Лична карта

Кои сме

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ е здружение на заедницата на луѓето што живеат со ХИВ во Северна Македонија коешто обезбедува поддршка за луѓето со ХИВ и се грижи за подобрување на квалитетот на нивниот живот.

Нашите членови се лица што живеат со ХИВ и нивни блиски поддржувачи. ЗАЕДНО ПОСИЛНИ обединува луѓе различни по пол, возраст, сексуална ориентација, родов идентитет, етничка припадност, верско убедување, социјален и образовен статус, политичка ориентација и по многу други основи.

Целосен назив:
Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје

Скратен назив:
Здружение ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје

Визија

Општество во кое луѓето што живеат со ХИВ, како и сите други луѓе без разлика на здравствениот статус, се ослободени од стегите на стигмата и дискриминацијата и ги уживаат достигнувањата на науката за унапредување на своето здравје.

Мисија

Ги поддржуваме луѓето што живеат со ХИВ во остварувањето на нивните права.

Дејствуваме за ставање крај на ХИВ и за подобро здравје за сите луѓе, преку обезбедување услуги во заедницата и насочување на јавните политики.

Како делуваме

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ делува во следниве 4 главни области:

ПОДДРШКАУслуги за поддршка – врсничка, психосоцијална и правна – и активности за омоќување на луѓето што живеат со ХИВ во Северна Македонија
ХИВ-ТЕСТИРАЊЕУслуги за бесплатно тестирање и советување за ХИВ преку пунктот за тестирање во нашите простории во Дебар Маало
ПОЛИТИКИЗастапување за правата на луѓето што живеат со ХИВ, особено во врска со пристапот до квалитетна и современа терапија, и учество во креирањето на јавните политики во врска со ХИВ, јавното здравје и здравствената заштита
МОБИЛИЗАЦИЈАМобилизација и подигнување на јавната свесност за ХИВ, со цел да се намалат предрасудите, стигмата и дискриминацијата кон луѓето со ХИВ, како и да се зголеми културата на редовно ХИВ-тестирање.

Градење капацитети и фацилитирање на националниот одговор кон ХИВ

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ повремено организира и активности за градење капацитети во врска со ХИВ кај здравствени работници и други стручни профили. Исто така, иницираме и фацилитираме експертски консултативни процеси во врска со лекувањето и превенцијата, како и со менаџирањето на националниот одговор кон ХИВ.

Делување преку партнерства

Веруваме дека успешни промени се постигнуваат со здружени напори; поддржуваме и делуваме преку партнерства со други организации од граѓанското општество коишто негуваат слични вредности како нас и делуваат за заеднички цели.

Соработка и гласност

Во нашето застапување веруваме во соработката со институциите и вложуваме во неа; во исто време, остануваме гласни во јавноста секогаш кога ситуацијата тоа го налага.

Вредности и начела

Во својата работа, како и во комуникацијата во и надвор од Организацијата, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ се води од следниве вредности:

  • рамноправност
  • почитување на разликите
  • вклученост на засегнатите
  • солидарност
  • доверливост
  • непристрасност и независност
  • транспарентност во работењето

Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ ги препознава и ги зема предвид специфичните потреби на лицата што живеат со ХИВ кои доаѓаат од различни подгрупи и заедници засегнати од ХИВ, а особено, жени, геј и бисексуални мажи и други мажи што имаат секс со мажи, транс лица, хетеросексуални мажи, како и припадници на различните етнички заедници.

Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ ги препознава и ги зема предвид во својата работа специфичните проблеми и потреби на заедницата на геј и бисексуални мажи и транс лица, односно пошироката популација на мажи што имаат сексуални односи со мажи, како заедница, односно популација, која е непропорционално и доминантно засегната од ХИВ во Република Македонија; во оваа заедница, односно популација, има најголем број лица со ХИВ коишто не се свесни за својот ХИВ-статус и немаат пристап до терапија и здравствена грижа.

Здружението се стреми да осигура соодветна застапеност на заедницата на геј и бисексуални мажи и транс лица во своето управување.

Во своето дејствување, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ се раководи и од следниве начела:

– Спроведување политика на еднакви можности, обезбедување најправедна можна рамнотежа и застапеност на сите луѓе со ХИВ во сите области на своето делување;

– Промовирање и доследна примена на принципите на националните и културните права на еднаквост и различност помеѓу сите луѓе што живеат со ХИВ;

– Промовирање хармонија, соработка, размена на нашите знаења, искуства и информации, тимска работа, култура на дијалог и комуникација;

– Зачувување на својата самостојност и делување во согласност со нашата визија, мисија, цели и начела;

– Креирање, поставување и следење на мерливи индикатори за следење на нашите активности и оценка на резултатите, со што ќе бидеме потранспарентни и поодговорни како пред нашите членови, така и пред заедницата на ЛЖХИВ во РМ, властите и донаторите;

– Транспарентност и отчетност, информирање на јавноста во врска со активноститe, изворите и методите на финансирање, примена на позитивните закони, регулативи и други домашни и меѓународни стандарди и прописи.

Историјат

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ беше основано во 2009 година како група за поддршка и активизам на заедницата на луѓето што живеат со ХИВ во рамките на асоцијацијата ХЕРА, а како самостојно здружение беше регистрирано во декември 2013 година, по Основачкото собрание кое се одржа на 5 октомври, 2013 г.