Кај некои луѓе, две до четири недели по инфицирањето со ХИВ, може да се појават симптоми слични на грип: покачена температура, болка во грлото, замор, зголемени лимфни јазли, осип или дијареја. Тие може да траат неколку дена до неколку недели, а потоа да исчезнат. Кај други, воопшто не се појавуваат симптоми. ХИВ може да биде присутен во организмот со години без видливи знаци.
Овие симптоми сами по себе не значат дека имаш ХИВ, а нивното отсуство не ја исклучува можноста. Затоа, не чекај симптоми за да се тестираш — ХИВ-тестирањето е единствениот начин да го дознаеш својот ХИВ-статус, дури и кога се чувствуваш добро.
Доколку порано дознаеш дека имаш ХИВ, ризикот ХИВ вирусот да направи потешки здравствени компликации е помал. Со навремена и редовна терапија можеш да живееш долг и квалитетен живот, со просечен животен век како и лицата со негативен ХИВ статус.
Со редовно земање терапија, количеството ХИВ во крвта се намалува и најчесто во рок од неколку месеци достигнува недетектабилно вирусно оптоварување.
Кога со терапија постигнуваш и одржуваш недетектабилно вирусно оптоварување, не го пренесуваш ХИВ по сексуален пат — дури и при секс без кондом. Ова е познато како „Недетектабилно = Непреносливо“ — Н=Н.