Во предизборниот период, вкупно шестнаесет политички партии се обврзаа дека по изборите ќе се заложат за преземање акции за обезбедување континуитет на програмите за превенција на ХИВ со цел да ѝ се стави крај на епидемијата на ХИВ и до 2030 година да се постигнат нула нови инфекции во Република Северна Македонија.
Тие ја потпишаа Декларацијата насловена „Законот за здравствена заштита да ги препознае граѓанските организации како даватели на услуги од здравствената заштита од посебно значење за јавното здравје“, која беше предложена од Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ, составена од 14 граѓански организации коишто подолго од една деценија спроведуваат програми за превенција и тестирање за ХИВ во повеќе од 12 градови низ државата. Политичките партии се обврзаа дека по парламентарните избори на 15 јули 2020 година, преку пратениците во новиот парламентарен состав, односно преку своите претставници во извршната власт, ќе иницираат и поддржат:
· препознавање на граѓанските организации како даватели на услуги од здравствената заштита од посебно значење за јавното здравје за ранливи групи на население, во рамките на постојниот или во нов Закон за здравствена заштита, и
· обезбедување долгорочна одржливост на досегашното национално финансирање на програмите и активностите за превенција, тестирање и поддршка во врска со ХИВ за групите под особен ризик, кои ги спроведуваат граѓанските организации.
Декларација ја поддржаа Алијансата за Албанците, ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО – Народна партија, Движењето Беса, Демократска обнова на Македонија, Достоинство – ППД, Либерално-демократската партија, Нова алтернатива, Новата социјалдемократска партија, Обединетата партија за еднаквост на Ромите, Обединети за Македонија, Партијата за движење на Турците во Македонија, Партијата за демократски просперитет на Ромите, Партијата за целосна еманципација на Ромите, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Твоја партија.
Во продолжение ја испраќаме Декларацијата потпишана од политичките партии.