ХИВ и сексуалното здравје

Eдукативна програма за млади на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје

ПОВИК ЗА УЧЕСТВО

Датум на објавување: 21.8.2020 г.

Краен рок: 1.9.2020 г.

Ако си млад геј или би маж, на возраст помеѓу 20 и 27 години,

ако си мотивиран да придонесеш за унапредување на квалитетот на живот во својата заедница,

ако си заинтересиран за најновите, научно поткрепени и релевантни информации за сексуалното здравје на геј и би мажите, влучувајќи ги темите недетектабилно – непреносливо, ПрЕП, chemsex и многу други,

пријави се за учество во оваа едукативна програма на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

—–

Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за заинтересирани учесници во својата нова едукативна програма специјално дизајнирана за млади активисти од заедницата на геј и би мажи.

Цел на оваа едукативна програма е група од млади лица од заедницата на геј и би мажи, кои се мотивирани да бидат активни во својата заедница, да стекнат најнови, со докази поткрепени и релевантни познавања за различни аспекти поврзани со сексуалното здравје, вклучувајќи и ХИВ, и вештини што ќе им помогнат да делуваат во своите заедници за зголемување на свесноста за ХИВ, грижата за сексуалното здравје и уживањето во побезбедна и исполнувачка сексуалност.

Програмата, исто така, настојува да ги поттикне младите да се ангажираат како активисти во областа на ХИВ и сексуалното здравје, во рамките на својата заедница или пошироко.

Кој може да се пријави?

Оваа иницијатива е наменета за млади лица на возраст помеѓу 20 и 27 години што се идентификуваат како геј и би мажи, кои изразуваат соодветна мотивација за учество во програмата и за активирање во рамките на својата заедница. При селекцијата ќе се внимава на разнородноста на учесниците во однос на етничката припадност, географската поврзаност и разликите по други основи.

Еднакво се охрабруваат за едукативната програма да се пријават млади лица со ХИВ-позитивен, како и со ХИВ-негативен статус.

Сите трошоци за обуката се покриени од страна на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ

Програма

Едукативната програма е развиена од Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ во консултација со стручни лица, како и со млади припадници на заедницата на геј и би мажи.

Темите што ќе бидат опфатени ги вклучуваат:

различните аспекти на сексуалното здравје; ПрЕП и новите пристапи во заштитата од ХИВ; недетектабилниот статус и (не)преносливоста на ХИВ; chemsex; историјата и наследството на ХИВ- и ЛГБТ-активизмот низ филм и дискусија; како се лекува ХИВ-инфекцијата; како да се препознаат, дијагностицираат и лекуваат сексуално преносливите инфекции; сексот во контекст на КОВИД-19 и повеќе други.

Содржините што ќе бидат покриени се засновани врз најновите докази од клинички и други истражувања во областа на превенцијата и лекувањето на ХИВ и сексуално преносливите инфекции. Обуката ќе ја водат искусни врснички едукатори и стручни соработници на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ.

Оваа обука ќе има социјален и едукативен карактер според методите на неформалното образование, вклучувајќи интерактивни вежби, групни дискусии, симулации, анализа на филм, дебати и др.

Кога ќе се одржи обуката?

Обуката ќе се спроведе во два дела. Првиот дел од обукатa ќe биде дводневна работилница од 12-ти до 14-ти септември надвор од Скопје, а вториот дел ќе биде еднодневна работилница што ќе се одржи во Скопје (датумот ќе биде дополнително определен).

Обуките и превозот ќе бидат организирани запазувајќи ги протоколите за заштита од актуелниот корона вирус.

Вклученост по обуката

Учесниците што ќе ја поминат обуката ќе добијат можност директно да се вклучат во последователни креативни волонтерски акции на Здружението, како и во ангажмани со соодветен надомест. Дел од заинтересираните кандидати што успешно ќе ја завршат обуката ќе имаат можност да се вклучат и како даватели на услуги во ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и во други здруженија.

Како да се пријавам?

Заинтересираните млади лица коишто ги исполнуваат критериумите може да се пријават до 01.09.2020, пополнувајќи го овој краток прашалник: https://forms.gle/jUHRtCQGn5JyvawcA

Напомена: Личните податоци се обработуваат во согласност со правилниците за заштита на личните податоци на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и на Законот за заштита на личните податоци. Податоците што ги оставате во оваа пријава се исклучиво за спроведување на процесот за избор на учесници и ќе бидат избришани по завршувањето на повикот.

Доколку имате потреба од дополнителни информации обратете се на телефонскиот број +389 78 235 632 или преку e-mail на [email protected]

——-

Оваа иницијатива е дел од проектот Подобрување на здравствените резултати за мажите што имаат секс со мажи во Македонија што го спроведува Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје со финансиска поддршка од ViiV Healthcare. Проектот има цел да придонесе (1) да се подобри вклученоста на млади геј и би мажи во адресирањето на прашања од областа на сексуалното здравје и ХИВ, и (2) да се зголеми свесноста за услугите за ХИВ и за сексуално здравје во рамките на заедницата на геј и бисексуални мажи и други мажи што имаат секс со мажи.

Исполнувањето на целта на оваа едукативна програма се очекува да придонесе за:

– Поголемо фактичко знаење во заедницата на геј и би мажи за ХИВ и сексуално преносливите инфекции

– Намалување на стигмата кон луѓето што живеат со ХИВ

– Зајакнување на културата за редовно ХИВ-тестирање и други проверки на сексуалното здравје

– Искористување на достапните бесплатни услуги за ХИВ и за сексуално преносливи инфекции

За ЗАЕДНО ПОСИЛНИ:

ЗАЕДНО ПОСИЛНИ е здружение на луѓето што живеат со ХИВ во Северна Македонија. Ние делуваме за зајакнување на луѓето со ХИВ како рамноправни членови на општеството, за почитување на нивното достоинство и остварување на нивните здравствени и човекови права. Посебно се залагаме за обезбедување континуиран пристап до современа антиретровирусна терапија и сеопфатен третман на ХИВ-инфекцијата и на состојби поврзани или неповрзани со ХИВ, во согласност со најсовремените достигнувања во науката.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes:

<a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>