ПрЕП во Македонија? Конечно!

Започнува пилот-програмата за предекспозициска профилакса. Дознај повеќе и пријави се за учество

ПрЕП или предекспозициска профилакса е алатка за превенција на ХИВ. Таа претставува таблета – комбинација од две антиретровирусни активни состојки кои може да ги зема ХИВ-негативно лице, во период на ризик, за да се заштити од инфицирање со ХИВ.

Во 2015 година Светската здравствена организација (СЗО) објави силна препорака дека ПрЕП треба да се направи достапна како дополнителен избор на превенција на ХИВ за лицата што се наоѓаат во значителен ризик од вирусот, како дел од комбиниран пакет на опции за превенција.

Повеќе за правилниот начин на употреба на ПрЕП може да се прочита во нашиот водич „Моето сексуално здравје и ХИВ“ .

ПрЕП во Македонија

Во текот на изминатата година, и покрај предизвиците на КОВИД-19, Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби работеа на подготовка на пилот-програма за ПрЕП, која започнува во јануари 2021 г., а ќе трае до декември 2021 г. со можност за продолжување во наредните години.

Со пилот-програмата (MKD-PrEP), ПрЕП за прв пат ќе стане достапна во Северна Македонија како дел од поширок пакет на услуги за сексуалното здравје.

Вклучувајќи се во пилот-програмата лицата засегнати од ХИВ ќе имаат можност да користат ПрЕП целосно бесплатно, во рамките на поширок пакет на услуги за сексуалното здравје.

Програмата е дизајнирана во вид на истражување кое ќе ни покаже како услугите за ПрЕП би можеле да функционираат во домашниот контекст и ќе обезбеди податоци што ќе помогнат овие услуги да останат достапни и во иднина и да се зголеми нивниот опфат, во зависност од потребата. Планирано е да бидат опфатени најмалку 100 лица во текот на годината.

Учесниците во пилотот ќе поминат стандарден процес на проценка за да проверат дали ПрЕП е соодветно решение за нив. Доколку се потврди соодветноста, тие ќе добијат посеопфатно следење на своето сексуално здравје, кое ќе ги вклучи следниве услуги:

  • редовно снабдување со таблети ПрЕП
  • редовно ХИВ-тестирање
  • тестирање за хепатит Б и хепатит Ц
  • тестирање за други сексуално преносливи инфекции – сифилис, гонореа, и хламидија
  • вакцина против хепатит Б
  • редовен медицински преглед
  • кондоми и лубриканти
  • советување и информативни материјали

Пилот-програмата се стреми максимално да ги поедностави неопходните чекори до почнувањето со ПрЕП. Се очекува за тоа да бидат неопходни најмногу 2 до 3 дена од првичната посета на заинтересираното лице, со можност ова време да се сведе на почнување во истиот ден со првичната посета.

Како да добијам ПрЕП?

Во моментов во тек е рано пријавување (предрегистрација) на кандидати за учество во пилотот. Секој што сака да се пријави може да се јави на телефонскиот број 078 235 632 за да закаже средба со некој од нашите ПрЕП-навигатори (во просториите на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ или на платформата zoom). Во договорениот термин, со помош на ПрЕП-навигаторот, заинтересираните ќе може да ја поминат кратката бихејвиорална проценка која ќе ни покаже дали ПрЕП е соодветна како средство за заштита од ХИВ лично за вас.

ПрЕП-навигаторот ќе ве информира за сите понатамошни чекори и со него ќе се договорите кога ќе биде направен медицинскиот дел од проценката на соодветноста, односно кога би можеле да ја добиете првата количина таблети за еден месец, доколку се покаже дека ПрЕП е соодветна опција за вас.

Издавањето на првите количини таблети (tenofovir disoproxil + emtricitabine) на корисниците се планира да се случи од 1 февруари 2021 година.

По оваа почетна бихејвиорална проценка, ќе следи медицински преглед за соодветноста на ПрЕП со лекар во центарот за ХИВ-тестирање и советување на Клиниката за инфективни болести. Прегледот вклучува ХИВ-тестирање, тестирање на клиренсот на креатинин (крвна слика), како и тестирање за другите сексуално преносливи инфекции (сифилис, кламидија, гонореа).

