Краен рок за пријавување: 19.12.2021 г.
Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање консултант што ќе го помогне процесот на национално стратешко планирање за ХИВ за периодот 2022-2026.
Оваа консултантската позиција е овозможена во рамките на регионалниот проект „Одржливост на сервисите за клучните популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ (#SoS_project), кој е финансиски поддржан од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, а чии активности на ниво на Р. С. Македонија се раководени од Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и се насочени на поддршка на националниот одговор кон ХИВ, во консултација со Националната комисија за ХИВ.
1. Контекст
Република Северна Македонија е земја со ниско ниво на епидемија на ХИВ, при што епидемијата е концентрирана во рамките на клучни засегнати популации. Се проценува дека заклучно со крајот на 2020 година околу 500 лица живееле со ХИВ во Северна Македонија, од коишто само 66% биле свесни за својата инфекција, што е значително понизок од глобалниот просек за истата година, кој изнесува 84%. Од друга страна, согласно проценките на национално ниво, 90% од дијагностицираните лица на крајот на 2020 година примале антиретровирусна терапија, а дури 94% од нив имале супримиран вирус во крвта (глобален просек за 2020 г. – 87% и 90% соодветно).
Земјата досега развила и спровела вкупно три национални стратегии за ХИВ, кои се однесуваа на периодот 2007 до 2021 година. Следната национална стратегија треба да се однесува на петгодишниот период 2022-2026, а ќе биде развиена од мултисекторска работна група формирана од Министерот за здравство, преку консултација на сите заинтересирани страни, вклучувајќи го и граѓанскиот сектор и претставници на луѓето што живеат со ХИВ и на заедниците засегнати од вирусот. Покрај достапните докази и релевантни анализи на национално ниво, новата национална стратегија треба да ги земе предвид и глобалните стратегии, препораки, како и меѓународно преземени обврски на државата во однос на ставањето крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година.
2. Опис на работните задачи
Од ангажираниот консултант се очекува да ги исполни следниве задачи:
- Да спроведе анализа на релевантни документи за националниот одговор кон ХИВ и глобалните стратегии и препораки во однос на одговорот кон епидемијата;
- Да подготви извештај од анализата кој ќе служи како контекст, односно анализа на состојбата, за потребите на националното стратешко планирање за ХИВ за периодот 2021-2026;
- Врз основа на консултација со заинтересирани страни во националниот одговор кон ХИВ да развие предлог-структура за националниот стратешки план за ХИВ;
- Да изготви препораки за спроведување на националното стратешко планирање за ХИВ.
Проценет обем на консултантскиот ангажман: 10 консултантски денови
За својата работа консултантот одговара пред извршниот директор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.
3. Профил и неопходни квалификации
Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:
- Диплома за завршено високо образование;
- Одлично познавање на процесите на стратешко планирање и искуство како фацилитатор на процеси на стратешко планирање за најмалку три институции или организации;
- Способности за планирање и организација и навремено исполнување на зададените задачи;
- Изградена способност за тимска работа;
- Одлично познавање на македонскиот и англискиот јазик.
4. Критериуми за избор
Предност за добивање на ангажманот ќе имаат кандидати со:
- Претходно учество во процеси на национално стратешко планирање (независно од областа);
- Претходно искуство во слични процеси поврзани со темите ХИВ и/или јавно здравје;
- Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.
5. Временска рамка, надомест и други услови
Предвидениот обем на консултантскиот ангажман изнесува 10 (десет) консултантски дена. Спроведувањето на задачите наведени во точка 2 треба да заврши до 31 декември 2021 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантски услуги, а ќе биде надоместен со бруто износ од 130 американски долари во денарска противвредност за еден консултантски ден.
Со оглед на ограничената временска рамка за спроведување на ангажманот, предвидено е потпишување на договорот на 20 декември 2021 г.
Краен рок и потребни документи за пријавување
Најдоцна до 19.12.2021 г., заинтересираните кандидати треба да достават:
- Изјава за интерес во која накратко ќе се осврнат на своите клучни квалификации што одговараат на условите на овој повик;
- Професионална биографија, која ќе го прикаже работното искуство релевантно за овој повик.
Документите за пријавување на повикот со назнака „апликација – нац. стратегија ХИВ“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:
Постапка за избор на консултант
Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу двајца најдобро рангирани кандидати може да биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот.