Датум на објавување: 30 септември 2021 г.
Краен рок: 7 октомври 2021 г.
Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје објавува повик за прибирање понуди за ангажирање консултант за развивање на кодекс на однесување и процедура за заштита при повредување на кодексот. Кодексот, како внатрешна организациска политика ќе ги содржи основните вредности и правила на добро однесување во организацијата, во сите аспекти на нејзината работа. Кодексот ќе се однесува на членовите, вработените, давателите на услуги и волонтерите кои се вклучени во различни сегменти на работата на Здружението. Целта е со него да се осигури добра деловна комуникација, подобрени услови на работење и добар организациски имиџ.
Развивањето на Кодексот на однесување е овозможено во рамките на институционалниот грант од програмата Цивика Мобилитас.
Опис на ангажманот
Ангажираниот консултант ќе треба да ги исполни следниве задачи:
- Да осмисли и фацилитира еден до три консултативни состанок со назначена работна група;
- Врз основа на спроведениот консултативен процес да понуди препораки и насоки за развивање на Кодексот, што треба да обезбедат добра внатрешна и надворешна комуникација, доверба и интегритет во секојдневната работа во согласност со водечките принципи на Здружението;
- Да достави предлог-документ во форма на внатрешна организациска политика со јасно изложување на дефинираните вредности и стандарди за успешна комуникација, правилно постапување со информации, одржување на доверливоста и интерна постапка за справување при прекршување на кодексот; Документот треба да биде концизен и не треба да биде подолг од 5 страници во Word со фонт Calibri и големина 12.
- Да подготви финална верзија на Кодексот на однесување.
За својата работа консултантот одговара пред извршниот директор на Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.
Профил и неопходни квалификации
Кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве основни квалификации:
- Диплома за завршено високо образование;
- Искуство во спроведување на слични процеси во областа на организацискиот развој;
- Способности за планирање и организација и навремено исполнување на зададените задачи;
- Изградена способност за тимска работа;
- Одлично познавање на македонскиот и англискиот јазик.
Критериуми за избор
Предност ќе имаат кандидати со:
- Искуство во развивање организациски политики со сродна тематика и во сродни организации;
- Соодветна лична мотивација за конкретниот ангажман;
- Повисок степен на исполнување на неопходните квалификации.
Временска рамка, надомест и други услови
Процесот на развивање на кодексот на добри практики и подготовката на финалниот документ треба да заврши до 31 октомври 2021 г. Ангажманот предвидува потпишување договор за консултантските услуги со покриен персонален данок на доход. Предвидениот надомест за овој ангажаман е во бруто износ од 27.500,00 денари.
Консултативните состаноци ќе се одвиваат он-лајн преку платформата ZOOM.
Краен рок и потребни документи за пријавување
Најдоцна до 7.10.2021 г., заинтересираните кандидати треба да достават:
- Писмо за интерес (до 250 збора) во кое накратко ќе го образложат предложениот пристап што би го примениле и ќе се осврнат на личната мотивација за овој ангажман;
- Професионална биографија, која ќе го прикаже работното искуство релевантно за овој повик.
- Контакт за препорака од одговорно лице од граѓанска организација за која консултантот спровел релевантен процес од областа на развивање организациски политики или од областа на организацискиот развој: име и презиме, телефон и електронска пошта.
Документите за пријавување на повикот со назнака „Повик за консултант – кодекс на однесување“ треба да се достават електронски, на следната е-маил адреса:
Постапка за избор на консултант
Комисијата за избор на консултант ќе ги разгледа примените апликации, при што предвид ќе бидат земени само оние пријави коишто ја содржат комплетната документација и ги исполнуваат условите на повикот. Комисијата ќе изработи ранг листа на кандидати. Со најмногу тројца најдобро рангирани кандидати ќе биде спроведено интервју. Во зависност од резултатите од оценката на документација наспроти условите на повикот и евентуалното интервју ќе биде избран консултантот кому ќе му биде доделен ангажманот. Сите кандидати ќе бидат известени за резултатот од изборот по електронски пат во рок од 7 дена по затворањето на повикот.