ПОВИК за ангажирање консултанти за евалуација на континуумот на грижата во врска со ХИВ во Северна Македонија

Рок за пријавување: до 16 јуни 2021 г.

Контекст

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ е здружение на заедницата на луѓето што живеат со ХИВ во Северна Македонија, коешто обезбедува поддршка за луѓето што живеат со ХИВ во остварувањето на нивните права и се застапува за јавни политики со кои ќе се стави крај на епидемијата на ХИВ. Во периодот 2019-2021 Здружението е национален партнер од Северна Македонија во регионалниот проект „Одржливост на сервисите за клучните популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ (#SoS_project), раководен од нашата партнерска организација Алијанса за јавно здравје од Украина, а финансиски поддржан од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.

Северна Македонија има ниско ниво на епидемија на ХИВ, концентрирана во популацијата на мажи што имаат секс со мажи, каде преваленцата беше проценета на 5,4% во 2018 г. Во 2018 и 2019 година, во соработка со македонски и надворешни експерти Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ ја спроведе првата национална проценка на континуумот на грижата во врска со ХИВ во Северна Македонија за 2017 и 2018 година во согласност со насоките на Европскиот центар за контрола и превенција на болести, како и со стратешките и меѓународно преземените обврски на земјата. Во рамките на СоС проектот е предвидено да се спроведе нова проценка на континуумот на ХИВ врз основа на епидемиолошките и клиничките податоци достапни заклучно со крајот на 2020 година.

Проценката на континуумот на грижата во врска со ХИВ во Северна Македонија за 2020 година ќе ја спроведе тим од национални експерти со искуство во областите на епидемиологијата, јавното здравје и лекувањето на ХИВ-инфекцијата, кој ќе биде поддржан од надворешен експерт со специфична експертиза за овој вид анализи.

Овој повик за консултанти се објавува со цел да се идентификуваат и ангажираат експерти за проценка на континуумот на грижата во врска со ХИВ во Северна Македонија за 2020 г. како дел од тимот.

Консултантски позиции

Овој повик се однесува на следниве позиции:

1. Консултант за обработка и анализа на клиничките податоци неопходни за евалуација на континуумот на грижата во врска со ХИВ во Северна Македонија и изготвување извештај од евалуацијата.

Опис на работните задачи

1. Консултантот за обработка и анализа на клиничките податоци неопходни за евалуација на континуумот на грижата во врска со ХИВ во Северна Македонија и изготвување извештај од евалуацијата треба да ги изврши следниве задачи:

– Да учествува како експерт во работната група за евалуација на континуумот на грижата во врска со ХИВ во С. Македонија;

– Да подготви и примени соодветна методологија за собирање и анализа на клиничките податоци релевантни за континуумот во согласност со насоките од надворешниот експерт;

– Да подготви нацрт-извештај од анализата според насоките на работната група;

– Да подготви финален извештај со инкорпорирање на забелешките од работната група.

Консултантот има обврска при изготвувањето на анализите да ги земе предвид насоките на работната група, односно насоките на надворешниот експерт.

Обем на ангажманот и временска рамка

Ангажманот и на двајцата консултанти треба да се спроведе во периодот од 20 до 30 јуни, 2021 г.

За извршување на ангажманот од консултантската позиција предвидени се 6 консултантски денови.

Надомест и други услови

По завршувањето на задачите соодветни за секој од консултантските ангажмани на консултантите ќе им биде исплатен бруто надомест од 160 долари во денарска противвредност за еден консултантски ден.

Профил и неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните основни квалификации:

· Универзитетска диплома од областа на медицината

· Докажана експертиза во областа на клиничките аспекти од следењето и лекувањето на ХИВ-инфекцијата

· Не помалку од 5 години искуство во научна или стручна работа областа на јавното здравје, националниот одговор на ХИВ или статистика во здравствениот сектор

· Претходно искуство од работа на анализи релевантни за конкретниот ангажман

· Изградени способности за тимска стручна работа

· Одлично познавање на англискиот јазик

Критериуми за избор

Изборот ќе се спроведе врз основа на нивото на исполнување на неопходните квалификации за овој повик.

Краен рок и потребни документи за пријавување

За пријавување на повикот заинтересираните кандидати треба да ја достават својата професионална биографија на следната е-маил адреса: [email protected] со назнака „Континуум на грижата во врска со ХИВ“.

Пријавата може да вклучи публикувани материјали и/или друга претходна стручна работа на кандидатот релевантна за овој конкретен повик (во форма на линк или прилог).

Контакт лице за овој повик е Анета Манева, програмска координаторка во ЗАЕДНО ПОСИЛНИ: е-маил адреса: [email protected].

Краен рок за пријавување на повикот е 16 јуни, 2021 г.