Новиот UNAIDS Глобален извештај за СИДА 2025 укажува дека покрај значителниот светски напредок во справувањето со ХИВ, сиот овој напредок е доведен во ризик.
Според извештајот, новите инфекции со ХИВ се намалени за 40% од 2010 година, но во 2024 година се бележат 1,3 милиони нови случаи, без значително намалување во споредба со претходната година. Смртноста од СИДА е намалена за 56% од 2010, но сепак, годишно сè уште умираат по 630.000 лица.
Меѓународното финансирање, кое обезбедува 80% од програмите за превенција на ХИВ во земјите со ниски и средни приходи, доживува значителни намалувања, особено од САД, што доведува до затворање на клиниките, недостаток на лекови и отпуштања на здравствените работници. Ако поддршката не се возобнови, можен е пораст на 6 милиони нови ХИВ инфекции и 4 милиони дополнителни смртни случаи до 2029 година.
Оваа криза најмногу ги погодува младите жени, сексуалните работници, ЛГБТИ+ заедницата и мажите кои имаат секс со мажи, особено во земјите каде што стигмата расте.
Сепак, извештајот посочува и примери на отпорност и успех: 25 земји ги зголемиле домашните буџети за ХИВ, а Јужна Африка веќе самата финансира 77% од својот одговор кон епидемијата. Седум држави, вклучувајќи ги Боцвана, Замбија и Зимбабве, ги постигнаа целите „95-95-95“, односно 95% лица со ХИВ да знаат за својот статус (или само 5% недијагностицирани), 95% од нив да се на терапија, а 95% од оние на терапија да имаат потиснат вирус – кога луѓето може да живеат здраво, а вирусот не може да се пренесе.
Во извештајот се истакнува и потенцијалот на новите медицински иновации, како инјекцијата со долго дејство која успешно спречува да се добие ХИВ и функционира како средство за превенција (инјектабилна ПрЕП), но се потребни напори тие да станат достапни и пристапни за сите на коишто им се потребни.
„Заедно посилни“ се приклучува кон повикот на UNAIDS за итна акција за обновување на глобалната солидарност и финансирање, укинување на правните бариери и поддршка на заедниците за да се стави крај на СИДА како закана за јавното здравје до 2030 година.