едукативната програма е развиена од Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ во консултација со стручни лица, како и со млади припадници на заедницата на геј и би мажи.

Темите што ќе бидат опфатени ги вклучуваат:

различните аспекти на сексуалното здравје; ПрЕП и новите пристапи во заштитата од ХИВ; недетектабилниот статус и (не)преносливоста на ХИВ; chemsex; историјата и наследството на ХИВ- и ЛГБТ-активизмот низ филм и дискусија; како се лекува и контролира ХИВ-инфекцијата; како да се препознаат, дијагностицираат и лекуваат сексуално преносливите инфекции и други.

Содржините што ќе бидат покриени се засновани врз најновите докази од клинички и други истражувања во областа на превенцијата и лекувањето на ХИВ и сексуално преносливите инфекции. Обуката ќе ја водат искусни врснички едукатори и стручни соработници на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

Оваа обука ќе има социјален и едукативен карактер според методите на неформалното образование, вклучувајќи интерактивни вежби, групни дискусии, симулации, анализа на филм, дебати и др.

Кога ќе се одржи обуката?

Обуката ќе се спроведе во два дела. Првиот дел од обукатa ќe биде дводневна работилница од 25-ти до 27-ти март а вториот дел ќе се одржи на 9-ти и 10-ти април. И двете работилници ќе се одржат надвор од Скопје.

Обуките и превозот ќе бидат организирани запазувајќи ги протоколите за заштита од КОВИД-19.

Вклученост по обуката

Учесниците што ќе ја поминат обуката ќе добијат можност директно да се вклучат во последователни креативни волонтерски акции на Здружението, како и во ангажмани со соодветен надомест. Дел од заинтересираните кандидати што успешно ќе ја завршат обуката ќе имаат можност да се вклучат и како даватели на услуги во ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и во други здруженија.

Како да се пријавам?

Заинтересираните млади лица коишто ги исполнуваат критериумите може да се пријават до 15.3.2022, пополнувајќи го овој краток прашалник: https://forms.gle/3tx5XUkjqEZqTUyAA

Напомена:

Учеството во едукативната програма е целосно доверливо.

Личните податоци се обработуваат во согласност со правилниците за заштита на личните податоци на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и на Законот за заштита на личните податоци. Податоците што ги оставате во оваа пријава се исклучиво за спроведување на процесот за избор на учесници и ќе бидат избришани по завршувањето на повикот.

Доколку имате потреба од дополнителни информации обратете се на телефонскиот број +389 78 235 632 или преку e-mail на [email protected]

——-

Оваа иницијатива е дел од годишната програма на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје финансиски поддржана од Европската Унија. Активноста има цел да придонесе (1) да се подобри вклученоста на млади геј и би мажи во адресирањето на прашања од областа на сексуалното здравје и ХИВ, и (2) да се зголеми свесноста за услугите за ХИВ и за сексуално здравје во рамките на заедницата на геј и бисексуални мажи и други мажи што имаат секс со мажи.

Исполнувањето на целта на оваа едукативна програма се очекува да придонесе за:

– Поголемо фактичко знаење во заедницата на геј и би мажи за ХИВ и сексуално преносливите инфекции

– Намалување на стигмата кон луѓето што живеат со ХИВ

– Зајакнување на културата за редовно ХИВ-тестирање и други проверки на сексуалното здравје

– Искористување на достапните бесплатни услуги за ХИВ и за сексуално преносливи инфекции

За ЗАЕДНО ПОСИЛНИ:

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ е здружение на луѓето што живеат со ХИВ во Северна Македонија. Се води од визијата за општество во кое луѓето што живеат со ХИВ, како и сите други луѓе без разлика на здравствениот статус, се ослободени од стегите на стигмата и дискриминацијата и ги уживаат достигнувањата на науката за унапредување на своето здравје, ги поддржува луѓето што живеат со ХИВ во остварувањето на нивните права и дејствува за ставање крај на ХИВ и за подобро здравје за сите луѓе, преку обезбедување услуги во заедницата и насочување на јавните политики.