Платфoрма за ХИВ: Апел до Владата да ги обезбеди потребните средства

Апелираме Владата да ги обезбеди потребните средства за услугите за превенција и лекување на пациентите со ХИВ.

Платформата за ХИВ апелира до Владата да го предвиди неопходниот минимален буџет за Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2025 година, кој изнесува 130 милиони денари; од нив 109 милиони се потребни за обезбедување лекови и 21 милион за да се одржат на сегашното минимално ниво услугите за превенција. Овие потреби се веќе максимално рационализирани.

Со износот од 90 милиони денари кој е предвиден во предлог-буџетот за 2025 г. оваа Програма е неоправдано скратена, наместо да биде зголемена. Тој е недоволен ниту за да се обезбеди соодветна терапија за сите пациенти, вклучувајќи ги и новите случаи што ќе бидат дијагностицирани во текот на следната година, додека мерките за превенција целосно би се укинале доколку буџетот не се коригира.

Во моментот околу 130 пациенти со ХИВ или 30% од пациентите примаат застарена терапија којашто веќе одамна не е препорачана од Светската здравствена организација и не е во употреба речиси никаде во нашиот регион, поради појавата на несакани дејства поврзани со централниот нервен систем, кои го попречуваат нивното секојдневно функционирање и го загрозуваат успешното лекување.

преземено од 24.мк



Секој граѓанин има право на здравствена заштита. Програмите за превенција се токму тоа за околу 8000 граѓани кои се маргинализирани, а голем дел од нив се и надвор од системот. Доколку не се обезбедат неопходните минимум средства, овие луѓе ќе останат без пристап до за нив основна здравствена заштита, а ќе се укинат: услугите за доброволно и доверливо ХИВ-тестирање –стационарни и мобилни, 13 програми за намалување на штети од употребата на дроги во 13 градови, дијагностика на сексуално преносливи инфекции, мобилна гинеколошка амбуланта за жени од рурални средини и маргинализирани заедници и други.

За ефикасноста на мерките за превенција на ХИВ има докази како за ретко која здравствена програма. Да се потсетиме дека Македонија успешно има спречено епидемија на ХИВ кај лицата што употребуваат дрога и таквата состојба треба да се одржи.

– Во Македонија веќе е докажана ефективноста на програмите за намалување на штети од употреба на дроги. Имено, од 1987 до 2023 година се регистрирани вкупно 632 случаи на ХИВ. Од нив само 12 се лица кои инјектирале дроги. Во последните 10 години, по отворањето и развивањето на поголемиот број програми за намалување на штети евидентиран е само 1 нов случај на ХИВ преку инјектирање на дроги. Токму поради овие програми Македонија успешно спречи епидемија кај луѓето кои инјектираат дроги, изјави Влатко Деков од Здружението ХОПС.


– Ако се земе предвид бројот на направени тестови, граѓанските организации успеваат да дијагностицираат неколкупати повеќе случаи на ХИВ отколку целокупниот јавен и приватен здравствен сектор. Тоа кажува дека кога би инвестирале повеќе во овие програми и во мерките на тестирање на ниво на заедницата, би откриле повеќе лица со недијагностицирана инфекција, а тоа е патот да ставиме крај на епидемијата на ХИВ во земјата, бидејќи кога ги дијагностицираме лицата и тие почнуваат со терапија, вирусот веќе не може да се пренесува на друго лице, изјави Андреј Сених од Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ.


Доколку не се обезбеди неопходниот минимум средства не само што нема да се заштеди, туку граѓаните ќе платат многу повисоки трошоци во следните неколку години, како и на долг рок: повеќе инфекции со ХИВ сами по себе значат поголеми трошоци за основната терапија во иднина, која е доживотна. Уште повеќе, кога луѓето не се дијагностицираат навреме, што се постигнува со овие превентивни програми, тогаш тие доаѓаат во здравствениот систем кога веќе имаат сериозни компликации, чие лекување бара долги хоспитализации и многу поскапи дополнителни терапии. Тоа го чини здравствениот буџет драстично повеќе отколку инвестирањето во превенцијата. Според тоа, ние како земја не смееме да си дозволиме да не инвестираме во докажани мерки за превенција. Тоа би било неодговорно кон парите на граѓаните.

Се надеваме дека Владата ќе постапи во согласност со својата Фискална стратегија за периодот 2025-2029, како и до својата Програма за работа 2024-2028, која вели: „Особено ќе се залагаме за пристап до квалитетна здравствена заштита, посебно кај социјалните ранливи групи на население за ХИВ/СИДА и други сексуално преносливи инфекции, за абортус, за инфертилитет, за малигни заболувања на дојка и матка.“

Да не дозволиме како земја да се шири епидемијата на ХИВ во 2025 година, кога светот се движи кон ставање крај на овој проблем на јавното здравје. Веруваме дека Владата може да изнајде решение за ова прашање.

Платформата за ХИВ ја сочинуваат организациите: Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје (организација на пациенти), ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување Скопје, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Црвен крст на Република Северна Македонија, Здружение за сексуално здравје и права ЕГАЛ Скопје, Доверба Скопје, СТАР-СТАР Скопје, Опција – Охрид, Зона – Кавадарци, ХЕЛП – Гостивар, Младински Клуб – Штип, Избор – Струмица, ПУЛС – Куманово и Виа Вита – Битола.