Граѓанската платформа за одржливост на услугите за превенција и поддршка во врска со ХИВ најостро ги осудува медиумите и политичките партии кои ја занемаруваат превенцијата на ХИВ како важна за заштитата на јавното здравје и на животот на најранливите граѓани засегнати од ХИВ.
Повеќе медиуми во текот на вчерашниот и денешниот ден објавија вест дека Министерството за здравство објавило тендер за набавка на кондоми и лубриканти. Сите овие вести, без исклучок, се формулирани како да информираат за нешто скандалозно, па во контекст на актуелната економска и здравствена криза, набавката на кондоми и лубриканти се спротивставува на низа актуелни проблеми како сиромаштијата, невработеноста, покачената цена на струјата и др.
Како организации со децениско искуство на работа во заштитата од ХИВ-инфекцијата, откривањето на луѓето што живеат со ХИВ и нивното поврзување со системот на здравствената заштита, најостро го осудуваме омаловажувањето на кои било превентивни стратегии за прашања од областа на јавното здравје, особено во услови на здравствена криза.
Во ваквите објави гледаме темелно непознавање на темата за која се пишува, отсуство на професионален новинарски пристап и отсуство на истражувачки пристап. Објавите ги сметаме за мотивирани единствено од политички цели, при што сосема се занемаруваат етичките принципи и евентуалната засегнатост на дел од граѓаните.
Обрнуваме внимание на фактот дека направените споредби се сосема несоодветни: една јавно-здравствена мерка, минимална по своето влијание врз јавниот буџет, се става на вага со огромни структурни општествени прашања, како што се невработеноста, цената на струјата или губењето на работни места поради здравствената криза.
Истакнуваме дека:
- Преку Министерството за здравство, сите влади од 2005 година досега набавувале кондоми и лубриканти. Благодарение на сите досегашни инвестиции во услуги за превенција на ХИВ, вклучително и дистрибуција на кондоми и лубриканти, Македонија има најниска преваленца на ХИВ во регионот.
- Кондомите и лубрикантите се докажано средство за превенција од ХИВ, хепатит Б и други сексуално преносливи инфекции, во согласност со препораките на сите светски релевантни институции од областа на јавното здравје, вклучувајќи ја и Светската здравствена организација. Воедно, тие се една од основните и најевтините јавно-здравствени мерки во заштитата на населението од ХИВ; како таква оваа мерка е дел од Програмата за ХИВ во земјава во изминатите 15 години. Нивното обезбедување за ранливи групи на граѓани, кои се изложени на непропорционално поголем ризик од ХИВ и други инфекции, е дел од обврските на нашата држава кои произлегуваат од Политичката декларација за ХИВ и СИДА на Генералното собрание на Обединетите Нации од 2016 година за ставање крај на епидемијата на ХИВ и постигнување нула нови инфекции во Република Северна Македонија до 2030 година.
- Имајќи ја предвид светската криза со ковид-19, и најрелевантните агенции на Обединетите нации (УНАИДС, УНДП, УНФПА и УНОДК) ги повикуваат владите да обезбедат континуирана достапност на квалитетни и недискриминаторски услуги за превенција, лекување, грижа и поддршка во врска со ХИВ за клучните засегнати групи население специфично во контекстот на ковид-19.
- Неприфатливо е поради еден проблем на јавното здравје, колку е и да е тој акутен и горечки, да се запостават, па дури и омаловажат, други проблеми од коишто исто така е засегнато здравјето на сите граѓани, а особено на одредени групи од населението. Дотолку повеќе што групите граѓани кои се најранливи на ХИВ во огромна мера се и оние што се најпогодени од истите проблеми што се посочуваат во медиумските објави, како што се невработеноста и сиромаштијата.
- Скандализирачкиот начин на говор кога се работи за кое било прашање поврзано со сексуалното здравје не открива само длабоки социопсихолошки комплекси, туку пред сè влијае исклучително штетно врз националните и глобалните напори да се стави крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година, бидејќи уште повеќе ги стигматизира луѓето што се најранливи на ХИВ и ги одвраќа од користењето услуги што ќе го заштитат нивното здравје, а истовремено и здравјето на целото население.
Конечно, најостро ја осудуваме конференцијата за печат на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Злоупотребата на оваа тема за дневно-политички цели укажува на лицемерен однос кон заедниците засегнати од ХИВ и кон граѓаните, особено што владите на ВМРО-ДПМНЕ повеќе од десет години учествуваа во набавките на кондомите и лубриканти како дел од програмите за ХИВ, дури и со повисок износ на средства од моменталните. Истовремено потсетуваме дека пред само еден месец оваа политичка партија даде безрезервна поддршка потпишувајќи ја Декларацијата за одржливост на програмите за ХИВ, што меѓудругото подразбира и дистрибуција на кондоми и лубриканти на сиромашните граѓани и луѓето во ризик кои не се во финансиска можност да обезбедат заштита од ХИВ.
Имајќи ја предвид чувствителната ситуација со ковид-19, како и сериозноста на проблемот со епидемијата на ХИВ, апелираме до сите актери во јавниот живот на Македонија, а особено до медиумите и до политичките партии, да одржат исклучително одговорен однос кон јавното здравје. Меѓу другото, тоа подразбира и воздржување од давање паушални и морализаторски мненија за прашања од областа на јавното здравје, кое е научна дисциплина и, пред сè, се темели на докази и истражувања.
———————-
Платформата за одржливост на услугите за превенција и поддршка во врска со ХИВ ја сочинуваат:
- Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје (организација на пациенти)
- Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА Скопје
- Опции за здрав живот – ХОПС Скопје, Скопје
- Здружение ЕГАЛ Скопје, Здружение Доверба Скопје
- Здружение СТАР-СТАР Скопје
- Црвен крст на Република Северна Македонија
- Опција – Охрид
- Зона – Кавадарци
- Центар за развој и унапредување на јавен живот – Тетово
- ХЕЛП – Гостивар
- Младински Клуб – Штип
- Избор –Струмица
- ПУЛС – Куманово
- Виа Вита – Битола