Градоначалникот Шилегов и Константин Војцехович, претставник на Здружената програма на Обединетите нации за ХИВ/СИДА, денеска ја потпишаа Париската декларација и Град Скопје им се придружи на градовите низ светот во напорите да се стави крај на епидемијата на ХИВ како закана за јавното здравје до 2030 година.
Преку потпишување на Париската декларација сакаме да ја потврдиме нашата заложба за унапредување на колективното здравје во градот, но и во целиот свет, и да придонесеме за намалување на појавата на новодијагностицирани случаи со овој вирус. Свесни сме за потенцијалните ризици од ХИВ и СИДА, туберкулоза и вирусен хепатит, и одговорно се вклучуваме во националните напори за заштита на здравјето и благосостојбата на населението. Како еден од ретките балкански градови кои се приклучиле на оваа иницијатива, апелирам до преостанатите градови, особено во соседството, да се придружат на напорите да ставиме крај на вирусот во наредните 10 години со што ќе обезбедиме поздрави општества – рече Шилегов.
Тој додаде дека заложбите коишто водат кон подигање на свеста на граѓаните во Град Скопје за проблемот со ХИВ/СИДА преку нивно информирање, едукација, а со тоа и превенирање на несакани последици, содржани се во Локалната стратегија за заштита од ХИВ за периодот 2016-2020 година.
ХИВ е вирус за кој не постои лек, но искуствата покажуваат дека со сеопфатни мерки од здравствена, социјална, правна и општо од културолошка перспектива може да се спречи понатамошно ширење на вирусот и да се постигне ефикасна заштита на населението. Превенцијата ја има клучната улога во намалувањето на бројот на новозаразени лица и секако во намалување на последиците. Половина од новодијагностицираните случаи на ХИВ во нашата земја се појавуваат кај жители на Скопје што потврдува дека епидемијата на ХИВ е всушност сконцентрирана во урбаните средини, особено во големите и главните градови. Само во минатата година, околу 30 од новодијагностицираните случаи биле кај жители на Скопје. Ова за нас е предизвик на кој вреди сериозно да му се посвети внимание. Затоа посветено работиме на тоа да создадеме и одржуваме здраво општество бидејќи само така може да градиме среќна иднина не само на нашите сограѓани, туку и на сите граѓани во државата и пошироко – изјави Шилегов.
Преку Програмата за социјална, детска и здравствена заштита, Градот Скопје континуирано обезбедува поддршка на активности кои се насочени кон превенција на преносливи болести, намалување на штетите од употреба на дроги, здравствена едукација. Во изминатите години Градот воспостави и одлична соработка со граѓанскиот сектор која се базира на соработка во унапредување на почитувањето на човековите права и уживањето на еднаквите избори и можности.
Му пожелуваме добредојде на Скопје во иницијативата „Градови на брзиот колосек“ и му честитаме на Градот за преземањето на овој храбар чекор во надополнување на одговорот кон ХИВ. Се надеваме дека и други градови во С. Македонија ќе го следат водството на Скопје.Градовите може да имаат витална улога во справувањето со епидемијата на ХИВ. Тие се позиционирани на начин на којшто можат услугите за ХИВ да ги направат пристапни преку соработка со централната власт, Министерството за здравство, граѓанските организации и заедниците – на пример преку обезбедување простор за активности за подигнување на свесноста, советување и ХИВ-тестирање во рамките на заедницата на специфични локации коишто се блиски до луѓето што живеат со ХИВ, нивните партнери и пријатели и до луѓето што се под најголем ризик од добивање на ХИВ-инфекцијата. Оваа работа несомнено ќе ги направи Скопје и другите македонски градови поинклузивни, безбедни, пријателски настроени кон сите и ќе придонесуваат кон подигнување на квалитетот на живот, социјалниот и економскиот развој – изјави Константин Војцехович, претставник на Здружената програма на Обединетите нации за ХИВ/СИДА.
Му честитаме на господинот Петре Шилегов, Градоначалникот на Скопје, за потпишувањето на Париската декларација и за цврстата решеност да се стави крај на СИДА преку мобилизирање на градските ресурси.
Ја поздравуваме одличната работа на нашите партнери во Северна Македонија – Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје, чии напори доведоа до политички заложби и поддршка за воведувањето нови пристапи во превенцијата и лекувањето на ХИВ-инфекцијата. На пример, очекуваме дека клучните засегнати популации во Скопје ќе добијат пристап до предекспозициска профилакса и китови за самотестирање во првата половина од 2020 година. Ова е многу важна стратешка одлука за четвртиот град во регионот на Југоисточна Европа, што значително го зацврстува растечкото лидерство на Балканскиот регион во борбата против СИДА. Алијансата за јавно здравје и тимот на регионалниот проект #SoS ќе продолжи да го поддржува градот во сите фази од имплементацијата на Париската декларација“ – изјави Андреј Клепиков, извршен директор на Алијансата за јавно здравје од Киев, Украина.
За луѓето што живеат со ХИВ-инфекцијата овој чекор на Градот значи поддршка и охрабрување. За луѓето коишто не знаат за својот статус може да значи поттик да направат ХИВ тест и да почнат со терапија, знаејќи дека овој проблем веќе не е на маргините, туку институциите, вклучително и Градот Скопје преземаат чекори за да обезбедат квалитетни и пристапни услуги за превенција, лекување и поддршка – изјави Андреј Сених, извршен директор на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.