Како ќе се процени дали ПрЕП е соодветна опција за мене?

Соодветноста на ПрЕП во оваа пилот-програма ќе се проценува врз основа на протокол кој е во согласност со последно ажурираните препораки на Светската здравствена организација за ПрЕП.

Соодветност на ПрЕП ќе се утврди доколку:

  • лицето има навршено 18 години,
  • во можност е да се појавува на клиничките посети за последователни процени (1 месец по првичната посета, а потоа на секои 3 месеци),
  • има документиран ХИВ-негативен статус при регистрацијата или најмногу 7 дена пред започнувањето со ПрЕП (ХИВ-статусот ќе се проверува на првичната и на секоја последователна посета)
  • има ГФР ≥ 60, пресметана според клиренсот на креатинин
  • се наоѓа во висок ризик од добивање ХИВ преку сексуално изложување (што ќе се провери преку соодветен прашалник).

ПрЕП нема да може да користат лица коишто:

  • веќе се инфицирани со ХИВ или имаат симптоми што укажуваат на акутна ХИВ-инфекција, а притоа имале неодамнешен ризик од инфицирање;
  • имаат индикации за постекспозициска профилакса за ХИВ;
  • имаат алергија или контраиндикација на некој од двата лека во комбинацијата за ПрЕП.

Лицата кај кои не постои медицинска пречка да користат ПрЕП, но каде што бихејвиоралната проценка ќе покаже дека оваа алатка за превенција не е соодветна за нив, ќе бидат советувани за најдобрите начини да останат здрави и заштитени од ХИВ.

При употребата на ПрЕП како превенција исклучително е важно таа да се користи во консултација со лекар и да се направат неопходните тестирања пред да почнеме да ја користиме ПрЕП, како и на секои 3-6 месеци во текот на користењето.

Дополнителни информации за пилот-програмата

Временската рамка на овој пилот е една година. Доколку се отпочне со земање на ПрЕП, на учесниците ќе им се обезбеди пошироко следење на сексуалното здравје, а тие ќе бидат обврзани на редовни медицински контролни прегледи во првиот, третиот, шестиот, деветтиот и дванаесеттиот месец од отпочнувањето со ПрЕП. Учесниците може во секој момент да се откажат од учеството во пилотот.

Учеството во пилот-програмата е доброволно, доверливо и бесплатно!

Документацијата и формуларите за анализа за секој учесник ќе бидат означени само со анонимна шифра и третирани строго доверливо. Личните податоци поврзани со учеството во пилот-програмата се заштитени во согласност со Законот за заштита на личните податоци на РСМ и со принципот на лекарска тајна.

Здравствениот преглед и потребните лабораториски анализи ќе бидат вршени во рамките на задолжителното здравствено осигурување, при што учесниците ќе бидат ослободени од плаќање на партиципацијата.

Доколку некој од учесниците нема активно здравствено осигурување, трошоците за првичната и последователните посети ќе бидат целосно покриени, сè до решавање на проблемот со здравственото осигурување, за коешто ќе биде обезбедена соодветна стручна поддршка.

Доколку сте заинтересирани да користите ПрЕП преку вклучување во пилот-програмата или едноставно сакате да проверите дали ПрЕП е за вас и да добиете повеќе информации, можете да закажете разговор со некој од нашите ПрЕП-навигатори на телефон 078 235 632 или преку каналите за комуникација на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ.

Пилот-програмата за ПрЕП се спроведува како заедничка иницијатива на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, во соработка со Министерството за здравство и други организации од граѓанскиот сектор. Техничка поддршка во развивањето на протоколот и подготовките беше обезбедена од Канцеларијата на Светската здравствена организација и Алијансата за јавно здравје од Киев, Украина. Конфинансирање на пилот-програмата е обезбедено преку регионалниот проект „Одржливост на услугите за клучните популации во Источна Европа и Централна Азија“ раководен од Алијансата за јавно здравје, а финансиран од Глобалниот Фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes:

<a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>