Заинтересираните лица може да се јават на телефонскиот број 078 235 632 и да закажат термин за појдовна проценка, во рамките на редовните смени:
Секој вторник и четврток од 14:00 до 18:00 часот
Советувалиште за ХИВ при Клиниката за инфективни болести
Закажување на телефон: 078 235 632
Дополнително, заинтересираните лица може да направат регистрација за учество во програмата и во просториите на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, секоја среда од 17:00 до 20:00 часот, каде што може да се помине и поголемиот дел од процедурата за првична проценка.
За колку време ќе можам да добијам ПрЕП?
Оваа пилот-програмата се стреми максимално да ги поедностави неопходните чекори до почнувањето со ПрЕП. Се очекува за тоа да бидат неопходни 2 до најмногу 5 дена од првичната посета на заинтересираното лице, односно времето до првата следна редовна смена на ПрЕП-пунктот (вторник или четврток) – веднаш штом ќе бидат изработени лабораториските тестови за кои ќе се земе крв при првичната посета.
Кои услуги ќе ги добијам?
Доколку се потврди дека ПрЕП е соодветно решение за вас ќе добиете целосно бесплатен пакет на услуги за вашето сексуално здравје, кој ќе вклучи:
- редовно снабдување со таблети ПрЕП
- редовно ХИВ-тестирање
- тестирање за хепатит Б и хепатит Ц
- тестирање за други сексуално преносливи инфекции: сифилис, гонореа, и хламидија
- вакцина против хепатит Б (доколку немате претходно стекнати антитела)
- редовен медицински преглед
- кондоми и лубриканти
- советување за прашања од областа на сексуалното здравје, и
- информативни материјали
Појдовна посета и проценка на соодветноста
Во договорениот термин (вашата прва посета), обучен ПрЕП-навигатор најпрвин ќе ви ги даде сите неопходни информации во врска со ПрЕП и со учеството во програмата.
Доколку сте заинтересиран/-а да се вклучите ќе биде побарано да дадете писмена согласност и да поминете низ проценката на соодветноста. Оваа проценка ќе биде спроведена веднаш преку краток разговор со ПрЕП-навигаторот и со лекар и таа ќе ни покаже дали ПрЕП е соодветна како средство за заштита од ХИВ лично за вас.
Покрај тоа, за време на појдовната посета ќе ви биде земена крв за неопходните појдовни испитувања. Резултатите од овие тестови ќе бидат готови за 2 до 5 дена (во зависност од денот на појдовната посета), и доколку е сè во ред, веднаш ќе ја добиете првата количина таблети за ПрЕП (tenofovir disoproxil + emtricitabine) доволна за првиот месец. Со други зборови, ако вашата прва закажана посета е во вторник, веќе во четврток ќе можете да ја подигнете својата прва залиха на таблети ПрЕП.
Како ќе се процени дали ПрЕП е соодветна опција за мене?
Соодветноста на ПрЕП во оваа пилот-програма се проценува врз основа на протокол кој е во согласност со последно ажурираните препораки на Светската здравствена организација за ПрЕП.
Соодветност на ПрЕП ќе се утврди доколку:
- лицето има навршено 18 години,
- во можност е да се појавува на последователни контролни посети (1 месец по првичната посета и на секои 3 месеци),
- има документиран ХИВ-негативен статус при регистрацијата или не порано од 7 дена пред започнувањето со ПрЕП (ХИВ-статусот ќе се проверува на првичната и на секоја последователна посета)
- има ГФР ≥ 60, пресметана според клиренсот на креатинин
- се наоѓа во висок ризик од добивање ХИВ преку сексуално изложување (што ќе се провери преку соодветен прашалник).
ПрЕП нема да може да користат лица коишто:
- веќе се инфицирани со ХИВ или имаат симптоми што укажуваат на акутна ХИВ-инфекција, а притоа имале неодамнешен ризик од инфицирање;
- имаат индикации за постекспозициска профилакса за ХИВ;
- имаат алергија или контраиндикација на некој од двата лека во комбинацијата за ПрЕП.
Лицата кај кои не постои медицинска пречка да користат ПрЕП, но каде што бихејвиоралната проценка ќе покаже дека оваа алатка за превенција не е соодветна за нив, ќе бидат советувани за најдобрите начини да останат здрави и заштитени од ХИВ.
Контролни посети
Корисниците на ПрЕП-програмата ќе треба да доаѓаат на контролни посети во текот на годината: еден месец откако ќе почнат да користат ПрЕП и потоа на секои три месеци. Во зависност од посетата, повторно ќе се прават прашалници, ќе се прави медицинско следење со доктор и ќе се зема крв. Контролните посети иако се задолжителни, сепак подлежат на одредена флексибилност, колку тоа го дозволува начинот на земање на ПрЕП. Доколку, од било која причина, сте спречени да дојдете на некоја последователна посета, тимот на пилотот ќе ви излезе во пресрет за да се договори најсоодветниот термин.
Учеството во пилот-програмата е доброволно, доверливо и бесплатно!
Документацијата и формуларите за анализа за секој учесник ќе бидат означени само со анонимна шифра и третирани строго доверливо. Личните податоци поврзани со учеството во пилот-програмата се заштитени во согласност со законите (Закон за заштита на личните податоци, Закон за здравствена заштита и Закон за заштита на правата на пациентите).
Здравствениот преглед и потребните лабораториски анализи ќе бидат вршени во рамките на задолжителното здравствено осигурување, при што учесниците во овој пилот ќе бидат ослободени од плаќање на партиципацијата.
Доколку некој од учесниците нема активно здравствено осигурување, трошоците за првичната и последователните посети ќе бидат целосно покриени, сè до решавање на проблемот со здравственото осигурување, за коешто ќе биде обезбедена соодветна стручна поддршка.
Учеството во програмата е доброволно, а учесниците може во секој момент да се откажат од него.