ПрЕП за прв пат почна да се нуди како услуга за превенција на ХИВ во февруари 2021 година во рамките на пилот-програма (PrEP-MKD) што ја спроведуваат во партнерство Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, која ќе трае до декември 2021 г.
Пилотирањето на услугите за ПрЕП е предвидено и со Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во Република Северна Македонија за 2021 година, а се спроведува во соработка со Министерството за здравство и други организации од граѓанскиот сектор.
Техничка поддршка во развивањето на протоколот и подготовките за пилот-програмата беше обезбедена од Канцеларијата на Светската здравствена организација и Алијансата за јавно здравје од Киев, Украина. Конфинансирање на пилот-програмата е обезбедено преку регионалниот проект „Одржливост на услугите за клучните популации во Источна Европа и Централна Азија“ раководен од Алијансата за јавно здравје, а финансиран од Глобалниот Фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.
ПрЕП во контекстот на сексуалното здравје
Со пилот-програмата PrEP-MKD, ПрЕП се нуди како дел од поширок пакет на услуги за сексуалното здравје, кој вклучува и скрининг за сексуално преносливи инфекции. Заинтересираните лица засегнати од ХИВ имаат можност да ги користат овие услуги и да добиваат ПрЕП целосно бесплатно, доколку се утврди дека ПрЕП е соодветна алатка за нив.
Програмата е дизајнирана во вид на истражување што ќе ни покаже како услугите за ПрЕП би можеле да функционираат во домашниот контекст и ќе обезбеди податоци што ќе помогнат овие услуги да останат достапни и во иднина и да се зголеми нивниот опфат. Планирано е да бидат опфатени најмалку 100 лица во текот на годината, но доколку постои интерес има можност да се вклучат повеќе лица.
Услугите за ПрЕП се даваат во Советувалиштето за ХИВ при Клиниката за инфективни болести, секој вторник и четврток од 14:00 до 18:00 часот.
Кои услуги се нудат во ПрЕП програмата?
Учесниците во пилотот поминуваат стандарден процес на проценка за да проверат дали ПрЕП е соодветно решение за нив. Доколку се потврди соодветноста, за време на спроведувањето на програмата тие ќе добиваат бесплатен пакет на услуги за сексуално здравје, кој ќе вклучи:
- редовно снабдување со таблети ПрЕП
- редовно ХИВ-тестирање
- тестирање за хепатит Б и хепатит Ц
- тестирање за други сексуално преносливи инфекции: сифилис, гонореа, и хламидија
- вакцина против хепатит Б (доколку лицето нема претходно стекнати антитела)
- редовен медицински преглед
- кондоми и лубриканти
- советување за прашања од областа на сексуалното здравје и информативни материјали