Краен рок за аплицирање: 18.6.2025 г.
Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – „Заедно посилни“ Скопје објавува повик за заинтересирани кандидати за консултант што ќе го фацилитира процесот на стратешко планирање и изготвување на стратешкиот план на Здружението 5-годишен период почнувајќи од 2026 година.
Оваа консултантската позиција е овозможена во рамките на поддршката од Европската Унија преку оперативен грант на Здружението „Заедно посилни“ за 2025 година.
Контекст
„Заедно посилни“ е здружение на заедницата на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија. Се залага за општество во кое луѓето што живеат со ХИВ, како и сите други луѓе без разлика на здравствениот статус, се ослободени од стегите на стигмата и дискриминацијата и ги уживаат достигнувањата на науката за унапредување на своето здравје. Ги поддржува луѓето што живеат со ХИВ во остварувањето на нивните права и дејствува за ставање крај на ХИВ и за подобро здравје за сите луѓе, преку обезбедување услуги во заедницата и насочување на јавните политики. Обединува луѓе различни по пол, возраст, сексуалната ориентација, родов идентитет, етничка припадност, верско убедување, социјален и образовен статус и сл.
Во текот на 2025 година Здружението го заокружува спроведувањето на својата 5-годишна стратегија за периодот 2021-2025. Во текот на месеците јули и август, ќе биде спроведена проценка на реализацијата на тековната стратегија и степенот на остварување на зацртаните резултати и, врз основа на оваа проценка, ќе спроведе внатрешен консултативен процес на стратешко планирање за следните 5 години, односно 2026-2030 г. Процесот ќе ги земе предвид перспективите на членовите на Здружението, а посредно и на пошироката заедница на луѓето што живеат со ХИВ.
Покрај достапните докази и релевантни анализи на национално ниво, новата стратегија на Здужението „Заедно посилни“ треба да ги земе предвид и глобалните стратегии, препораки, како и меѓународно преземени обврски на државата во однос на ставањето крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година.
Опис на работните задачи
Ангажираниот консултант ќе треба да ги исполни следниве задачи:
- Да понуди методологија на стратешкото планирање и модел на стратешки план за период од 5 години, соодветно за потребите на Здружението;
- Да направи евалуација на постојниот стратешки план (2021-2025), вклучително и преку модерирана дискусија во рамките на работна група за развивање на новата стратегија, преглед на годишните извештаи на Здружениетои други документи релевантни за процесот и интервјуа со 1-2 претставници на институции или организации запознаени со работата на здружението;
- Да направи проценка на организациските капацитети на Здружението;
- Да подготви и фацилитира главна тридневна консултативна работилница за стратешко планирање со претставници на извршната канцеларија, управниот одбор, како и со членови на организацијата;
- Да подготви прелиминарен и финален нацрт на стратешкиот план на Здружението за периодот 2026-2030 г. со акциски план за спроведување.
За својата работа консултантот одговара пред извршниот директор на Здружението „Заедно посилни“ Скопје.
Профил и неопходни квалификации
Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:
- Одлично познавање на процесите на стратешко планирање и искуство во спроведување на такви процеси, не пократко од 4 години;
- Искуство како фацилитатор на процеси на стратешко планирање за најмалку три граѓански организации;
- Експертиза во подготовка на документи за јавни политики;
- Способности за планирање и организација и навремено исполнување на зададените задачи;
- Изградена способност за тимска работа;
- Одлично познавање на македонскиот и англискиот јазик.
Критериуми за избор
Предност ќе имаат кандидати со:
- Искуство во спроведување процеси на стратешко планирање на организации со сродно поле на дејствување;
- Искуство во спроведување процеси на стратешко планирање за различни ентитети;
- Соодветна лична мотивација за конкретниот ангажман;
- Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.
Временска рамка, надомест и други услови
Спроведувањето на процесот на стратешко планирање и подготовката на стратешкиот план за 2026 – 2030 година, треба да заврши до 31 август 2025 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантските услуги. Предвидениот надомест за овој ангажаман е во бруто износ од 103.250 денари.
Обврските ќе се спроведуваат во и вон канцелариите на Здружение „Заедно посилни“ Скопје. Тридневната работилница ќе се одржи надвор од Скопје во средината на месец јули, 2025 година.
Краен рок и потребни документи за пријавување
Најдоцна до 18.6.2025 г., заинтересираните кандидати треба да достават професионална биографија, која ќе го прикаже работното искуство релевантно за овој повик.
Документите за пријавување на повикот со назнака „Повик за консултант за стратешко планирање“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:
Постапка за избор на консултант
Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу тројца најдобро рангирани кандидати ќе биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот. Сите кандидати ќе бидат известени за резултатот од изборот по електронски пат во рок од 7-14 дена по затворањето на повикот.