Повик за прибирање понуди: ангажирање консултант за стратешко планирање

Датум на објавување: 24.8.2020 г.

Краен рок: 31.8.2020 г.

Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање консултант што ќе го помогне процесот на стратешко планирање на Здружението.

Оваа консултантската позиција е овозможена во рамките на поддршката од Фондацијата Отворено општество  Македонија и институционалниот грант од програмата Цивика Мобилитас

Контекст

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ е здружение на заедницата на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија. Тоа делува во насока на зајакнување на луѓето што живеат со ХИВ како рамноправни членови на општеството, за почитување на нивното достоинство и остварување на нивните здравствени и човекови права. Посебно се залага за обезбедување континуиран пристап до современа антиретровирусна терапија и сеопфатен третман на ХИВ инфекцијата и состојби поврзани или неповрзани со ХИВ, а во согласност со најсовремените достигнувања во науката.

Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје покрива неколку клучни области во своето работење:

  • ПОДДРШКА: Услуги за поддршка – врсничка, психосоцијална и правна – и активности за омоќување на луѓето што живеат со ХИВ во Северна Македонија
  • ХИВ-ТЕСТИРАЊЕ: Услуги за бесплатно тестирање и советување за ХИВ преку пунктот за тестирање во нашите простории во Дебар Маало
  • ПОЛИТИКИ: Застапување за правата на луѓето што живеат со ХИВ, особено во врска со пристапот до квалитетна и современа терапија, и учество во креирањето на јавните политики во врска со ХИВ, јавното здравје и здравствената заштита
  • МОБИЛИЗАЦИЈА : Мобилизација и подигнување на јавната свесност за ХИВ, со цел да се намалат предрасудите, стигмата и дискриминацијата кон луѓето со ХИВ, како и да се зголеми културата на редовно ХИВ-тестирање.

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ обединува луѓе различни по пол, возраст, сексуалната ориентација, родов идентитет, етничка припадност, верско убедување, социјален и образовен статус и сл.

Опис на работните задачи

Ангажираниот консултант ќе треба да ги исполни следниве задачи:

  • изработка на дизајн и методологија на стратешкото планирање за период од 3 години, соодветно за Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје;
  • раководење на процесот на стратешко планирање, во кое се предвидуваат и консултативни средби со управниот одбор, извршната канцеларија, како и со членството на организацијата, а евентуално и со избрани надворешни соработници;
  • подготовка и фацилитирање на дводневна главна работилница за развивање на стратешкиот план со номинирана работна група од организацијата;
  • подготовка на предлог стратешки план;
  • подготовка на финален стратешки план;
  • подготовка на акциски план за спроведување на стратешкиот план.

За својата работа консултантот одговара пред извршниот директор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

Профил и неопходни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:

  • Диплома за завршено високо образование;
  • Одлично познавање на процесите на стратешко планирање и искуство во спроведување на такви процеси, не пократко од 4 години;
  • Искуство како фацилитатор на процеси на стратешко планирање за најмалку три граѓански организации;
  • Способности за планирање и организација и навремено исполнување на зададените задачи;
  • Изградена способност за тимска работа;
  • Одлично познавање на македонскиот и англискиот јазик.

Критериуми за избор

Предност ќе имаат кандидати со:

  • Искуство во спроведување процеси на стратешко планирање на организации со сродно поле на дејствување;
  • Искуство во спроведување процеси на стратешко планирање за различни ентитети (не само на граѓански организации);
  • Соодветна лична мотивација за конкретниот ангажман;
  • Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.

Временска рамка, надомест и други услови

Спроведувањето на процесот на стратешко планирање и подготовката на стратешкиот план за 2021 – 2023 година, треба да заврши до 31 октомври 2020 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантските услуги со покриен персонален данок на доход. Предвидениот надомест за овој ангажаман е во бруто износ од 56.200,00 денари.

Обврските ќе се спроведуваат во и вон канцелариите на Здружение ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје. Дводневната работилница ќе се одржи надвор од Скопје во првата половина на октомври 2020 година.

Краен рок и потребни документи за пријавување

Најдоцна до 31.8.2020 г., заинтересираните кандидати треба да достават:

  • Писмо за интерес во кое накратко ќе го образложат предложениот пристап и методите што би ги примениле во процесот на стратешкото планирање за ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и ќе се осврнат на личната мотивација за овој ангажман;
  • Професионална биографија, која ќе го прикаже работното искуство релевантно за овој повик, а особено организациите/субјектите за коишто консултантот спровел процеси на стратешко планирање или други процеси на организациски развој, вклучувајќи ја соодветната година на ангажманот и линкови до завршени документи, доколку се јавно достапни.
  • Контакти за препорака од одговорни лица од две граѓански организации за кои консултантот спровел процеси на стратешко планирање: име и презиме, телефон и електронска пошта.

Документите за пријавување на повикот со назнака „Повик за консултант за стратешко планирање“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:

[email protected]

Постапка за избор на консултант

Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу тројца најдобро рангирани кандидати ќе биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот. Сите кандидати ќе бидат известени за резултатот од изборот по електронски пат во рок од 7-14 дена по затворањето на повикот.