Повик за прибирање понуди за ангажирање консултант за изработка на кодекс на добри практики за вклученост

Датум на објавување: 22 декември 2020 г.

Краен рок: 29.12.2020 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање консултант за развивање на кодекс на добри практики за вклученост на членовите на Здружението, пошироката заедница на луѓето што живеат со ХИВ и други засегнати конституенти во процесите на носење на одлуки, застапување, развивање на идеи и активности и др.

Оваа консултантската позиција е овозможена во рамките на институционалниот грант од програмата Цивика Мобилитас.

Опис на ангажманот

Ангажираниот консултант ќе треба да ги исполни следниве задачи:

  • Да осмисли и фацилитира два консултативни состанока со поширокото членство на Здружението;
  • Да направи анализа и утврдување на веќе постоечките и применувани добри практики во Здружението во смисла на вклучување на членовите и останатите конституенти;
  • Врз основа на спроведениот консултативен процес да понуди нови практични упатства, препораки и насоки што треба да обезбедат поширока консултација за тоа што е во најдобар интерес за заедницата и како да биде постигнато, како и да овозможат поголема вклученост на членовите и конституентите во сите процеси на Здружението;
  • Да примени синергичен пристап на постоечките и новите практики во креирањето на документот;
  • Да подготви финален документ – изработен кодекс со дефинирани практики за вклучување на членовите и поширока заедница во процесите на Здружението.

За својата работа консултантот одговара пред извршниот директор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

Финален производ

  • Финалниот документ, наречен Кодекс на добри практики за вклученост треба да содржи јасно текстуално изложување на предложените модели и параметри за учество и ќе ги одразува гледиштата на членовите на Здружението и да има облик на внатрешна организациска политика. Документот треба да биде концизен и не треба да биде подолг од 8 страници во Word со големина на фонт 12 (вклучувајќи и евентуални табели или дијаграми).

Профил и неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:

  • Диплома за завршено високо образование;
  • Искуство во спроведување на слични процеси во областа на организацискиот развој;
  • Способности за планирање и организација и навремено исполнување на зададените задачи;
  • Изградена способност за тимска работа;
  • Одлично познавање на македонскиот и англискиот јазик.

Критериуми за избор

Предност ќе имаат кандидати со:

  • Искуство во развивање организациски политики со сродна тематика;  
  • Познавање на специфичните проблеми со коишто се соочуваат луѓето што живеат со ХИВ во Македонија;
  • Соодветна лична мотивација за конкретниот ангажман;
  • Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.

Временска рамка, надомест и други услови

Процесот на развивање на кодексот на добри практики и подготовката на финалниот документ треба да заврши до 31 јануари 2021 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантските услуги со покриен персонален данок на доход. Предвидениот надомест за овој ангажаман е во бруто износ од 22.000,00 денари.

Консултативните состаноци ќе се одвиваат он-лајн преку платформата ZOOM.

Краен рок и потребни документи за пријавување

Најдоцна до 29.12.2020 г., заинтересираните кандидати треба да достават:

  • Писмо за интерес (до 250 збора) во кое накратко ќе го образложат предложениот пристап што би го примениле и ќе се осврнат на личната мотивација за овој ангажман;
  • Професионална биографија, која ќе го прикаже работното искуство релевантно за овој повик.
  • Контакт за препорака од одговорно лице од граѓанска организација за која консултантот спровел релевантен процес од областа на равивање организациски политики или од областа на организацискиот развој: име и презиме, телефон и електронска пошта.

Документите за пријавување на повикот со назнака „Повик за консултант – кодекс за добри практики“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:

[email protected]

Постапка за избор на консултант

Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу тројца најдобро рангирани кандидати ќе биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот. Сите кандидати ќе бидат известени за резултатот од изборот по електронски пат во рок од 7 дена по затворањето на повикот.