Повик за прибирање понуди: ангажирање консултант за финансиско-административни процедури и за финансиски менаџмент

Датум на објавување: 30 март 2021 г.

Краен рок: 07.04.2021 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање за следниве консултантски позиции:

  1. Консултант за финансиски и административни процедури
  2. Консултант за развивање алатка за буџетирање и финансиски мониторинг

Овие консултантски позиции се овозможени во рамките на поддршката од институционалниот грант од програмата Цивика Мобилитас.

Заинтересираните кандидати може да аплицираат една или за двете позиции, во согласност со условите за секоја од нив (види Опис на консултанските позиции).

Контекст

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ е здружение на заедницата на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија. Тоа делува во насока на зајакнување на луѓето што живеат со ХИВ како рамноправни членови на општеството, за почитување на нивното достоинство и остварување на нивните здравствени и човекови права. Посебно се залага за обезбедување континуиран пристап до современа антиретровирусна терапија и сеопфатен третман на ХИВ инфекцијата и состојби поврзани или неповрзани со ХИВ, а во согласност со најсовремените достигнувања во науката.

Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје покрива неколку клучни области во своето работење:

  • ПОДДРШКА: Услуги за поддршка – врсничка, психосоцијална и правна – и активности за омоќување на луѓето што живеат со ХИВ во Северна Македонија
  • ХИВ-ТЕСТИРАЊЕ: Услуги за бесплатно тестирање и советување за ХИВ преку пунктот за тестирање во нашите простории во Дебар Маало
  • ПОЛИТИКИ: Застапување за правата на луѓето што живеат со ХИВ, особено во врска со пристапот до квалитетна и современа терапија, и учество во креирањето на јавните политики во врска со ХИВ, јавното здравје и здравствената заштита
  • МОБИЛИЗАЦИЈА : Мобилизација и подигнување на јавната свесност за ХИВ, со цел да се намалат предрасудите, стигмата и дискриминацијата кон луѓето со ХИВ, како и да се зголеми културата на редовно ХИВ-тестирање.

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ обединува луѓе различни по пол, возраст, сексуалната ориентација, родов идентитет, етничка припадност, верско убедување, социјален и образовен статус и сл.

Краен рок и потребни документи за пријавување

Најдоцна до 07.04.2021 г., заинтересираните кандидати треба да достават:

  • Кратка изјава за интерес (во маил);
  • Професионална биографија, која ќе го прикаже работното искуство релевантно за овој повик.
  • Контакт за препорака.

Документите за пријавување на повикот со назнака „Повик – фин./адм. процедури и фин. менаџмент“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:

[email protected]

Во маил-от треба да се наведе за која позиција/и аплицира кандидатот.

Постапка за избор на консултант

Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу тројца најдобро рангирани кандидати ќе биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот. Сите кандидати ќе бидат известени за резултатот од изборот по електронски пат во рок од 7-14 дена по затворањето на повикот.

ОПИС НА КОНСУЛТАНТСКИТЕ ПОЗИЦИИ

1. Kонсултант за финансиски и административни процедури

Опис на работните задачи

Ангажираниот консултант за финансиски и административни процедури ќе го помогне процесот на ревидирање и дополнување на процедурите за финансиско и административно работење на Здружението. Тој/таа ќе треба да ги исполни следниве задачи:

  • Да ги ревидира процедурите за финансиско и административно работење што се применуваат во работата на Здружението;
  • Да предложи измени и дополнувања на процедурите за финансиско и административно работење со цел да се подобри секојдневното функционирање, водејќи сметка за специфичниот контекст и потреби на Здружението.

За својата работа консултантот одговара пред извршниот директор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

Профил и неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:

  • Диплома за завршено високо образование;
  • Одлично познавање на процедурите за финансиско и административно работење во граѓански здруженија;
  • Претходно искуство како консултант на средна или голема невладина организација;
  • Способности за планирање и организација и навремено исполнување на зададените задачи;

Критериуми за избор на консултант за финансиски и административни процедури

Предност ќе имаат кандидати со:

  • Претходно искуство во креирање на процедури и правилници за финансиско и административно работење;

Временска рамка, надомест и други услови

Предвидениот обем на консултантскиот ангажман за ревидирање и дополнување на процедурите за финансиско и административно работење изнесува 3 (три) консултантски дена во бруто износ од 5500 денари по консултански ден. Спроведувањето на процесот треба да заврши до 10 мај 2021 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантските услуги со покриен персонален данок на доход.

2. Консултант за развивање алатка за буџетирање и финансиски мониторинг

Опис на работните задачи

Консултант за развивање алатка за буџетирање и финансиски мониторинг ќе треба да ги исполни следниве задачи:

  • Во консултација со раководството на Здружението да развие алатка за планирање и менаџирање на буџет на организациско ниво, која:
  • овозможува преглед на моменталната финансиската состојба по активности и статусот на нивната реализација;
  • ја одразува корелацијата на финансиите со стратешките/програмските области на делување на Здружението и видот на дејноста;
  • одразува корелација на организацискиот буџет со проектните буџети.

За својата работа консултантот одговара пред извршниот директор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

Профил и неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:

  • Диплома за завршено високо образование;
  • Претходно искуство во процеси на финансиско управување во невладини организации при донесување на одлуки за реализација на буџетски цели;
  • Одлично познавање на Microsoft excel;
  • Способности за планирање и организација и навремено исполнување на зададените задачи;

Критериуми за избор на консултант за финансиски менаџмент

Предност ќе имаат кандидати со:

  • Претходно учество во креирање на организациски буџет;
  • Искуство во креирање на алатки за буџет, буџетски мониторинг и анализа на ризици;
  • Искуство во позиција на финансиско раководење;
  • Искуство како консултант за финансиски прашања на средна или голема невладина организација.

Временска рамка, надомест и други услови

Предвидениот обем на консултантскиот ангажман за финансиски менаџмент изнесува 5 (пет) консултантски дена во бруто износ од 5500 денари по консултански ден. Спроведувањето на процесот на развивање на алатка за организациски буџет, треба да заврши до 10 мај 2021 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантските услуги со покриен персонален данок на доход.