Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје – како сме вклучени во одговорот кон КОВИД-19?

Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје продолжува да делува, со соодветни прилагодувања заради заштита на корисниците на нашите услуги и на вработените и ангажираните лица, и во периодот во којшто се на сила мерките на Владата на Република Северна Македонија за заштита и спречување на преносот на новиот коронавирус.

Ги реализираме нашите основни услуги:

• Редовни услуги за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – врсничка, психосоцијална и правна поддршка, вклучувајќи и помош во подигнувањето на антиретровирусната терапија и помош за прехранбени и хигиенски производи за лица со ХИВ во неповолна социјална положба.

• Услуги за ХИВ тестирање, бесплатно и анонимно, (со фокус на клучните групи засегнати од ХИВ) – секоја среда од 17:00 до 20:00 часот, со примена на дополнителни мерки за спречување на евентуален пренос на коронавирусот. Работиме со закажување на телефоните: (02) 3129 200 и 078 23 56 32.

Дополнително, во рамките на својот делокруг, се вклучуваме во националниот одговор кон пандемијата со КОВИД-19, со цел да им се овозможи на лицата што живеат со ХИВ:

– непрекинат пристап до неопходната антиретровирусна терапија;

– намалување на потребата да посетуваат здравствени институции;

– обезбедување релевантни информации за КОВИД-19 и ХИВ во согласност со препораките на Светската здравствена организација.

Реализирани активности:

§ Контакт со социјално загрозени лица кои живеат со ХИВ за утврдување на потребите од основни прехранбени и хигиенски производи. Помош во набавка на производите од маркети, пакување и достава преку карго сервис;

§ Организирање на доставата на антиретровирусни лекови од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје до пациентите со ХИВ надвор од Скопје (набавка на соодветни ресурси за транспорт на терапијата, достава до карго сервис и сл.;

§ Достава по карго на солидарни пакети со храна, вода и хигиенски производи до домовите на социјално загрозените лица со ХИВ, преку Инфективната клиника во Скопје, донирани од одговорни и добронамерни граѓани;

§ Давање бесплатна правна помош и правно советување – анализа на законите и политиките заради заштита на луѓето што живеат со ХИВ и остварување на нивните права. Во таа смисла, ги анализиравме актуелните уредби со законска сила донесени во вонредната состојба кои можат да бидат предмет на интерес на лицата со ХИВ;

§ Редовна психолошка поддршка на лицата со ХИВ во врска со прашања и проблеми поврзани со различни аспекти на ХИВ инфекцијата, како и во насока на успешно

справување со психолошкиот притисок предизвикан од КОВИД-19 (телефонски, преку он-лајн каналите и алатките за комуникација);

§ Подготвување и прилагодување на информации и едукативни материјали од веродостојни извори за тоа како КОВИД-19 може да влијае врз луѓето што живеат со ХИВ, како да се заштитат и на што треба да обрнат внимание;

§ Давање на дополнителни проверени информации и советување за луѓето што живеат со ХИВ и другите корисници на нашите услуги во врска со мерките за заштита од КОВИД-19 и одржувањето на здравјето и благосостојбата во условите на ограничено движење;

§ Издадовме превод на инфографикот „Што треба да знаат луѓето што живеат со ХИВ за ХИВ и КОВИД-19“ од Програмата за ХИВ на Обединетите нации (УНАИДС), прилагоден на македонскиот контекст, во печатена и дигитална форма, којшто го дистрибуиравме до корисниците на нашите услуги и другите лица што живеат со ХИВ.

Сите заинтересирани за нашите услуги може да стапат во контакт со нас преку телефон, e-mail или нашиот вебсајт:

Тел: +38923129200

Моб: +38975322554

e-mail: [email protected]

Веб: https://zp.mk